Турските власти одобриле доделување државјанство на 21 архијереј и свештенослужител на Вселенската патријаршија, откако патријархот Вартоломеј побарал од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да им биде овозможено стекнување со турско државјанство, пишува Булевар.мк.
Сепак, засега не е познато дали одлуката ги опфаќа сите лица за кои Вартоломеј поднел барање, со оглед на тоа што претходно грчките медиуми објавија дека списокот содржел 25 митрополити.
Информацијата за одобрените државјанства ја објави американскиот весник „The National Herald“, повикувајќи се на извори од Вселенската патријаршија. Според објавата, на 27 јули 2026 година Вартоломеј лично му предал на Ердоган список со имиња и црковни функции на лицата за кои побарал турско државјанство.
Турската Дирекција за државјанство, пред околу две недели, телефонски го известила Фанар дека претседателството ги одобрило доставените имиња. За завршување на постапката останувале уште формалните административни чекори.
Според објавениот список, меѓу лицата за кои е одобрено доделувањето државјанство се архиепископите Макариј од Австралија, митрополитите Висарион од Шпанија и Португалија, Кирил од Родос, Амфилохиј од Адријанопол, Јосиф од Проконес, Јов од Писидија и Евангел од Сард.
На списокот се и тројца помошни епископи – Амвросиј од Евдокијада, Смарагд од Дафнусија и Исидор од Анида, како и десетмина свештенослужители од патријаршискиот двор, меѓу кои архимандритот Аетиј, директор на приватната канцеларија на патријархот Вартоломеј.
Само неколку дена пред оваа информација, на 17 ноември, грчкиот весник „Катимерини“ објави дека Вартоломеј доставил барање за доделување турско државјанство на 25 митрополити.
Во таа објава не беа наведени сите имиња, ниту беше објавен документ од турските власти за одобрувањето на барањето.
Прашањето има пошироко значење за иднината на Вселенската патријаршија и изборот на наследникот на Вартоломеј. Турското државјанство е еден од клучните услови што треба да ги исполнува архијерејот за да може да биде избран за вселенски патријарх.
Со добивањето државјанство, митрополитите од црковните области надвор од Турција можат да ги исполнат законските предуслови за учество во изборот и за евентуална кандидатура за патријаршискиот престол. Кај помошните епископи и свештенослужителите, државјанството само по себе не значи стекнување право на глас.
Со оглед на малубројноста на православната грчка заедница во Турција и ограничениот број архијереи кои ги исполнуваат условите, доделувањето државјанства на црковни великодостојници од дијаспората е значајно за идниот состав на изборното тело.

