Отец Бобан за МИА: Света Петка била и останува блескав пример за сите христијани, поучувајќи ги да застанат на правиот пат

Date:

Share post:

Православните христијани утре го празнуваат споменот на Света Петка, поточно Преподобната Параскева (Петка) Епиватска. Култот на Света Петка е широко распространет во Македонија, нејзината икона е присутна во секоја црква, во секој манастир, а во речиси секое населено место во земјава има храм, посветен на неа, но и извори, лековити води, за кои се верува дека се благословени од светителката и се наречени петочни води.

Православната црква празнува три личности со исто име Параскева – Петка, а утре се празнува Света Петка Епиватска или Трновска. Во спомен на Преподобната Параскева Петка Трновска, Православната црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27 /14 октомври и што меѓу народот е познат како Петковден.

Многумина веруваат дека таа е заштитничка на жените и децата, болните, но и од разни несреќи, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева.

За житието, подвигот и значењето на личноста на Света Петка разговаравме со Бобан Митевски, свештенослужител во храмот „Свети Николај“ во населбата Аеродром.

Во разговор за МИА тој вели дека оваа светителка била и до денес останува блескав пример за сите христијани, поучувајќи ги со својот животен пат да застанат на правиот пат и да Го постават Христа над сè. Митевски нагласува дека таа живеела навистина подвижнички, незамисливо за денешниот човек – предавајќи се во крајна изолација од светот, во суровите предели на Јорданската Пустина.

-Главна инспирација за Света Петка, како што читаме од нејзиното житие, се Христовите зборови, предадени нам преку Евангелието: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека Ме следи. Сметам дека токму овој Божествен апел, кој станал modus vivendi за многу светители, е призивот што Бог му го испраќа на денешниот човек, изморен од секојдневието, од трката со времето и со предизвиците. Бог нè повикува на доброжртва, на благословен подвиг за да најдеме мир во себе, со ближниот и со Бога, нагласува Митевски.

Човекот, продолжува тој, денес е премногу свртен кон себе, а со тоа и отуѓен од повикот за кој е создаден – заедница со другите во Бога и со Бога.

-Затоа Господ нè повикува на откажување од старите ние, од себељубивиот човек којшто сака да си угодува, којшто е слуга на сопствените страсти. Затоа денес луѓето се депресивни и осамени – зашто не умеат да го понесуваат својот животен крст со смирение, не знаат да љубат преку самозаборав, вели Митевски во интервјуто за МИА.

Целото интервју на МИА

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img