Македонската православна заедница во Австралија со свечена богослужба ја одбележа храмовата слава на црквата „Света Петка“ во Рокдајл, Сиднеј.
На 8 август, на празникот посветен на светата преподобномаченичка Параскева – Света Петка, голем број верници се собраа во храмот за заеднички да го прослават празникот.
По тој повод беше отслужена Света Божествена Литургија, со која началствуваше отец Гаврил Галев, во сослужение со протојереј Александар Ивановски, протојереј Томе Младеновски и старешината на храмот, јереј Владо Недески.
Посебно внимание привлече присуството на чудотворната Абалакска икона на Пресвета Богородица од Сибир, која за празничната прослава била донесена од отец Борис од Руската православна задгранична црква.
Иконата беше достапна за поклонение во храмот, а верниците имаа можност молитвено да пристапат пред неа и да се помолат за застапништво и закрила од Пресвета Богородица.
Присуството на Абалакската икона на храмовата слава даде дополнителна духовна содржина на празничното чествување, кое собра бројни македонски верници во Сиднеј.

