МПЦ-ОА „Архангел Михаил“ во италијанското Неиве ја одбележа црковната слава

Date:

Share post:

Македонската православна црковна општина „Архангел Михаил“ во италијанскиот град Неиве, во саботата на 21 ноември, го одбележа празникот на својот патрон, Светиот Архангел Михаил. Црковната општина годинава одбележува 21 година од своето постоење.

Празничните богослужби, вечерната служба и Божествената литургија, се одржале во присуство на голем број верници, Македонци и нивни пријатели, а храмот бил исполнет до последното место.

Со црковната заедница и верниците празникот го одбележал парохискиот свештеник, отец Михајло Матевски, кој со својата пастирска работа придонесува за духовниот живот и единството на македонската заедница во овој дел на Италија.

На прославата присуствувал и католичкиот владика Марко, кој им го честитал празникот на православните верници. Неговото присуство било истакнато како потврда за добрите односи и соработката меѓу православната и Католичката црква во локалната средина.

Меѓу гостите биле и претставници на италијанските институции и локалната власт, карабинери, градоначалникот на Неиве Паоло Пичинели, заменичката градоначалничка Луиза Бофа, како и општинската советничка со македонско потекло Силвана Трајановска.

Од црковната општина посочуваат дека присуството на локалните власти и претставниците на институциите е потврда за добрите односи меѓу македонската заедница и локалното население, како и за меѓусебната почит и соработка.

Во пораката по повод прославата, посебна благодарност е упатена до отец Михајло Матевски, неговото семејство, црковниот одбор и верниците кои со својата посветеност го одржуваат црковниот живот.

Во пораката е пренесена и пораката на митрополитот Пимен: „Да се интегрираме, но да не се асимилираме“, како повик до македонските иселеници да ги чуваат јазикот, верата и националниот идентитет, истовремено градејќи добри односи со општеството во кое живеат.

Македонската православна црковна општина „Архангел Михаил“ во Неиве веќе 21 година претставува духовно собиралиште на Македонците во овој дел на Италија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img