Исламската верска заедница (ИВЗ) соопшти дека обезбедила градежна дозвола за изградба на нова административна зграда на својот имот во близина на Скопското Кале. Соопштението, објавено на 20 ноември, поглаварот Шаќир еф. Фетаи го претставува како значајно институционално достигнување, резултат на повеќегодишни напори и соработка со повеќе институции.
Новото седиште треба да ги обедини дирекциите и административните единици на Ријасетот, а од ИВЗ го најавуваат како инвестиција во модернизацијата на институцијата и подобрувањето на услугите за верниците и поширокото општество.
Во соопштението Фетаи им се заблагодарува на сите структури на ИВЗ, муфтиствата, Факултетот за исламски науки, Медресата „Иса Беу“, имамите и верниците, но посебно ги споменува и напорите на поранешниот поглавар Сулејман еф. Реџепи.
Благодарност е упатена и до Владата, Градот Скопје, Општина Центар и претставниците на албанската владејачка коалиција ВЛЕН, за нивниот придонес во реализацијата на проектот.
Земјиштето кај Кале – проблем уште од времето на Реџепи
Зад актуелната најава за новата зграда стои и подолга историја на нерешени имотно-правни прашања на ИВЗ.
Во март 2019 година, тогашното раководство на Заедницата, предводено од Сулејман Реџепи, јавно говореше за проблемите со денационализацијата и враќањето на верскиот имот. Според тогашните информации на ИВЗ, биле поднесени околу 350 барања за денационализација, од кои биле завршени само 40 проценти, додека останатите биле предмет на спорови.
Но, за денешниот проект особено е значајно што во истиот период ИВЗ барала државата да ѝ овозможи изградба на резиденција за поглаварот Сулејман Реџепи, со придружни објекти, на земјиште во близина на Француските гробишта, во поширокото подрачје на Скопското Кале.
Тогаш од ИВЗ тврделе дека претходната влада им ветила можност да го откупат земјиштето, но дека тоа во меѓувреме било продадено на бизнисменот Орце Камчев и групацијата МПМ.
Во тогашните изјави на ИВЗ се споменува и дека биле вложени 80.000 евра сопствени средства за урбанизација на тој простор, со барање за промена на урбанистичкиот план на Општина Центар.
Засега нема документација со која може да се потврди дека земјиштето за кое се говорело во 2019 година е истото на кое сега ќе се гради новото административно седиште. Но, временската и просторната поврзаност отвораат прашања за тоа како се развивале имотно-правните односи и како биле надминати пречките за реализација на проектот.
Нови урбанистички планови во 2026 година
Дополнителен контекст претставуваат и одлуките на Советот на Општина Центар од март годинава, кога биле донесени деталните урбанистички планови за градските четврти ЦС 14 „Кале и СРЦ Кале“ и ЦС 01 „Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2“.
Од Општина Центар тогаш соопштија дека за првпат се донесува детална урбанистичка документација за просторот околу Скопското Кале.
Со планот за просторот под Калето, на приватно земјиште се предвидени пониски хотелски објекти со катност П+3, додека на државно земјиште се предвидува парковско зеленило. Во другиот урбанистички опфат е предвиден спортски објект на државно земјиште, како и зелени површини и јавна инфраструктура.
Две нови инвестиции на ИВЗ
Покрај административната зграда во близина на Скопското Кале, ИВЗ најави и поставување камен-темелник за спортска сала во Исламската гимназија „Иса Беу Медреса“, во Кондово, општина Сарај.
Во соопштението не се наведени вредноста на двете инвестиции, изворите на финансирање, површината на административниот објект, изведувачите и роковите за завршување.
Новата административна зграда, според Фетаи, ќе биде институционален имот и заедничко наследство на сегашните и идните генерации на ИВЗ.

