Од Наум, преку Иларион, до Партениј – посетите на македонските архијереи на Атон стануваат ново сведоштво за постепеното продлабочување на односите меѓу МПЦ-ОА, Света Гора и Вселенската патријаршија
По 9 мај 2022 година, кога Вселенската патријаршија донесе одлука за воспоставување канонско и евхаристиско единство со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, тројца архијереи на МПЦ-ОА досега ја посетија Света Гора – митрополитот Струмички Наум, митрополитот Брегалнички Иларион и епископот Антаниски Партениј.
Нивните посети не се идентични по својот карактер, но заедно претставуваат интересна хронологија на постепеното отворање на Света Гора кон македонските архијереи во новата црковна реалност.
Особено значајно е што во овој период веќе не станува збор само за поклонички посети. Со Наум и Партениј се појавува и литургискиот аспект на односите, односно конкретното остварување на евхаристиското единство што беше воспоставено по одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година.
9 мај 2022 година – почеток на новата ера
На 9 мај 2022 година Светиот и Свештен Синод на Вселенската патријаршија донесе одлука со која ја прими во евхаристиско општење јерархијата, клирот и верниот народ на МПЦ-ОА, со што, според формулацијата на Цариград, беше „исцелена раната на расколот“.
Овој датум е клучен за разбирање на она што денес се случува на Света Гора.
Атон не е само едно од најзначајните монашки средишта на православниот свет. Света Гора е под духовната јурисдикција на Вселенската патријаршија. Оттука, секое официјално присуство на архијереј на МПЦ-ОА на Атон по 9 мај 2022 година има поширока симболика.
Тоа е практичен показател како одлуката од Цариград постепено се претвора во секојдневна црковна реалност.
Прв дојде Наум – и ја отвори литургиската врата
Од тројцата архијереи, митрополитот Струмички Наум ја направи една од најзначајните први чекори.
Во ноември 2025 година тој ја посети Света Гора и служеше Божествена Литургија во манастирот Ксенофонт.
Особено важен е фактот што на Литургијата со него сослужуваа архијереи и светогорски свештенослужители, меѓу кои и митрополитот Кирил од Имврос и Тенедос и игуменот на Ксенофонт, архимандритот Алексеј.
Со тоа посетата на Наум доби значење што оди подалеку од обична посета на светогорски манастир.
Тоа беше конкретен литургиски израз на новата реалност.
МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, преку својот архијереј, се сретнаа во Евхаристијата на Света Гора.
Иларион – продлабочување на монашките врски
Следен значаен чекор беше посетата на митрополитот Брегалнички Иларион.
Неговото присуство на Света Гора имаше повеќе монашки карактер. Тој посети повеќе светогорски манастири и оствари средби со игумени и монаси.
Особено значајно беше неговото присуство во Симонопетра и предавањето на дел од светите мошти на свети Гаврил Епископ Велички.
Овој тип на контакти е важен затоа што односите меѓу македонското и светогорското монаштво не се создаваат само преку официјалната црковна дипломатија.
Тие се градат преку личности, монашки братства, духовни старци и заедничко почитување на светителите.
Партениј – посебна тежина на посетата
Посетата на епископот Антаниски Партениј на Света Гора има тежина што ја надминува рамката на една вообичаена монашка или протоколарна посета. За него Атон не е нов духовен простор, ниту средина со која допрва се воспоставува однос. Неговата лична врска со Света Гора започнува уште пред 36 години, кога како млад богослов и искушеник престојувал во манастирот Григоријат, под духовното раководство на познатиот старец Георгиј Капсанис.
Во децениите што следувале, таа почетна духовна врска прераснала во трајно и продлабочено општење со светогорската монашка средина. Од Григоријат, кругот на непосредни односи постепено се проширувал кон бројни атонски братства, игумени и духовници, создавајќи континуирана црковна комуникација што се одржува и надградува со години. Преку тие врски, Партениј станува дел од поширок простор на духовно општење што природно се допира и со Вселенската патријаршија, под чија канонска јурисдикција се наоѓа Света Гора. Затоа неговото денешно присуство на Атон не може да се сведе на враќање на местото на неговото младешко духовно формирање. Зад него стојат повеќе од три и пол децении односи, доверба, лични духовни врски и црковна комуникација.
