Украинското црковно прашање било една од темите на разговорот меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Антиохискиот патријарх Јован X, на средбата одржана на 23 ноември во Москва.
Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, Лавров и патријархот Јован X разговарале за состојбата во Украина, при што руската страна го употребила својот вообичаен политички наратив за „црковен раскол инспириран од Западот“ и за наводен прогон на канонската Украинска православна црква, предводена од митрополитот Онуфриј.
Во соопштението на руското министерство не се наведува каков став изнел антиохискиот патријарх во однос на овие прашања, ниту дали се согласил со формулациите на руската дипломатија.
Покрај украинското црковно прашање, на средбата се разговарало и за положбата на христијанските заедници на Блискиот Исток, особено во Сирија и Либан, во услови на влошена безбедносна и политичка состојба во регионот.
Лавров ја потврдил подготвеноста на Русија за продолжување на соработката со Антиохиската православна црква и за помош на христијанските заедници во земјите од нивното историско присуство.
Средбата со Лавров се одржала во рамките на престојот на патријархот Јован X во Москва, каде што присуствува на настаните по повод 80-тиот роденден на московскиот патријарх Кирил.
Претходно, на 21 ноември, патријархот Јован X имал средба и со самиот Кирил во патријаршиската резиденција во Москва. Тогаш двајцата поглавари разговарале за историските односи меѓу Антиохиската и Руската православна црква, за состојбата на христијаните и за меѓуправославните односи.
Антиохиската патријаршија досега не ја признала автокефалноста на Православната црква на Украина, која во 2019 година ја доби томосот од Вселенската патријаршија. Таа останува меѓу помесните православни цркви кои не воспоставиле евхаристиско општење со црквата предводена од митрополитот Епифаниј.

