Автокефалност со туѓи епархии – каде е вистинскиот проблем на МПЦ-ОА?

Date:

Share post:

Пет години по Томосот на СПЦ, прашањето за јурисдикцијата врз македонските епархии останува отворено. Што точно прифати МПЦ-ОА во 2022 година, што пишува во црковните документи и зошто за овие прашања сè уште нема јасни одговори?

Пишува: Марјан Николовски

Руските агентури повторно се пуштени од ланец. Две-три мои изјави изминативе месец дена предизвикаа толкава возбуденост кај целата руска булумента во Македонија, што почнале да ’ржат на сите страни. Закани, притисоци се само дел од нивната шовинистичка агенда. Во оваа прилика, сакам да привлечам внимание и на Здружението на новинари и на Самостојниот синдикат на новинари околу омразата и повиците за линч, што кон мене ги шират неименувани профили на социјалните мрежи. Јас педантно сите ќе ги пријавам во МВР, а секој што со име и презиме ќе продолжи да клевети и навредува ќе го процесирам пред суд. Таму на пример Тодор Петров, за слични клевети, беше првостепено осуден.

Но да се вратам на суштината. Немам никаква намера да некого разубедувам во моите ставови и позиции, ниту пак да го терам да мисли како мене. Јас сум новинар, професионален, кој повеќе од 30 години се занимава со религија и односи на религија и држава и ги следи сите процеси, фала му на Бога солидно информиран, рационален, и со добра меморија, долгогодишно искуство, што ми дава право да бидам аналитичар на таквите процеси.

Бидејќи разни битанги си земаат право тие да одлучуваат и одредуваат што е национален интерес и низ форми на лажен патриотизам да повикуваат на линч, само поради моите ставови, во оваа прилика им оставам простор да си најдат сами одговори на две суштински прашања кои се поврзуваат со автокефалноста на МПЦ-ОА. Ако си најдат одговори, нека сами си заклучат дали МПЦ-ОА е, или не е автокефална црква во овој момент.

Кога зборуваме за автокефална црква, зборуваме за поставените древни канони за тоа што Православната црква смета за автокефална, а не за тоа дали јас или некој друг смета дека МПЦ-ОА е автокефална. За мене таа црква е автокефална од 1967 година и во годините на нејзините најтешки премрежја од 2002 до 2022 година, јас бев столб на одбраната на таа автокефалност, додека разни високи и ниски претставници на клирот на МПЦ-ОА тогаш криејќи се под мантија, збор не изустуваа, ама по цели вечери хвалоспеви на телефон ми искажуваа … Сега тие истите се фронтмени на омразата што се шири против мене, само заради тоа што одлучиле да им се допаднат на општите маси, ако воопшто се општи, а веројатно се еден мал дел од ботизираното македонско општество.

Значи. Да расчистиме. МПЦ-ОА е автокефална црква, затоа што за таква се устроила уште од 1967 година. Но уште од следниот ден по црковно-народниот Собор одлучила самата да тргне во процес во легитимирање на таа автокефалност, процес кој треба да заврши со полноправно членство во Едната Света Соборна и Апостолска Православна Црква. Дали МПЦ-ОА денеска е таква автокефална црква, пишува во еден од записниците на Синодот на МПЦ-ОА, на една од последните седници на кои учествува и поранешниот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј. Побарајте да Ви биде доставен на увид тој записник, за да може да расчистите, пред се во себе околу тоа прашање. Јас знам што пишува, но засега немам намера да се докажувам.

Во јуни 2027 година ќе се навршат пет години откако СПЦ издеде Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Еден од владиците на МПЦ-ОА кој е главниот протагонист на мојот линч има две книги напишано. Едната е дека МПЦ-ОА е автокефална и дека не и треба Томос од никого. Втората е дека МПЦ-ОА е автокефална црква и дека Томосот од СПЦ и е доволен. Неговите писанија обично се теза и побивање на тезата во исти текст, така што човек кога ќе ги чита има впечаток дека текстот го пишувале две лица.

Но, јас сите овие години барам одговори на суштинските прашања, а не на популистички флоскули.

На пример, дали во тие пет години дали СПЦ се откажа од јурисдикцијата врз епархиите во Македонија, за да може МПЦ-ОА да биде вистинска автокефална црква, своја на своето, како што би рекле некои?

Одговорот е Не! Поминаа пет собори до сега, а во мај 2027 ќе биде и шестиот Собор на кој СПЦ нема никаква одлука дека епархиите во Македонија не се нејзини. Односно, нема никаков заклучок на Собор со кој таа се откажува од оваа јурисдикција. Нема одлука на Собор тие епархии да бидат избришани од Уставот на СПЦ. Јас како новинар досега три пати сум барал официјален став и од Соборот на СПЦ, од Синодот на СПЦ од Кабинетот на Порфириј, дали и кога СПЦ ќе донесе одлука дека се откажува од јурисдикцијата на епархиите во Македонија? Како одговор добив шипинки … Еве, бидејќи мене никој не ме тангира, може Синодот на МПЦ-ОА официјално да го постави тоа прашање пред сестринската СПЦ? Што мислите ќе го постави?

