Бугарската полиција и Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) спровеле акција во Пловдив на локација поврзана со неонацистичка група, при што биле приведени 16 лица.
На фотографиите објавени од акцијата се гледаат нацистички знамиња и симболи, како и натписи „Крв и чест“ (Blood & Honour), објави бугарската телевизија bTV.
Според информациите на bTV, станува збор за група поврзана со лица кои претходно биле приведени во рамки на истрагата за смртта на Георги Кузев. Акцијата била извршена во приватен клуб, кој, според медиумските информации, служел како место за собирање на групата.
Меѓу приведените, според bTV и други бугарски медиуми, наводно има и малолетни лица. Сепак, околу оваа информација постојат различни наводи и се очекува официјално појаснување од надлежните институции.
Од bTV наведуваат дека ниту едно од лицата приведени во оваа акција не учествувало директно во тепачката во која бил претепан Георги Кузев. Нивната наводна поврзаност е со групата со која биле поврзани и лицата приведени во случајот со смртта на Кузев.
При претресот биле пронајдени нацистички и фашистички симболи.
„Крв и чест“ (Blood & Honour) е меѓународна неонацистичка мрежа основана во Велика Британија во 1987 година. Организацијата историски е поврзувана со неонацистички и расистички идеологии и со дел од скинхед-сцената.
Мрежата има историја на активности и на Балканот, вклучително и во Бугарија. Според достапните податоци, нејзини претставници во 2013 година учествувале во иницијативата за формирање на Националистичката партија на Бугарија, заедно со други крајнодесничарски организации.
Истрагата треба да утврди каква била улогата на секое од приведените лица, како и природата на нивните врски со групата.

