Генералниот секретар на Светскиот совет на црквите, свештеникот Џери Пилеј, изрази сериозна загриженост поради наодите на Независната меѓународна комисија за истрага за Украина, поврзани со депортацијата и присилното префрлање на украински деца.
Во соопштението се наведува дека според извештајот на Комисијата, руските власти извршиле злосторства против човештвото преку депортација на деца од окупираните територии на Украина.
Комисијата утврдила дека илјадници деца биле одведени од Украина, многу од нив без согласност од нивните семејства или институции, што е спротивно на меѓународното хуманитарно право. Дел од децата не се вратени со години, а наместо тоа, биле интегрирани во рускиот систем преку промена на државјанство, посвојување или згрижување.
Од Светскиот совет на црквите посочуваат дека ваквите постапки ги лишуваат децата од нивните семејства, јазик, култура и татковина, нанесувајќи длабоки психолошки и духовни последици.
Организацијата оценува дека овие дејствија претставуваат сериозно прекршување на достоинството на детето и на семејните врски, како и дека се спротивни на меѓународното право, моралот и христијанските вредности.
Советот на црквите изрази солидарност со погодените деца и нивните семејства и ги повика руските власти на транспарентност и одговорност, нагласувајќи дека интересот на секое дете треба да биде на прво место.

