Црковното единство, заедничката православна вера и духовното сродство што ги надминува националните и човечките поделби беа меѓу главните пораки во обраќањата на епископот Партениј и јероѓаконот Хрисостом при неговиот пречек во Кутлумушкиот скит на Света Гора.
Во своето обраќање, Партениј ја нагласи Света Гора како место каде што границите и разликите отстапуваат пред заедничката вера и литургиското единство.
„Денешниот пречек за нас не е само чин на гостопримство. Тој е живо сведоштво за единството на Црквата, за нашата заедничка православна вера и за духовното сродство што ги надминува границите, јазиците и човечките разлики“, рече Партениј.
Тој говореше и за своето лично враќање на Света Гора по 36 години, потсетувајќи дека како млад монах извесен период живеел во манастирот Григоријат. Сега, по повеќе децении, повторно се враќа на Света Гора, но како епископ и свештенослужител.
За Партениј оваа посета има и лична симболика: пред 31 година, токму на празникот на свети Пантелејмон и Светите Седмочисленици, бил ракоположен за јеромонах во храмот „Свети Климент“ во Охрид.
„Божјата промисла ме удостојува повторно да се вратам на Света Гора и за првпат овде да богослужам како свештенослужител и епископ“, истакна тој.
Во поздравното обраќање, јероѓаконот Хрисостом зборуваше за духовното значење на Света Гора, нагласувајќи го концептот на Ромејството како духовно, а не национално или географско определување.
Според него, Ромејството претставува „вселенски начин на живеење“, духовен етос и заедничко литургиско предание кое ги поврзува православните верници независно од нивното потекло.
„Тоа е нашата заедничка духовна татковина, која ја прима и прегрнува секоја човечка душа што жеднее за Христа“, порача Хрисостом.
Хрисостом во своето обраќање му упати благодарност и на митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, за тоа што дал канонска согласност Партениј да отсуствува од епархијата и да учествува во празничното торжество на Света Гора.
„Срдечна благодарност упатуваме и кон Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, кој Ви ја даде својата канонска согласност да отсуствувате од неговата епархија, за да бидете денес меѓу нас“, порача Хрисостом.
Во своето возвратно обраќање, Партениј исто така му се заблагодари на митрополитот Георгиј за согласноста и благословот.
„Срдечно му благодарам и на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, за канонската согласност и за неговиот благослов“, рече Партениј.
Во обраќањата на двајцата се провлекуваше и пораката дека посетата не е само празнична средба, туку и сведоштво за црковното заедничарење.
Хрисостом го истакна Света Гора како место каде што „пред заедничката света Чаша не постојат човечки поделби“, додека Партениј порача дека духовното сродство меѓу православните „ги надминува границите, јазиците и човечките разлики“.
Двајцата говорници го поврзаа празникот на свети Пантелејмон со пораката за единство на Црквата, заедничката вера и литургиското предание.