Но, СПЦ има историски пример на отстапување своја јурисдикција на друга помесна црква. Во 1948 година, Чешко-моравската епархија ја отстапила под јурисдикција на Руската православна црква. И таа одлука правно ја евидентирала и во својот Устав. Во случајот со МПЦ-ОА, меѓутоа, нема таков правен акт со кој СПЦ формално се откажува од својата јурисдикција и тоа го внесува во сопствениот Устав. Разликата е очигледна – кога станува збор за Руската црква и кога станува збор за МПЦ-ОА.

Ако сакаме да зборуваме за вистинска автокефалија, не можеме да го занемариме фактот дека епархиите на кои ни е призната таа автокефалија се туѓи, без разлика што де факто тие се наши. Кога Фанар во 1922 година издава Томос на Обединетата православна црква на Кралството СХС во Томосот опишува од кои епархии се откажува и дека и ги дава на таа црква. Во Томoсот што СПЦ го издава 2022 година за автокефалност на МПЦ пишува дека епархиите на кои се признава автокeфалнсота се епархии на СПЦ.

„врз основа на одлуката на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква АСбр. 47/зап. 8 од 16/3 мај тековната година, со која Соборот со најдлабока благодарност кон Господа, во Троица секогаш славен, и со голема радост ја прифати одлуката на Неговото Блаженство Архиепископот охридски господин Стефан и околу него собраниот Свет Архиерејски Синод, со која се прифаќа општопризнатиот канонски статус НА ЕПАРХИИТЕ НА СРПСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ДОДЕЛЕН ВО 1959 ГОДИНА, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, и, бидејќи со тоа се отстранети сите причини за прекин на литургиското и канонското општење, предизвикан со едностраното прогласување на нивната автокефалност под името „Македонска Православна Црква“ во 1967 година, го воспостави полното евхаристиско општење и канонското единство со споменатата Црква, констатира дека дијалогот за нејзиниот иден, конечен канонски статус е реално возможен, легитимен и целисходен, дека Српската Православна Црква го прифаќа, дека во него ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските начела и црковно-пастирските потреби и дека, по решавањето на прашањето за статусот, нема да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во поглед на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во расејувањето ширум светот, со братска препорака истата прашањето за својот официјален назив да го реши во непосреден братски дијалог со елинофонските и останатите помесни Православни Цркви,“ Ова го пишува во Томосот на СПЦ. Читате ли убаво дека МПЦ-ОА признала и се согласила дека епархиите во Македонија се јурисдикција на СПЦ.

Дополнително читате ли што пишува овде? „Соборот со најдлабока благодарност кон Господа, во Троица секогаш славен, и со голема радост ја прифати одлуката на Неговото Блаженство Архиепископот охридски господин Стефан и околу него собраниот Свет Архиерејски Синод, со која се прифаќа општопризнатиот канонски статус НА ЕПАРХИИТЕ НА СРПСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ДОДЕЛЕН ВО 1959 ГОДИНА, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност“. Знаете што пишува овде? Пишува дека некој во МПЦ-ОА одлучил да се откаже од автокефалноста прогласена 1967 година и да прифати автономија, макар и на десет дена. Но тоа не е главниот проблем. Таквата одлука секако беше неизбежна. Главниот проблем е што некој одлучил самоиницијативно да укина Соборска одлука, без за тоа да има одлука на Собор на МПЦ-ОА. Автокефалноста е прогласена на Собор, а според Уставот на МПЦ-ОА, Соборот е тој кој може таквата одлука да ја укине. Зошто не прашате кој се ставил на Соборот и одлучил дека МПЦ-ОА прифаќа да биде автономна на еден период, но што е уште пострашно и дека признава оти епархиите во Македонија се јурисдикција на СПЦ?

Зошто оваа тема за епархиите е клучна. Покојниот митрополит на СПЦ во Црна Гора, Амфилохије, кој во интервју за Слободен Печат пред десет години кажа дека СПЦ нема право да дава автокефалија, туку само може да ја предложи пред Вселенската патријаршија, во едно предавање (имате видео од него) во 2015 година зборува за тоа дека онаа црква која дала јурисдикција врз епархии на некоја друга црква има право и да ја одземе. Тој тогаш зборува за СПЦ, односно за епархиите во Македонија, Црна Гора и делови од Босна, кои во 1922 година Вселенската патријаршија и ги отстапува на СПЦ. Знаете што значи тоа? Тоа значи дека ако Фанар издаде Томос за автокефалност на МПЦ-ОА, во тој Томос ќе мора да ја опише јурисдикцијата на кои епархии функционира таа црква. А кои се тие епархии? Оние што 1922 година и ги дала на СПЦ. Или како што вели Амфилохије, ќе и ги одземе од СПЦ и ќе и ги даде на МПЦ-ОА.

