Од Издеглавје до недовршената автокефалност: осумдесет и три години подоцна, дали МПЦ ја исполни својата историска одлука?

Date:

Share post:

На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, македонското свештенство постави темел на идејата за самостојно управување со црковниот живот во Македонија. Во услови на војна, окупација и поделени црковни јурисдикции, свештениците се собраа со јасна историска задача: црковниот живот да не биде определуван од надворешни центри, туку да се организира во согласност со потребите на македонскиот народ.

Меѓу одлуките што му дадоа историско значење на собирот беше отфрлањето на јурисдикцијата на туѓите цркви врз црквата во Македонија. Македонскиот јазик беше воведен во црковната администрација, беше формирано првото архијерејско намесништво на ослободената територија, а собирот стана една од клучните пресвртници во процесот на возобновување на Охридската архиепископија.

 „Со успоставуењето на Народно-ослободителната власт престанујат да важат сите закони и наредби от бившата окупаторска власт. Се кинат сите верски врски со верските установи што се најдувајат надвор от територијата на ослободената македонска земја. Сите свештеници на слободната територија административно потпаѓат под власта на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија… Матичните и други книги да се водат на македонски јазик. Строго се забрануе на сите свештеници да земајат високи такси за исполнувањето на верските обреди… Се задолжујат сите свештеници во својата парохија да држат проповеди во који ке му кажат на народот дека Народно-ослободителната војска не прави никакви пречки на вероисповедуењето и дава полна слобода на свештениците да си ја вршат својата верска работа како и до сега…“

Осумдесет и три години подоцна, оваа одлука не е само историски документ за пригодно одбележување. Таа е мерило според кое може да се постави прашањето за денешната положба на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА): колку од идеалот за самостојност е остварен, а колку сè уште зависи од волјата на другите помесни православни цркви?

Издеглавје како одговор на вековното прашање за јурисдикцијата

Одлуката за отфрлање на туѓите црковни јурисдикции мора да се разбере во историскиот контекст на Македонија во 1943 година. Црковната територија била изложена на влијанието на различни црковни центри, а прашањето кој има право да управува со православното население било неразделно поврзано со националниот идентитет и политичките претензии кон Македонија. Западниот дел на државата, кој е под окупација на Албанија ја има јуриздикцијата на Албанската црква. Источниот дел и Охрид, кој е под окупација на Бугарија ја има јуриздикцијата на Бугарската црква.

Следните децении ја претворија таа идеја во институционален процес. На Првиот црковно-народен собор во Скопје во март 1945 година беше донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија. Во 1958 година, на Вториот црковно-народен собор во Охрид, беше прогласено нејзиното возобновување. Во 1967 година, Третиот црковно-народен собор ја прогласи автокефалноста.

Тоа беше историскиот обид идејата од Издеглавје да се претвори во целосно самостојна црковна организација. Но прогласувањето на автокефалноста не доведе до општоправославно прифаќање. Следуваа децении изолација, спор со Српската православна црква и обиди да се најде решение што ќе ја зачува црковната самостојност.

Историската иронија е што прашањето за туѓите јурисдикции, отворено во Издеглавје, не исчезна со создавањето на МПЦ, ниту со прогласувањето на автокефалноста во 1967 година. Тоа продолжи да ја определува нејзината положба во православниот свет.

Во мај 2022 година, Вселенската патријаршија ја призна каноничноста на МПЦ-ОА и ја воспостави со неа евхаристиската заедница. Во истата година, Српската православна црква ѝ додели томос за автокефалност, а Руската православна црква во август ја призна МПЦ-ОА како автокефална црква-сестра.

Овие одлуки ја променија положбата на македонската црква. По повеќе од половина век изолација, таа повторно воспостави пошироки канонски односи и доби признание од значајни црковни центри.

Но процесот не ги отстрани сите прашања. Признавањето на каноничноста од Вселенската патријаршија и доделувањето томос од СПЦ не се ист чин, ниту имаат идентично значење во актуелниот православен спор за тоа кој и на кој начин ја потврдува автокефалноста.

Издеглавје постави принцип: црковниот живот во Македонија не треба да биде управуван од туѓи јурисдикции. Тој принцип подоцна беше преточен во институционалната борба за возобновување на Охридската архиепископија, во прогласувањето на автокефалноста во 1967 година и во децениското настојување таа самостојност да биде прифатена од православниот свет.

Денес, меѓутоа, се отвора прашањето дали МПЦ-ОА успеа да ја претвори историската победа во целосно заокружена црковна независност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img