Митрополитот Тулчински и Брацлавски Сергиј од Украинската православна црква и клирикот на Тулчинската епархија, протојереј Анатолиј Вишневиј, вчера, биле приведени во Киев од припадници на државната служба за регрутација.
Според објавените информации, околу 9 часот наутро припадници на службата за регрутација го запреле автомобилот во кој патувале архијерејот и неговиот возач и ги извлекле директно од возилото.
Во моментот на првичната објава немало контакт со митрополитот Сергиј и протојерејот Анатолиј.
Подоцна било соопштено дека митрополитот и свештеникот се наоѓаат во Дарничкиот реонски Центар за регрутација на градот Киев, каде што ја поминуваат воено-лекарската комисија.
Адвокатите на двајцата свештенослужители ги утврдуваат сите околности поврзани со приведувањето.
Од Тулчинската епархија упатиле повик до православните верници да се молат за митрополитот Сергиј и протојерејот Анатолиј Вишневиј.
Случајот доаѓа во период на продолжени тензии околу статусот и дејствувањето на Украинската православна црква во Украина, како и засилени активности на украинските државни органи поврзани со мобилизацијата.

