Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и епископот Хераклејски Климент учествувале на свечена литургија во Покровскиот женски манастир во Москва, на која била прочитана и молитвата „За Света Рус“, чија содржина ја поврзува руската војна со Украина со идејата за одбрана на единството на рускиот народ и православното наследство на историска Рус.
Богослужбата се одржала на 22 ноември, по повод именденот и 145-годишнината од раѓањето на Матрона Московска. Литургијата ја предводел митрополитот Каширски Теогност, претседател на Синодалниот оддел за манастири и монаштво на Московската патријаршија, а заедно со него сослужувале македонските архиереи Георгиј и Климент, како и архиепископот Пјатигорски и Черкески Теофилакт.
Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, за време на сугубата ектенија биле упатени посебни молитвени прозби, а молитвата „За Света Рус“ ја прочитал митрополитот Теогност. По литургијата била одржана литија околу храмот, а пред моштите на Матрона Московска било извршено молебно прославување.
Молитвата „За Света Рус“ има посебно значење во актуелниот црковен и политички контекст. Ја воведе рускиот патријарх Кирил во септември 2022 година, неколку месеци по почетокот на руската инвазија врз Украина, а потоа побара таа редовно да се чита на богослужбите во храмовите на Руската православна црква.
Во неа се зборува за непријатели кои се кренале против „Света Рус“ со намера да го разделат и уништат единствениот руски народ. Од Бога се бара победа за неговиот народ, а посебно се споменуваат војниците и бранителите на татковината, за кои се бара заштита од смрт, ранување и заробеништво. Се упатуваат молитви и за луѓето кои останале без домови, болните, страдалниците и загинатите.
Поимот „Света Рус“ не е официјално име на руската држава, туку историски, религиозен и цивилизациски концепт кој се повикува на заедничкото православно наследство на Киевска Рус и духовната поврзаност на Русија, Украина и Белорусија. Во современата црковна реторика на Московската патријаршија, тој се користи и за изразување на идејата за единствена духовна и црковна целина, во која Москва има централна улога.
Токму формулациите за единствениот народ и барањето победа ја прават молитвата спорна, особено во контекст на војната во Украина. Нејзината содржина ја поставува војната во рамката на одбраната на „Света Рус“, а не само како воен конфликт меѓу две држави. Читањето на молитвата предизвика несогласувања и во самата Руска православна црква. Дел од свештениците одбиле да ја читаат или јавно се спротивставиле на нејзината содржина, по што следувале и црковни дисциплински постапки.





