Српскиот патријарх Порфириј и на денешната заупокоена литургија за митрополитот бачки Иринеј Буловиќ во Нови Сад, при Големиот вход, кога литургиски се спомнуваат поглаварите на автокефалните православни цркви, архиепископот Стефан го спомена само како „Охридски Стефан“, без придавката „Македонски“.
Ова не е првпат Порфириј да ја користи ваквата формулација. Напротив, станува збор за практика што српскиот патријарх ја применува подолг период, и покрај тоа што во Томосот за автокефалност што СПЦ ѝ го додели на МПЦ-ОА на 5 јуни 2022 година, поглаварот Стефан е именуван како „Архиепископ охридски и македонски“.
Денешната литургија во Нови Сад се одржа во присуство на архијереи од повеќе помесни православни цркви, меѓу кои и претставници на Грчката православна црква. Сепак, отсуството на придавката „Македонски“ не може да се објасни само со присуството на архијереи од грчкиот црковен блок, бидејќи Порфириј истата формулација ја користел и на други богослужби, вклучително и кога не станувало збор за ваков мешан состав на сослужители.
Религија.мк и претходно укажуваше на оваа практика. Во октомври 2024 година редакцијата објави дека Порфириј во литургиите го спомнувал Стефан прво како „Архиепископ на Северна Македонија“, а потоа само како „Охридски Архиепископ“, без македонската одредница. Исклучок беа одредени заеднички сослужувања, на кои ја користеше целосната титула „Охридски и Македонски“.
Во македонската јавност често се застапува тезата дека со Томосот од 2022 година СПЦ го признала и името Македонска православна црква – Охридска архиепископија, како и титулата „Архиепископ охридски и македонски“ за нејзиниот поглавар.
Формалното наведување на титулата „Архиепископ охридски и македонски“ во Томосот е факт. Но исто така е факт дека српскиот патријарх во своите литургиски спомнувања редовно ја изоставува македонската одредница.
Што зборуваше Иринеј Буловиќ за името и титулата?
Особено значаен е и ставот на покојниот митрополит Иринеј Буловиќ, еден од главните креатори на црковната дипломатија на СПЦ, кој во последните години отворено ги објаснуваше позициите на српската црковна хиерархија за името на МПЦ-ОА.
Во јуни 2022 година, непосредно по доделувањето на Томосот, Буловиќ објави опширна анализа на грчки јазик, насловена „Имиња и нешта“, во која ги образложи позициите на СПЦ за именувањето на Македонската црква. Во неа објасни дека СПЦ ниту го воведува, ниту инсистира на употребата на името „Македонска православна црква“, ниту на името „Охридска архиепископија и Северна Македонија“, ниту на кое било друго име. Според неговото образложение, прашањето останува отворено и треба да се реши со договор меѓу гркојазичните помесни цркви и МПЦ-ОА.
Во јануари 2023 година, во интервју за српскиот магазин „Печат“, Буловиќ повторно го потврди овој став. Тој рече дека СПЦ ќе го прифати секое име што ќе биде резултат на општ договор и согласност, а дотогаш го прифаќа името со кое самата црква се именува – „Македонска православна црква – Охридска архиепископија“.
Со други зборови, за Буловиќ доделувањето на Томосот не значело и конечно затворање на прашањето за црковното име.

