„Тогаш господарот негов го повика и рече: „Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?” И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг. Така и Мојот Отец Небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.”
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Од многу аспекти сум ви говорел за денешново евангелие. Сега да видиме, дали оние што денес раководат со Црквата даваат пример на милост и прошка, како што гледаме во наведениот пример?
Ова евангелско четиво е големо предупредување за сите нас. Затоа што, често сме сведоци на разни „црковни“ спорови – кои се движат по еден однапред предвидлив – веќе беден, шаблон, но ретко гледаме пројава на духовност, нешто што пријатно ќе нѐ изненади, нешто што ќе ни ги разнежни срцата, нешто што ќе ни ја врати верата во луѓето што ја раководат Црквата, нешто што ќе ни ја врати надежта дека Црквата ќе може да опстане на овие географски простори.
Без оглед од нивото на „црковниот“ спор, шаблонот по кој таквиот спор се движи е постојано ист; најкратко опишано би го означиле како „барање на само човечка правда“ и заштита на сопствените интереси – високото мислење за себеси, својата позиција на власт и материјалната безбедност, а на голема штета на црковното сведоштво во светот – сведоштвото на Христовата љубов.
Вообичаено, оние што не се засегнати директно, наместо да придонесат кон воспоставување на мирот, заземаат страни во спорот и стануваат непосредни учесници во истиот – повторно на штета на црковното единство и Христовото сведоштво на љубов кон грешниот и повторно поради заштита на некои свои интереси, кои – сѐ заедно, се сведуваат на некаква овоземна сигурност и безбедност. А неверните, само се утврдуваат во своето неверување во Црквата, т.е. во Бог.
Тоа е, мили мои, резултат на неочистеното срце од страстите, на немањето на внатрешно духовно покритие за свештените чинови што ги носиме и за името – христијанин; и следователно, барање на сигурност во овоземното, т.е. резултат на поистоветувањето со државата, нацијата и партијата – наместо пастирскиот однос кон нив, а крајната цел е секогаш само сопствениот интерес. Најчесто, не се работи тука, за никаква Вистина, за никаква Црква и за никаков патриотизам; наведувањето на тие причини, во таков случај, е само параван за заштита на, како што претходно спомнав, сопствените интереси. Дури и непреземањето на мерки против некого е прашање на интерес.
Притоа, осамен лаик се елиминира лесно. На осамен свештеник и епископ, обично им се пронаоѓа грешка во материјалното работење и лесно биваат елиминирани, додека реалните причини најчесто се кријат. А кога се работи за повеќе лаици, свештеници и епископи – вообичаено, тие се прогласуваат за расколници.
Не велам дека некогаш нема и вистинска причина за преземање на канонски мерки, зборот ми е дека, најчесто нема обид за покривање на гревот, за простување, за давање на втора шанса – посебно кога грешката не е јавно позната и кога се работи за поединци. А кога се работи за цела една Помесна црква – на нејзини административни акти, воопшто не смее да се одговара со светотаински дејства – кога не е во прашање ерес; барем – не, за верните и свештенството, ако веќе истите, погрешно, се спроведуваат за високиот клир.
Забораваме дека педагошките мерки кои понекогаш треба да се преземат во Црквата, мораат за цел да ја имаат ресоцијализацијата, т.е. покајанието на грешникот, исправање на неговиот живот и негово враќање во полнотата на литургиската заедница – тоа е вистинската цел при користењето на светите Канони. Тоа е нашиот успех – покајанието на оној што згрешил и негово востановување, а не негова вечна елиминација; така, сите губиме. Не треба да имаме завршено правен факултет каде што ова се учи по предметот „Пенологија“ (Наука за казните); го имаме Евангелието Христово и евангелските примери. Богочовекот Христос не дојде да воспостави човечка правда – таа е враќање на злото со зло, туку Богочовечка правда – исцелување на грешниот. Милоста треба да го покрене покајанието, а не покајанието милоста.
Духовен човек гледа, на секој дозволен начин, да ја сочува душата на грешникот, но и единството, како и поредокот во Црквата. За нецрковни решенија, во црковни спорови, се потребни две страни – недуховни; една што не бара јавно прошка и друга што не дава јавно прошка, но и две кои јавно се самооправдуваат. Нашето меѓусебно непријателство не може да биде поставено над единството на Црквата и над сведоштвото на Христовата љубов; не може да го претвораме во идол. Мораме прво да ја видиме милоста што Богочовекот Христос ја покажа кон нас – и тоа додека уште бевме грешни. Како и да е, набрзо ќе дојде денот кога Господарот ќе побара сметка од сите нас – дали сме му го простиле малиот долг на нашиот ближен, како што Тој ни го прости нашиот огромен кон Него.