Суштинската новина на оваа посета е во нешто друго – Партениј за првпат на Света Гора богослужи како архиереј на МПЦ-ОА. За време на престојот тој престојуваше во повеќе светогорски манастири, меѓу кои Ватопед, Ксенофонт, Филотеј, Каракал, Ивирон, Ставроникита и Нов Есфигмен. Самата широчина на овие средби покажува дека не станува збор за изолиран контакт со една монашка заедница, туку за присуство во повеќе значајни средишта на светогорското монаштво. Централниот момент на посетата беше празнувањето на славата на Кутлумушкиот скит „Свети Пантелејмон“ во Кареја. Епископот Партениј таму пристигна по покана на братството на скитот, за да претстои на сеноќното бдение и да чиноначалствува со Божествената литургија.
Токму таму посетата доби и поширока црковна димензија: Партениј богослужеше во присуство и во сослужение со архиереј на Вселенската патријаршија. Овој факт не е без значење. Света Гора не е автокефална помесна црква. Таа има посебен самоуправен статус, но канонски се наоѓа под јурисдикција на Вселенската патријаршија. Затоа приемот на архиереј на МПЦ-ОА во светогорските обители, поканата да претстои на празничните богослужби и сослужението со архиереј на Вселенската патријаршија неизбежно се читаат и во поширокиот контекст на процесите започнати со одлуката на Цариград од 9 мај 2022 година. Со таа одлука Вселенската патријаршија ја прими Црквата во Македонија во евхаристиско општење, со што беше отворен патот за нејзино повторно вклучување во поширокиот православен простор. Но вистинската тежина на една таква одлука не се исцрпува во официјалниот акт. Таа станува видлива тогаш кога нејзините последици почнуваат да се чувствуваат во конкретниот живот на Црквата – во сослужувањата, братските средби, монашките контакти и непосредната комуникација меѓу црковните средини.
Бигорски како мост кон Атон
Ако личната врска на Партениј со Света Гора започнува уште во неговите младешки години, тогаш во децениите што следувале таа добила и поширока монашка димензија – преку Бигорскиот манастир и неговото братство. Бигорски со децении е силно насочен кон светогорското монашко предание. Неговиот монашки живот, типикот, богослужбениот поредок и аскетскиот дух во значајна мера се напојуваат од искуството на Атон. Но таа врска не останала само на нивото на духовна инспирација или историско почитување. Со текот на годините, заемните посети меѓу Бигорскиот манастир и Света Гора станале природен и редовен дел од животот на двете монашки средини. Светогорски игумени, монаси, духовници и црковни великодостојници го посетувале Бигорски, додека епископот Партениј и членовите на Бигорското братство престојувале во атонските обители, учествувале во богослужби и ги продлабочувале непосредните врски со светогорските братства. Монасите од Бигорски добиваат покани за богослужбено учество и сослужување на Света Гора, а светогорски монаси и духовници возвратно го посетуваат манастирот. Со текот на времето, таквата комуникација ја надминала рамката на повремени или куртоазни средби и прераснала во трајна духовна блискост, меѓусебна доверба и монашко општење.
Во таа смисла, улогата на Партениј е клучна. Неговото лично духовно формирање на Атон, повеќедецениските односи со светогорските братства и монашкиот модел што потоа се развива во Бигорски создаваат една јасна линија на духовен континуитет. Затоа неговото прво богослужење на Света Гора како архиереј на МПЦ-ОА не воспоставува нова врска од почеток. Тоа ѝ дава нова, архиерејска димензија на една одамна изградена и длабоко вкоренета духовна врска.
Продолжувањето на процесот на нормализација на односите е она што реално може да се очекува и во периодот што следува – повеќе меѓусебни посети, заеднички богослужби, гостувања на светогорски монаси во Македонија, продлабочување на врските меѓу монашките братства и продолжување на непосредните контакти со Вселенската патријаршија.
Одлуката на Цариград од 2022 година беше почетокот; нејзините вистински последици денес сè повеќе стануваат видливи токму во ваквите средби и сослужувања. Во таа смисла, ниту посетите на Наум и Иларион, ниту сегашното присуство на Партениј на Атон треба да се набљудуваат како изолирани настани. Секоја од нив има различен карактер, различна тежина и различен контекст, но заедно тие означуваат различни етапи од еден ист процес – постепеното враќање на МПЦ-ОА во природните текови на поширокиот православен простор.
Токму затоа Наум, Иларион и Партениј не се само тројца македонски архијереи кои во различни периоди го посетиле Светогорскиот Полуостров. Нивните посети покажуваат дека вратата која беше отворена со одлуката на Вселенската патријаршија во 2022 година постепено добива своја реална црковна содржина – преку присуство, прием, молитва и сослужување. А во тој процес Света Гора има особена тежина.

