Отвори ли владиката Петар фронт и со Руската црква?

Date:

Share post:

Последното соопштение на Австралиско-новозеландската епархија, кое е резултат на одлуките на епархиското собрание, последно под управа на владиката Петар, од јануари 2026 година отвора уште една интересна дилема.

Имено во одлуките на собранието се бара сите расчинети свештеници од оваа епархија да бидат третирани како мирјани, што значи да немаат право на учество во литургискиот живот на црквата. Конкретно во соопштението пишува: „Поради прекршување и непочитување на Актот (Став) на САС на МПЦ-ОА бр. 164 од 2015 г., којшто се однесува за отстранување на расчинетите свештеници на МПЦ-ОА, беше истакнато дека сите расчинетите свештеници и свештено-монашки лица, кои не се жалеле на Пресудите од првостепените (Епархиските црковни судови), како и црковните обвинители, кои не ги обжалиле Пресудите пред Апелацискиот суд, тогаш пресудите се правосилни, и за нив важи латинската девиза, res judicata, пресудена работа, и таа не може да биде предмет на помилување. Епархиското собрание бара САС да донесе одлука со која сите расчинети лица да бидат третирани исклучиво како мирски лица, а екскомуницираните мирски лица: Ицо Најдовски и Игор Аврамовски, само како неверници, и ним да не им се дозволува прием и комуникација со Архиjереите и свештените лица на МПЦ-ОА.“

Но, кои се всушност расчинетите свештеници и каде се сега тие?

Станува збор за шестмина свештеници на МПЦ-ОА кои беа дел од Австралиско-новозеландската епархија против кои владиката Петар во минатото поведе црковно-судска постапка и кои беа расчинети.

Двајца од тие свештеници се сега дел од другата епархија Австралиско-сиднејскa и тие редовно служат во црквите на епархијата со која сега администрира архиепископот Стефан, а пред тоа владиката Тимотеј.

Но она што е интересно е што четворица од тие расчинети свештеници веќе со години не се дел од МПЦ-ОА, туку се свештеници на Руската црква во Австралија. Откако Петар ги расчини тие заминаа во Руската црка и таму служат без какви било проблеми.

Владиката Петар во јавноста важи за близок пријател со Руската црква, беше дури две недели на поклоничко патување во Москва, а служеше и со Рускиот патријарх Кирил. Од оваа гледна точка се поставува прашањето зошто токму сега тој и неговата епархија, од која заминува како администратор, одлучила ова прашање да го стави на дневен ред? Тоа што Собранието на епархијата бара Синодот да го оконча нивното расчинување како конечно, практично значи дека Руската црква во своите редови во Австралија ќе има нелегитими и расчинети свештеници.

Дополнително, кога Руската црква ги примала во своите редови знаела дека тие свештеници се расчинети од владиката Петар и од МПЦ-ОА, но тоа беа времиња кога Руската црква ја сметаше МПЦ-ОА за шизматичка, и веројатно и расчинувањата не ги сметала за валидни. Но сега е друга ситуацијата, Руската црква не само што ја признава МПЦ-ОА за канонска црква, туку ја признава и нејзината автокефалност доделена од СПЦ.

Логичното прашање што се поставува е дали ако Руската црква го покани новиот владика на МПЦ-ОА во Австралија Никола на сослужување и ако на таа литургија се и дел од овие свештеници, Никола ќе сослужува или не, и ако сослужува, дали владиката Петар ќе бара и негово расчинување. Интересна дилема за размислување и за следење на состојбите.

Инаку, јавноста малку знае дека иако МПЦ-ОА го реши проблемот во Австралија со две епархии, канонски и легитимни, во изминативе 9 години владиците на тие епархии во Австралија и свештениците од тие две епархии во Австралија, никогаш не сослужуваа таму.

Причината е што иако Синодот има легитимна одлука, Петар избегнуваше во пракса да ја спроведува.

Има една неофицијална информација која вели дека во 2022 година, по канонското единство на МПЦ-ОА и решавањето на деценискиот пробелм со СПЦ, владиката Петар испратил писмо до помесните цркви кои во Австралија имаат свои епархии, да не сослужуваат со свештениците на Австралиско-сиднејската епархија и со тогаш сè уште живиот администратор на таа епархија владиката Тимотеј. Причината е токму ова што сега се случува, наводното расчинување и нелегитимноста на свештениците од таа епархија.

Би било добар архиепископот Стефан да се распраша кај помесните цркви во Австралија, Српската, Бугарската, Вселенската патријаршија, Романската, Антиохиската, за тоа писмо и дали како администратор официјален на таа епархија, ако некогаш ја посети, би сослужувале со него.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img