Почетна Анализа Нов почеток за Митрополитот Онуфриј и УПЦ-Московски Патријархат?
Нов почеток за Митрополитот Онуфриј и УПЦ-Московски Патријархат?

Нов почеток за Митрополитот Онуфриј и УПЦ-Московски Патријархат?

252
0

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Рускиот патријарх Кирил скоро и да не е присутен во јавност. Последната негова изјава од 27 февруари 2022 е убедливо една од највознемирувачките и, во исто време, најексплицитно сведоштво за обидите на Руската православна црква да ги легитимира непростливите постапки на Рускиот претседател Владимир Путин во соседна Украина.

Со изјавата од 27 февруари, Кирил прави обид да го вовлече на негова страна (спроти негова волја) поглаварот на Украинската православна црква – Московски Патријархат (УПЦ-МП) Митрополитот Онуфриј, велејќи дека црквата која он ја води е гаранција за заедништвото со руската црква и “руските земји (Русија, Украина и Белорусија).” Онуфриј како важен верски лидер несомнено има голема тежина во оваа војна и неговата улога може да биде клучна врз можните исходи. Сигурно било доста фрустирачки за него и владиците околу него да ја читаат изјавата на Рускиот патријарх Кирил.

Додека Онуфриј повикува за стопирање на војната, неговиот надреден, Патријархот Кирил не се ни осмелува да ја окфалификува војната како војна и ја опишува како “моментална ситуација” која според него е резултат на имагинарен заговор од страна на западот кој вклучува напад од мрачните и непријателски зли сили против руската земја, чии сили, сакаат да го нарушат единството помеѓу двата народи. УПЦ-МП излезе во јавност со неколку изјави во поддршка на украинскиот територијален интегритет, против делувањето на Путин, како и директен повик кон патријархот Кирил, кои беа целосно игнорирани.

Очигледно сме на раскрсница. Како и дали е можно да се усогласат овие две дијаметрално спротивставени позиции? Уште поважно, колку долго УПЦ-МП ќе може да опстане кон поддршката кон украинското раководство и противењето на Рускиот патријарх Кирил?

Доколку погледнеме наназад, во периодот после 2014 и воените дејствија во источните делови на Украина околу Донбас, значаен дел од украинското општество тогаш ја перцепираше УПЦ-МП на Онуфриј некаде на средина во врска со овој конфликт, ни таму, ни ваму. Ова доведе до значителна контра-реакција кај украинците што беше и една од главните причини за забрзување процесот за здобивање на автокефалија. Многумина во Украина сакаа да видат порешителен став од страна на УПЦ-МП во врска со војната во Донбас. Наместо тоа, впечатокот што го имаа околу Онуфриј беше дека УПЦ-МП е неутрална во таа војна, повикувајќи на молитви за двете страни од конфликтот.

Кај дел од украинците оваа неутралност на УПЦ-МП беше сигнал за потклекнување пред Рускиот патријарх Кирил и Кремљ, под идеалите на “Рускиот свет”, додека пак други гледаа во Онуфруј верски лидер кој може да доведе до деескалација на ситуацијата. Сцените од Украинскиот парламент во 2015 каде по повод церемонијата за загинатите борци во војната (од Донбас) и одбивањето на Онуфриј како и дел од неговата црковна делегација да станат на нозе, а со тоа и покажат почит кон загинатите украински борци ја алармираше јавноста.

Но, да се вратиме на актуелната ситуација. Само во текот на изминативе неколку недели пред почетокот на воената инвазија (24 февруари) дел од свештенството на УПЦ-МП и медиуми блиски до оваа црква сметаа дека затегнатата реторика и дискусијата околу можна инвазија на Украина не е ништо повеќе од западна хистерија и параноја.

Ако се земат предвид низата критики кон УПЦ-МП за улогата на оваа црква во војната на истокот на Украина (после 2014 во Донбас) и магнитудата од моменталната агресија врз Украина, можноста за судир помеѓу Кирил (РПЦ) и Онуфриј (УПЦ-МП) е поголема од било кога. Жалната реалност е дека, додека беснее војната, црквите вклучително и тие на УПЦ-МП ќе бидат во области каде руските сили имаат контрола, а локалното свештенство ќе биде во средина, што дополнително ќе го засили притисокот кон УПЦ-МП. Целата ситуација е доста комплексна со многу предизвици за сите религиозни чинители. Како и во 2014, украинците повторно ќе го следат секој чекор на Онуфриј и свештенството на УПЦ-МП во позиционирањето кон руските агресори.

Како што и напишав по признавањето на независноста на Донетск и Луханск од страна на Путин (21 февруари 2022) Митрополитот Онуфриј има два важни избори. За разлика од позицијата во 2014 во овој момент Онуфриј може да покаже спремност за попријателски однос и поголемо разбирање со Митрополитот Епифаниј од (автокефалната) Православна црква во Украина. Ова може да го намали притисокот како од локалното свештенство и од притисоците од формалната поврзаност со Кирил и Руската православна црква (УПЦ-МП има широка автономија, но е составен дел на РПЦ). Другиот избор е одржување на статус-кво позиција.

Разговори околу суштинска промена на односите помеѓу УПЦ-МП и ПЦУ на Епифаниј и евентуално присоединување треба да се случат но во овие тешки часови за Украина тоа е помалку реалистична опција пред се поради виорот на војната. Истовремено, статус-кво позицијата како што беше случај со дејствувањето на УПЦ-МП после 2014 е неодржлив избор кој не е во насока на потребата од пасторска грижа на украинскиот народ како во овие тешки моменти така и откога војната ќе заврши.

Пишува: Андреја Богдановски (докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде ги истражува движењата за автокефалија во Источна Европа и на Балканот)

Текстот е оригинално објавен на англиски јазик во Religion in Praxis: https://religioninpraxis.com/a-possible-fresh-start-for-metropolitan-onufry-and-the-uoc-moscow-patriarchate/

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *