Српската православна црква реагираше на медиумските написи во Србија, околу идејата на Вучиќ и патријархот Порфириј за основање универзитет Свети Сава. СПЦ тврди дека тенденциозни биле пишувањата на дел од медиумите дека овој универзитет е политички мотивиран, посоќувајќи дека од меморандум за соработка, идејата е претставена како договорен проект. Во соопштението СПЦ посочува дека медиумските формулации не се само стилски, туку суштински: тие го менуваат правното значење на документот и го преобликуваат односот меѓу учесниците, а во одредени случаи внесуваат значења кои во самиот текст не постојат.
-Најдалеку во тоа преиначување оди известувањето какво што го наоѓаме кај N1, каде што Меморандумот се претставува како веќе извршено основање на универзитетот. Со тоа се укинува основната разлика меѓу начелниот договор и неговата реализација: Меморандумот не е акт на основање, туку рамка за идна соработка. Во исто време, формулацијата во која државата основа, а Црквата учествува во основањето, воведува хиерархија која во самиот документ не е дадена. Таквото толкување не произлегува од содржината, туку од однапред поставената рамка во која оваа иницијатива се чита како спорна, стои во соопштението на СПЦ.
Меѓу другите медиуми е посочен и весникот Блиц, а СПЦ наведува дека таквото известување не произлегува од самиот текст на Меморандумот, туку од потребата на одредени медиумски чинители иницијативата да ја претстават како спорна уште пред да биде разгледана. На тој начин не се полемизира со содржината, туку се менува – или, ако сакате, се искривува – нејзиното значење.
-Она што во јавноста е претставено како ненадејна иницијатива, во стварноста е природен исход, односно очекувана последица на повеќевековната грижа на Српската православна црква за просветувањето на сопствениот народ. Од монашките и катедралните школи на Свети Сава, преку скрипториумите и библиотеките на средновековните манастири, па до просветните жаришта во расеаните, често скриени монашки обители за време на турското владеење, потоа духовната академија на епископот бачки Висарион Павловиќ, па сè до денес, сите поглавари на нашата Црква биле организатори, насочувачи и покровители на просветата. Таа долготрајна идеја во рамките на Српската православна црква денес добива појасен облик како црковна иницијатива да се воспостави институција во современа образовна рамка која ги поврзува знаењето, воспитувањето и духовното искуство. Тој правец во актуелниот момент дополнително се обликува преку дејствувањето на патријархот Порфириј, кој од почетокот на својата патријаршиска служба го препозна овој потфат како еден од столбовите на својот ангажман. Во таа смисла, Меморандумот не претставува нагол пресврт, туку чекор во правец што постои со векови и кој сега може да добие институционална рамка, стои во соопштението на СПЦ.
Српската црква посочува дека во исто време, самиот Меморандум треба да се разбере во неговата вистинска мера, односно дека тој не е конечно решение ниту готов институционален облик, туку вовед во сложен процес во кој допрва треба прецизно да се утврдат целите, методите на работа, внатрешната структура, како и односите меѓу учесниците.
-Станува збор за почетна рамка што отвора простор за сериозна и одговорна работа, а не за завршен чин што веќе сега произведува конечни последици. Затоа е важно да се задржи јасна мерка: да се препознае дека станува збор за почеток на процес што бара време, стручност и одговорност, но истовремено и да се укаже дека обидите тој процес однапред да се дискредитира не водат кон расправа, туку кон нејзино затворање уште пред да започне. Меморандумот не е средство за доминација, туку основа за соработка; не е исклучок, туку продолжение на една многу подлабока образовна идеја и не е проблем сам по себе, туку предмет на толкувања кои, во одредени случаи, намерно го оддалечуваат од неговото вистинско значење, објаснува СПЦ.

