Епископот на Букоба и Западна Танзанија Хризостом, кој припаѓа на Александриска патријаршија, остро ја обвини Руската православна црква дека преку финансиски средства се обидува да го прошири своето влијание во Африка и да предизвика поделби меѓу православните верници на континентот.
Во јавниот говор, кој го пренесува бугарскиот портал Hristianstvo.bg, епископот ги повика руските црковни претставници да ја напуштат Африка, обвинувајќи ги дека со пари се обидуваат да придобијат свештеници, верници и црковен имот.
Хризостом нагласил дека ја почитува руската православна традиција и руските светители, но истовремено остро го критикувал актуелното раководство на Московската патријаршија.
„Се фалите дека само Русите ја разбрале Христовата вера. Се фалите дека руското благочестие е вистинското христијанско благочестие“, рекол епископот, според објавениот говор.
Тој ги обвини руските претставници дека не го споменуваат Вселенскиот патријарх Вартоломеј, како и Александрискиот патријарх Теодор, во богослуженијата, со што, според него, го поткопуваат авторитетот на двете патријаршии.
Особено остри биле неговите обвинувања за финансиското влијание на Москва во Африка.
„Со оваа надменост навлегоа во православна Африка со рубљи“, рекол Хризостом, додавајќи дека руските претставници, според неговите тврдења, „раздаваат рубљи“, „купуваат совести“ и преземаат свештеници, христијани, храмови и имот.
Епископот исто така ги обвини дека ја користат сиромаштијата на дел од африканското население за да ги одвојат верниците од Александриска патријаршија.
„Нема да ја украдете верата на нашите христијани со вашите измамнички пари“, порача Хризостом.
Во завршницата на говорот, тој ја поврза руската црковна активност во Африка со ставовите на Московската патријаршија во однос на војната во Украина.
„Со оваа надменост го благословуваат вооружениот напад врз Украина. Со оваа надменост навлегоа во православна Африка со рубљи“, рекол епископот.
Хризостом потсетил и на историската улога на Александриска патријаршија, која со векови има црковна јурисдикција на африканскиот континент.
Конфликтот меѓу Александриска и Московска патријаршија околу Африка се продлабочи во 2021 година, кога Руската православна црква формираше Патријаршиски егзархат за Африка, откако Александриска патријаршија во 2019 година ја призна автокефалноста на Православната црква на Украина.
Извор: Hristianstvo.bg

