Антиохискиот патријарх Јован: Либан е заглавен во „минско поле“ на геополитички судири

Date:

Share post:

Либан се соочува со предизвици во кои судирите меѓу геополитичките сили директно се одразуваат врз неговата иднина, а зачувувањето на националното единство и соработката меѓу христијаните и муслиманите се неопходни за обновата на земјата. Ова било во фокусот на средбата на Антиохискиот патријарх Јован со либанскиот претседател Жозеф Аун, одржана на 21 октомври во претседателската палата во Баабда.

Патријархот Јован, кој предводел делегација на Светиот синод на Антиохиската патријаршија, предупредил дека Либан мора да се движи низ „минското поле на меѓународната политика“, во кое, како што оценил, судирите меѓу ривалските геополитички блокови носат нови разурнувања и страдања.

„Се потпираме на Вашата мудрост во овие тешки околности, во кои гласот на разумот и мудроста, што се стреми да го запре крвопролевањето и да воспостави правда и вистина, се судира со гласот на насилството, разурнувањето и окупацијата“, истакнал Антиохискиот патријарх.

Во своето обраќање, Јован посебно го нагласил значењето на Либан за христијаните на Блискиот Исток. Политичкиот систем на земјата се темели на распределба на политичката застапеност меѓу христијаните и муслиманите, а нејзината иднина, според патријархот, е тесно поврзана со зачувувањето на заедничкиот живот на различните верски заедници.

„Остануваме на овој Исток, како што кедрите остануваат во Либан“, рекол Јован, повикувајќи на подавање рака кон муслиманските сограѓани и заедничка работа за обновата на земјата.

Од своја страна, претседателот Жозеф Аун нагласил дека војните не се развиваат секогаш според предвидувањата на завојуваните страни и дека нивното завршување бара преговори и дијалог. Продолжувањето на воените судири, предупредил тој, носи уште поголеми разурнувања, жртви и крвопролевање.

Меѓу главните цели на преговорите Аун ги посочил повлекувањето на Израел од окупираните територии, ослободувањето на заробениците, враќањето на раселените лица, обновата на земјата и распоредувањето на либанската војска на целата државна територија.

Според либанскиот претседател, несогласувањата не се однесуваат на овие цели, туку на начинот на кој тие треба да се остварат.

„Кога Југот е ранет, раната го погодува целиот Либан“, рекол Аун, нагласувајќи дека државата има одговорност кон сите свои граѓани.

Тој посочил дека војните што му биле наметнати на Либан го попречиле враќањето на државните институции на југот и спроведувањето важни проекти, и покрај напредокот што, според него, бил постигнат во економските, фискалните, административните и судските реформи.

Аун ја нагласил и потребата од обновување на довербата меѓу граѓаните и државата, како и меѓу Либан и неговата дијаспора. Разновидноста на либанското општество, според него, треба да се третира како богатство, а не како причина за поделби.

„Имаме една татковина, едно знаме и еден идентитет“, истакнал претседателот, потсетувајќи на зборовите на папата Јован Павле Втори дека Либан е „порака“.

На крајот, Аун ги критикувал оние што поттикнуваат верски и догматски судири заради лични интереси или соработуваат со надворешни сили против сопствените сограѓани. Силата на Либан, порачал тој, треба да произлегува од единството и заемната поддршка на неговите граѓани.

Пораките на патријархот Јован и претседателот Аун се вкрстуваат во повикот Либан да ја зачува својата верска и национална разновидност во услови на регионални судири. За Антиохиската патријаршија, опстанокот на христијаните на Блискиот Исток е поврзан и со зачувувањето на заедничкиот живот со муслиманите, додека либанското раководство го поставува дијалогот како пат кон запирање на војната и обновување на државата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img