Во дворот на затворот во Струмица наскоро ќе биде завршена со изградба и осветена првата црква, која се гради по иницијатива и со средства на поранешна директорка на оваа институција. Станува збор за мала црква, а во нејзе за духовните потреби на верниците ќе има задолжен и свештеник, кој ќе служи литургии.
-Верувам дека кога еднаш ќе биде осветена таа мала црква среде затворскиот двор, ќе стане место на вистинска духовна преобразба за многу луѓе. Ѕидовите на затворот, не можат да Го задржат Духот Свети. Апостолот Павле пишувал посланија од затвор, а истите тие посланија ние и денес ги читаме во Црквата. Затворот не е и не може да биде пречка за градење на личносен однос со Бог, однос во кој човек ја живее вистинската слобода и ослободување од стегите на гревот и злото, вели отец Јаков, епископ Стобиски, викар на Струмичката епархија во интервјун за Прес 24.
Епископот Јаков во интервјуто заборува за улогата на Црквата во социјалниот аспект на општеството. Во тој контекст и за концептот на капеланство за кое вели дека во јавноста нема дебата. Потенцира дека присуството на свештеник на Црквата меѓу војниците е неопходен, но дали тоа присуство треба да се институционализира е дискутабилно по многу основи.
-Не затоа што сум против присуството на Црквата во болници, во затвори, во војска, туку затоа што веќе имаме модели кои функционираат добро и без тоа да треба прво да се отвора како институционално прашање.
Од моја перспектива сметам дека Црквата е присутна таму каде што е потребна, без институционална наметливост, без однапред поставени услови, без да се прави политичко прашање од тоа, вели отец Јаков.
За границите на секуларизнот, смета дека македонскиот модел е добро изграден, но во пракса погрешно интерпретиран од одредени општествени елемнти.
-Проблемот е што не се избалансирани самите толкувачи на секуларноста. Постои една политичка струја во нашето општество, која секуларноста ја изедначува со исклучување на Црквата и на верниот народ од секаков јавен дискурс. Според нив, ако еден владика проговори на која било тема надвор од амвонот, тоа е веќе „нарушување на секуларноста“. А ако, да речеме, некоја НВО изнесе став, тогаш не е. Таа двојна мерка, не е секуларност. Тоа е „клирофобија“. А во некои случаи е и чист неомарксистички антирелигиозен активизам. И работите треба да се нарекуваат со нивните вистински имиња без никакво ублажување на реториката, вели во интервјуто за Прес 24, епископот Стобиски.
Отец Јаков вели дека младите генерации доаѓаат во Црквата, но е свесен дека има елементи што нив им пречат.
-Младиот човек најчесто не Го отфрла Христос, тој отфрла одредена слика за Црквата, слика на институција без живот. И кога ние свештениците, архиереите, монасите не успеваме да покажеме дека нашата вера е жива, радосна, автентична, тогаш таа критика често е и оправдана.
Искуството ни зборува и за нешто друго. Новиот свет во кој растат младите, никогаш нема да може да ја задоволи нивната потреба за смисла. Младите денес живеат во вистински океан на бесмисла и кога ќе стигнат до крајот на она што светот им го ветувал, често откриваат дека единственото нешто за кое можат да се фатат, е Црквата. Зашто Црквата единствено им ја дава смислата на постоењето, смислата на страдањето, смислата на љубовта и смислата на смртта во Христовата смрт и Воскресение. Тоа никој друг не може да им го даде, вели Стобискиот епископ Јаков во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Чинам дека идејата за црква во рамки на затворот во Струмица е единствена во Македонија. Како течеше реализацијата на тој проект?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Навистина е единствен проект во нашата земја, колку што мене ми е познато, и ние сме благодарни на Бога и на луѓето кои имаа слух и волја тој да се реализира. Станува збор за мала православна капела во самиот круг на затворот во Струмица, посветена на свети Јустинијан, царот кој ја основаше Јустинијана Прима, Црквата со која непосредно е поврзана традицијата на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Изборот на светителот-заштитник не е случаен. Јустинијан е образ на праведниот поредок и на обновата и во ова лежи самата богословска симболика на проектот: дека и во затворот Бог може да го обнови човекот, дека затворот не е крај, туку може, во Бога, да стане нов почеток.
Треба, меѓутоа, да ја кажеме и целата историја на проектот, зашто сме должни да бидеме коректни кон сите. Иницијативата, всушност, потекнува од поранешната директорка на затворот, г-ѓа Тања Достинова, на која сме и искрено благодарни. Самиот храм е донација од неа и од нејзиното семејство и тоа е навистина ретка работа: некој поаѓајќи од лична желба и со сопствени средства да подигне храм во таква установа. Низ годините поминавме низ бројни административни предизвици, но после подолго време актуелниот директор, г. Зоран Ристов, се заангажира многу сериозно за да се заврши проектот, и денес храмот е во финална фаза.
Мора, исто така, да ја истакнам и отвореноста на управата на КПУ Затвор Струмица.. Тие не покажаа никакви предрасуди, напротив, покажаа искрена и добра волја. Тоа, за жал, не секогаш се подразбира кога станува збор за такви институции, но во овој случај беше така, и за тоа сме благодарни.
