Архиепископот Стефан патува во САД: ќе биде гостин на Македонскиот фестивал

Date:

Share post:

Поглаварот на МПЦ-ОА на 29 и 30 август ќе престојува во македонската црковна заедница во САД, каде што ќе учествува на годишниот Црковно-народен фестивал, објави црковната општина на МПЦ-ОА, Раѓање на Пресвета Богородица во Детроид САД.

Според најавата објавена од организаторите, архиепископот Стефан ќе престојува во САД по покана на надлежниот митрополит Методиј, кој ќе биде заедно со него во текот на дводневната прослава.

Посетата ќе биде поврзана со Македонскиот фестивал, кој ќе се одржи на 29 и 30 август 2026 година, а организаторите ја најавуваат како значаен духовен настан за македонската црковна заедница.

Програмата започнува во сабота, 29 август, со пречек на архиепископот Стефан во 17:30 часот.

Од црковната заедница велат дека со особена радост ќе го пречекаат поглаварот на МПЦ-ОА и заедно ќе ја споделат радоста на фестивалот, кој, како што се наведува во поканата, е исполнет со вера, љубов, македонска традиција и заедништво.

Централниот настан е предвиден за недела, 30 август, кога архиепископот Стефан ќе чиноначалствува со Светата божествена архиерејска литургија, со почеток во 10:30 часот.

На богослужбата ќе сослужуваат надлежниот митрополит Методиј и свештенството на црковната заедница.

Организаторите посетата на архиепископот ја оценуваат како „голема духовна чест и благослов“ за црквата и за македонската заедница во САД.

„Да бидеме заедно во молитва, љубов и единство, да го пречекаме нашиот Архиепископ со достоинство и радост и заеднички да ја прославиме нашата света вера, нашата Црква и нашето заедништво“, се наведува во поканата.

Посетата на архиепископот Стефан на САД доаѓа во рамките на неговите активности со македонските православни заедници во дијаспората, а овогодишниот фестивал ќе биде можност за негово директно средба со верниците и свештенството.

Организаторите ги повикаа Македонците во САД да присуствуваат во што поголем број на дводневната прослава.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img