Црковниот живот во Силванија не смее да остане заложник на нерешени проблеми

Date:

Share post:

Повеќе од шест месеци по изборот на митрополитот Никола, прашањето веќе мора да биде конкретно: што се превзеде за решавање на проблемот во Силванија и каков резултат дадоа тие мерки? Дали се решаваат наследените проблеми или се следат насоки од поранешниот архиереј?

Пишува: Л. К.

Уште на 17 април годинава „Религија.мк“ објави дека македонската заедницa од Силванија останала без велигденски богослужби и причест, пренесувајќи парохиско соопштение од 8 април. Тогаш беше наведено дека службите не можат да се одржат поради околности надвор од контролата на црковниот одбор.

Храм во Австралиско-новозеландската епархија останал без богослужби за Велигден – никој не соопштува зошто

Изминатиот период од страна на Управата бевме известувани дека храмот ќе биде отворен само за лична молитва, а нема да се одржуваат богослуженија. Значи, загриженоста и отсуството на богослужбениот живот во оваа парохија е јавно присутна најмалку од Велигден до денес.

Од црковната општина пред неколку дена имаше известување за патување во руски храм на богослужение. Најавата дека верниците од македонскиот храм „Свети пророк Илија“ во Силванија се организираат да патуваат на Литургија во Коримал повторно го отвора прашањето за пастирската одговорност на надлежниот владика и епархијата. Во известувањето за 18 октомври беше понуден превоз до друга парохија, додека сопствениот храм беше повторно најавен како отворен за лична молитва. Во контекст на претходните случувања, ова бара многу посериозен одговор од обично објаснување за една неделна посета.

Посетите на други православни храмови се природен израз на црковното заедништво. Но кога една парохија претходно јавно соопштила дека не може да обезбеди богослужби, најновото организирано заминување на друго место оправдано го обновува прашањето: што е направено за нејзиното редовно опслужување? Верниците заслужуваат да знаат каков е статусот на протојерејот Димче Воиновски, кој ја обезбедува неговата замена и каков богослужбен распоред можат да очекуваат.

Повеќе од шест месеци по изборот на митрополитот Никола, прашањето веќе мора да биде конкретно: што се превзеде за решавање на проблемот во Силванија и каков резултат дадоа тие мерки? Дали се решаваат наследените проблеми или се следат насоки од поранешниот архиереј? Од црковната општина и заедница оправдано е да се очекуваат разговор со заедницата, јасна пастирска организација и видлив напредок. Наследениот проблем со текот на времето станува и одговорност на оној што ја презел управата.

За да се разбере тежината на случајот, треба да се потсети и на Епархиското собрание од 12 јануари 2026 година, одржано под претседателство на митрополитот Петар. Во официјалното соопштение (кое е сеуште достапно на сајтот на епархијата), објавено по изборот на митрополитот Никола на 27 март, е наведена одлуката храмот во Силванија и „Света Троица“ во Сатерланд да се обединат во една црковна општина со две парохии, со задржување одделни буџети, регистрации и сметки. Истото собрание ги потврдило и претходно донесените одлуки.

СООПШТЕНИЕ

Оттука, митрополитот Никола треба да објасни како оваа одлука се одразила врз Силванија: дали била спроведена, дали била прифатена од заедницата и дали обезбедила подобро свештеничко опслужување или пак напротив е причината што оваа заедница го изгуби богослужбениот живот. Административното преуредување мора да се оценува и според неговите пастирски последици. Ако верниците остануваат во неизвесност и ако таа одлука ги носи да се црквуваат во храмови под јуриздикција на останатите помесни православни цркви, потребно е преиспитување на пристапот.

Неразрешувањето на проблемот создава впечаток дека владиката Никола го продолжува правецот поставен во времето на митрополитот Петар. Тоа е оценка за видливиот континуитет во управувањето, а не доказ за нечии скриени инструкции. Проблемите треба брзо да се надминуваат. Особено затоа што незадоволството во Силванија претходи и на јануарското собрание. Според написот на „Религија.мк“ од 5 септември 2024 година, црковниот одбор и верниците на 3 август истата година побарале од Синодот нивната парохија, заедно со протојерејот Димче Воиновски, да биде префрлена во Австралиско-сиднејската епархија. Во обраќањето упатиле непосреден апел до архиепископот г. г. Стефан прашањето да биде поставено на синодска седница.

Нови проблеми во Австралија – Црковен одбор и верници бараат да бидат префрлени од епархијата на Петар во епархијата на Тимотеј

Ова барање покажува дека заедницата одамна укажувала на проблемите и предложила институционален излез во рамките на МПЦ–ОА. Затоа денес е потребен одговор и за тоа како било постапено по нејзиното обраќање. Дали верниците биле сослушани? Дали бил понуден одржлив договор? Дали сегашното уредување ја обновило нивната доверба?

Загрижува и насоката во која може да се движи една заедница кога нејзините проблеми долго остануваат нерешени. Учеството во друга православна парохија само по себе не значи напуштање на МПЦ–ОА. Но ако сопствениот храм не обезбедува стабилен духовен живот, постои реален ризик семејствата постепено да го пренесат своето редовно учество, а потоа и својата парохиска припадност, на друго место. Особено кај помладите поколенија, изгубената врска тешко се обновува.

 

Како споредна, но впечатлива паралела се наметнува посетата на српскиот патријарх Порфириј на Австралија. Во објавената програма за 18 октомври беше предвидена патријаршиска Литургија со осветување камен-темелник на Колеџот „Свети Сава“ во Варовил — истиот ден за кој Силванија организираше патување на Литургија во друга парохија.

Српската црква го проширува образованието во Австралија: нов објект за колеџот „Свети Сава“

Разликата во овие две слики е болна. Додека едно црковно раководство јавно ја поврзува својата мисија со развојот на храмови и образование, случајот со Силванија нè враќа кон основното прашање за сигурно богослужење во постоечки храм. Македонската заедница заслужува нејзината енергија да биде насочена кон иднината, наместо постојано да се троши во надминување на истите спорови.

Доколку митрополитот Никола и Австралиско-новозеландската епархија не можат да обезбедат одржливо решение, треба да се иницира разгледување пред Синодот. Преземањето на пастирската управа треба да се уреди со соодветна црковна постапка, почитување на важечките акти и утврдување на актуелната волја на заедницата.

Моменталните проблеми и претходното барање на верниците е конкретна основа за повторно отворање на ова прашање. Ако постојниот начин на управување не ја обезбедува потребната стабилност, одговорно е да се разгледа решение што ќе овозможи редовни богослужби, јасна свештеничка одговорност и обновување на довербата.

Во неодамнешната анализа „МПЦ–ОА во Австралија: меѓу потенцијалот на дијаспората и наследените проблеми“ беше нагласено дека македонската заедница располага со храмови, активни црковни општини и луѓе подготвени да вложуваат во нејзиниот развој. Нерешените конфликти ја трошат токму енергијата потребна за веронаука, работа со младите и посилен парохиски живот и углед помеѓу православните.

МПЦ–ОА во Aвстралија: меѓу потенцијалот на дијаспората и наследените проблеми

Црковната општина во Силванија е дел и конкретен показател како МПЦ–ОА ќе одговори на тој поширок предизвик. Дали и овој пат ќе го пропушти автобусот? Дали ќе го зачува и развива потенцијалот на своите верници или ќе дозволи нивната приврзаност да се истроши во чекање и бегање во други помесни цркви. Силванија заслужува редовна Литургија, пастирска сигурност и можност повторно да ја планира својата иднина.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img