Верувам дека кога еднаш ќе биде осветена таа мала црква среде затворскиот двор, ќе стане место на вистинска духовна преобразба за многу луѓе. Ѕидовите на затворот, не можат да Го задржат Духот Свети. Апостолот Павле пишувал посланија од затвор, а истите тие посланија ние и денес ги читаме во Црквата. Затворот не е и не може да биде пречка за градење на личносен однос со Бог, однос во кој човек ја живее вистинската слобода и ослободување од стегите на гревот и злото.
ПРЕС24:Во контекст на ова, што мислите за идејата за воведување Капеланство во Македонија?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Немам ништо против самата идеја, особено заради тоа што ја гледаме отелотворена во практичниот живот на многу помесни Цркви, но од друга страна не би го идеализирал самиот концепт на капеланство заради тоа што сметам дека има и спорни моменти од аспект на христијанскиот етос. Присуството на свештеник на Црквата меѓу војниците е неопходен, но дали тоа присуство треба да се институционализира е дискутабилно по многу основи. Не затоа што сум против присуството на Црквата во болници, во затвори, во војска, туку затоа што веќе имаме модели кои функционираат добро и без тоа да треба прво да се отвора како институционално прашање.
Од моја перспектива сметам дека Црквата е присутна таму каде што е потребна, без институционална наметливост, без однапред поставени услови, без да се прави политичко прашање од тоа. Кога ќе ја повикаат, таа оди; кога ќе биде потребна, таа е на располагање. И тоа функционира одлично, едноставно затоа што доверба постои, и затоа што Црквата не претендира кон ништо.
Тука сакам да бидам многу јасен. Црквата нема, ниту некогаш треба да има, каква било „претензија“ кон државните институции. Ние не бараме простор за себе по секоја цена. Црквата е секогаш подготвена да се појави таму каде што ќе биде повикана, и со благослов на локалниот епископ да ги задоволи духовните потреби на верниот народ, на кое било место. Но тоа е нешто сосема поинакво од законски уреден систем на капеланство кое од самата своја природа носи одредена институционална логика, и одредени очекувања од свештените лица и од Црквата.
Дотаму, колку што ми е познато, засега во нашата земја ниту има конкретна иницијатива во таа смисла, ниту од државни институции, ниту од верските заедници. Ако еднаш дојде до такво нешто, Црквата секако ќе го разгледа прашањето преку своите институционални органи, преку Светиот Архиерејски Синод. Но јас, лично, не сметам дека треба ние сега да тргнеме со какво било „барање“ или „предлог“.
ПРЕС24: Многумина можеби ќе спорат дека сите овие идеи на некој начин допираат до секуларноста на општеството, но од друга страна правото на слобода за исповедање на верата е едно од основните човекови права. Како да се најде добар баланс меѓу ова?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Прво треба да бидеме јасни за што зборуваме. Секуларноста, во онаа смисла во која е вградена во нашиот Устав, односно: државата и верските заедници се одвоени на институционално ниво, нема државна религија, и сите граѓани без разлика на верата се рамноправни пред законот. Со тоа Православната Црква никогаш и не спорела! Таа рамка веќе постои и е предвидена со законот. Значи, балансот за кој ме прашувате, всушност, не треба тукушто да се изнајде, тој веќе е направен, и е во законот.
Проблемот е нешто друго. Проблемот е што не се избалансирани самите толкувачи на секуларноста. Постои една политичка струја во нашето општество, која секуларноста ја изедначува со исклучување на Црквата и на верниот народ од секаков јавен дискурс. Според нив, ако еден владика проговори на која било тема надвор од амвонот, тоа е веќе „нарушување на секуларноста“. А ако, да речеме, некоја НВО изнесе став, тогаш не е. Таа двојна мерка, не е секуларност. Тоа е „клирофобија“. А во некои случаи е и чист неомарксистички антирелигиозен активизам. И работите треба да се нарекуваат со нивните вистински имиња без никакво ублажување на реториката.
Слободата на верата, заштитена со Уставот и со меѓународните конвенции, го вклучува и правото на јавно изразување на верските убедувања. Свештеникот, архиерејот, верниот христијанин, го имаат истото право како и секој друг граѓанин да го изразат своето мислење во јавноста. Лишувањето на верникот од правото на јавен говор, само затоа што верува е дискриминација, а не секуларност.
Значи, балансот постои, и е многу поедноставен отколку што некои сакаат да го прикажат: државата и Црквата не се мешаат во институционалниот поредок едни на други, а граѓаните, вклучувајќи ги архиереите и свештениците ги уживаат сите права загарантирани со Уставот. Нема тука никаква тензија, освен онаа која ја создаваат оние кои имаат интерес Црквата да остане замолчена. А за тој молк ние не сме, и нема да бидеме подготвени никогаш. На апостолите, кога им забранувале да зборуваат за Христос, нивниот одговор бил краток и јасен: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето“ (Дела 5, 29).
Целото интервју на PRESS24.MK