Еве транскрипт од тоа предавање: АМФИЛОХИЈЕ:

„… Така, кога ние, нашата Црква [СПЦ], го поставивме прашањето таа тема – доделувањето автокефалност – да биде ставена на Големиот собор, во смисла сите автокефалности што се признаени од XI – XII век па наваму да бидат потврдени од Големиот собор; за да не може Мајката-црква [Вселенската патријаршија, заб. на авторот] во иднина да го прави она што го правела во минатото: да дава и да укинува, како што е случајот со нашата Црква, со Трновската патријаршија [Бугарија] и со Охридската архиепископија [Македонија]“ …

„… Минатата [2014] година, кога бевме во Женева, мојот брат Бачки [Иринеј Буловиќ, заб. на авторот] и јас, тоа беше тема во писмото со кое патријархот [Павле Стојчевиќ] ја поздрави таа конференција. Таму беше наведена токму темата за која зборувавме – признавањето од страна на Вселенскиот собор на сите автокефалности, односно признавањето и потврдувањето на сите автокефалности што се добиени само со волјата на Мајката-црква. Меѓу нив, секако, на прво место е и нашата Црква [СПЦ]. Разговарав за тоа со митрополитот Иларион [Алфеев, Руската црква], а тој вели: „Ние сметаме дека таа тема не треба да биде вклучена, бидејќи имаме Томос кој е вселенски“. Меѓутоа, ние, се надевам, од овој собор [се мисли на архијерејскиот собор на СПЦ, кој во тие денови се одржувал во Белград, заб. на авторот] ќе го упатиме тој предлог, повторно ќе го поднесеме предлогот што братот Пергамски [митрополитот Јован Зизиулас од Вселенската патријаршија, еден од најголемите современи православни теолози, заб. на авторот] го отфрли, дури и не го изнесе пред конференцијата, а немаше никаква реакција во врска со него. Значи, ќе мораме повторно, од овој собор [СПЦ], да го доставиме предлогот, не само до Цариград, туку и до сите помесни цркви – да бараме тој Голем собор свечено да ги потврди сите автокефалности“ …

„… Она што сега ќе биде предлог на нашиот [СПЦ] собор … е нашето барање за потврдување на автокефалностите што досега ги доделила Мајката-црква; тие, значи, да бидат потврдени од Вселенскиот собор; за да не може Цариград да ги укинува, како што ги укинал.[…] Тоа во иднина не може да биде препуштено на ниту една помесна црква, па ни на Цариградската црква. Таа, како Мајка-црква, е призната и позната, но нејзините одлуки мора да бидат потврдени од Големиот собор на Православната црква – за да останат непроменливи“ …


И што научивме од ова до сега? Прво Томосот од СПЦ за некаква автокефалија на МПЦ-ОА нема никаква канонска важност. Тоа досега го потврдија речиси сите помесни православни цркви. В

торо. Тој Томос беше согласност за легитимирање на автокефалноста на МПЦ-ОА, процес кој треба да оди преку Фанар, а веќе со години стои заглавен.

Трето и најважно. Српската автокефалија од 1922 не е потврдена на Сеправославен Собор, како што барале СПЦ пред Крит. Следствено на тоа стравот на тогашниот митрополит Амфилохије, дека Васеленската патријаршија, кога веќе дала дел од својата јурисдикција на СПЦ, може и да ја одземе истата таа јурисдикција, е легитимен и оправдан. Во тој контекст, таа 2015 година, можеби во СПЦ никој не сонувал дека Фанар ќе ја врати МПЦ-ОА во канонско единство и дека ќе почне процес за признавање на нејзина автокефалност, но состојбите со Украина такво нешто навестуваа, а Амфилохије и Буловиќ ниту се наивни, ниту теолози кои не знаеле што зборуваат.

Од денешна дистанца нивниот страв од Томос на Фанар (а Томос не може да се издаде ако не се опише во него јурисдикцијата) е делумно намален со тоа што во 2022 година токму СПЦ ја презема иницијативата за Томос за автокефалност, Томос во кој дефинира дека еархиите на „автокефалната“ црква се епархии на СПЦ. И тој страв дека нема да има раслојување на јурисдикцијата на СПЦ нема да го има сè додека во Македонија се смета дека тој Томос од СПЦ е доволен, затоа што тој Томос е документ со кој СПЦ уредува интерно внатрешно прашање во рамките на нејзината јурисдикција. Така на тој документ гледаат сите помесни православни цркви, па дури и Москва, која е промотор на таа идеја за реорганизација на административното управување на црквите која подразбира Де Факто самостојна, автокефална црква, Де Јуре автономна црква во границите на една поголема црковна јурисдикција.

Значи. Квази патриотите кои ја замајуваат јавноста се практично, свесни или несвесни одработувачи за српските црковни интереси во Македонија. Тие се предавници на автокефалијата, вековниот сон на македонскиот народ за своја црква, кој 55 години беше екскомунициран токму од истата СПЦ, која замислете преку ноќ реши дека е добро да има автокефална црква во Македонија, без условувања. Ајде бе … Секој, макар и малку упатен ќе се праша, што се случи за да СПЦ во рок од 20 дена ја промени својата бетонирана позиција што ја имаше повеќе од 80 години во поглед на македонското црковно прашање.

А што правиме со нашите цркви во Хрватска и Словенија? Тие во договорот од 2022 меѓу МПЦ-ОА и СПЦ под чија јурисдикција се? Или и за тоа ништо не знаете.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img