Митрополитот Епифаниј Киевски и на цела Украина упати остри критики кон Московската патријаршија, обвинувајќи ги нејзините приврзаници дека ја оспоруваат автокефалноста на Православната црква на Украина и дека повиците за дијалог и црковен мир ги толкуваат како знак на слабост.
Епифаниј ова го изјави во својата беседа на 16 август, на Единаесеттата недела по Педесетница, во катедралниот храм „Свети Михаил Златоврв“ во Киев, објави Orthodox Times.
Осврнувајќи се на Првото послание на апостол Павле до Коринтјаните, украинскиот митрополит ја спореди позицијата на Москва кон Православната црква на Украина со противењето со кое се соочувал апостол Павле од оние кои го доведувале во прашање неговото апостолство.
Епифаниј оцени дека приврзаниците на Московската патријаршија се обидуваат легитимноста на Православната црква на Украина да ја утврдуваат според правила што самата Москва ги поставила.
„Тие нè обвинуваат нас, Православната црква на Украина, затоа што не сме добиле признание од нив или според правилата што тие ги измислиле“, рече митрополитот.
Според него, Москва како слабост ја толкува и „смиреноста и трпението“ на Православната црква на Украина кон продолжувањето на постоењето во Украина на јурисдикција поврзана со Москва, како и повиците за дијалог и црковен мир.
„Нашиот помирлив пристап никој не треба да го толкува како доказ дека немаме право да постапуваме на овој начин или дека самите се сомневаме во тоа право“, порача Епифаниј.
Поглаварот на Православната црква на Украина посебно нагласи дека признавањето на неговата црква не зависело од одлуката на Московската патријаршија.
„Не ја добивме нашата автокефалност од Москва. Не Москва ни го даде томосот, ниту признавањето на автентичноста на нашата Црква зависеше од Москва“, изјави Епифаниј.
Тој додаде дека Православната црква на Украина го добила томосот за автокефалност од Вселенскиот патријарх, кого го опиша како „прв меѓу поглаварите на Православната црква“.
Според Епифаниј, токму томосот на Вселенската патријаршија претставува канонска основа за статусот на Православната црква на Украина како автокефална помесна црква, без оглед на тоа дали Москва го признава тој статус.
Епифаниј се осврна и на присуството во Украина на црковната структура поврзана со Московската патријаршија.
Тој рече дека Православната црква на Украина, наместо да применува построги канонски мерки, избрала да повикува на братски дијалог, меѓусебно разбирање и единство.
Притоа, тој направи споредба со постапките на Александриската патријаршија кон руските црковни структури во Африка, чии претставници ги нарече „руски црковни узурпатори“.
Во завршницата на беседата, митрополитот Епифаниј ја нагласи посебната одговорност на Православната црква на Украина кон украинското општество и државата.
„Дури и ако некаде далеку некои не нè сметаат за Помесна црква – исто како што некои не го сметале Павле за апостол – за Украина ние сме Помесната црква“, рече тој.
„Ќе продолжиме цврсто да го разобличуваме лажното учење на ’Рускиот свет‘ и веруваме дека, со нашите заеднички напори и со Божја помош, ќе успееме“, порача поглаварот на Православната црква на Украина.

