Почетна Анализа Натан од Газа – ученикот на месија бил во Македонија
Натан од Газа – ученикот на месија бил во Македонија

Натан од Газа – ученикот на месија бил во Македонија

558
0

Значајни цивилизациски случувања и настани се поврзани со Македонија. Добро е секое време да зачува барем мал дел од нив, како знак на богатата историја на овие простори.  Колку ли само духовни џинови проаѓале низ Македонија и тука ги оставале своите души пред да заминат на небесата, за кои не сме свесни. Нивното духовно присуство е насекаде околу нас, но често не го забележуваме во одот на нашиот краток земен живот. Во Македонија крстосувале многу духовни великани. Земја на непресушен извор на традиции, култури, религии. Крстосница на цивилизациски достигнувања. Одовде, блеснала силна светлина во напредниот, но прилично темен и конфузен свет. Тука запалиле свеќа на надежта и нашле свое пребивалиште и почивалиште.

Неодмна Еврејската заедница во Македонија и Фондот на холокасутот на Евреите организираа конференција во МАНУ во чест на големиот реформатор на еврејско-мистичната мисла, ученикот на прогласениот Месија, рабинот Шабатај Цви. Конференцијата носеше интересен наслов: „ОД ГАЗА ДО СКОПЈЕ – Натан, пророк на сабатството во историјата, литературата и филозофијата“, а партнери беа Центарот за студии за сефардско наследство Ј. Р. Елаечар, Центарот Моше Давид Гаон за ладино култура, Министерството за надворешни работи на Државата Израел и Фондацијата Матанел.

Помалку познат факт, а забележан во сите истории на религијата е дека големиот еврејски мистик и пророк Натан од Газа, заедно со својот учител, Месијата Шабатај Цви, бил и проповедал во Македонија. Неговото присуство во нашата земја е потврда за богатиот меѓурелигиски соживот кој постоел на овие простори. Овие краишта чиниш се неразделно врзани за верата и копнежот по спасение, па така Скопје имало чест да биде посетен од новиот Месија, еврејскиот пророк Шабатај Цви и неговиот ученик Натан од Газа во 17 век.

Шабатај во синагогите во еврејските општини во Македонија одржувал јавни проповеди со кабалистичка тематика. Покрај Скопје, ги посетил Битола, Лер, Костур, Солун, Охрид. Неговото име станало популарно меѓу Евреите во Македонија. Во 1663 година отпатувал за Газа, каде се запознал со младиот кабалист Абрахам Натан Ашкенази, или уште попознат како Натан од Газа, кој станал главен пропагатор на новото верско-мистично движење Шабатијанизам. Тоа се засновало на месијанското учење во чија основа било верувањето дека по катаклизмичниот крај на светот и апокалипсата доаѓа Месијата, со што се отвора едно ново време на подем и ослободување на човештвото од страдањата. Движењето имало за цел да го реорганизира општеството и луѓето без разлика на верата и постепено се претворило во политичко. Шабатај во Ерусалим бил пречекан како Месија, а неговото учење станало познато не само на Блискиот Исток, туку и меѓу сите еврејски општини во Европа.

Со цел да ги обедини постоечките шабатиски кружоци кои се наоѓале ширум еврејската дијаспора, а исто така за да привлече нови следбеници во движењето, неговиот ученик Натан испратил писма до сите еврејски општини да се подготват за доаѓањето на божјиот пратеник и да се соберат околу неговата организација. Главниот политички мотив бил султанот да биде симнат од власт и да бидат укинати разликите меѓу верите и народите. Од трите постоечки религии да се земе само она што е најрационално и да се создаде една нова религија, која би била единствена за сите народи на Османлиската Империја, а тоа била религијата на Шабатај Цви. Но, за разлика од екстремистите, не сакал тоа да се постигне со употреба на оружје и сила, туку со убедување. Подоцна бил обвинет за лажен месија и непријател на Османлиската Империја. Од Турскиот диван, му било предложено или да биде осуден на смрт затоа што го злоупотребил божјото име или да премине во Ислам за да си го спаси животот. Преминал во Ислам, токму во 1666 година, кога требало да дојде крајот на светот. Натан и натаму останал негов фанатичен верник и одел низ еврејските општини во Балканот и во Италија, убедувајќи ги неговите следбеници дека ересот не бил вистина, туку султанска пропаганда. Ги повикувал и во иднина да веруваат во својот Месија. Во Италија барал средства и начини со поткуп или откуп за да го спаси. Но, се било залудно. Бегајќи од инквизицијата и од турските власти се вратил на Балканот и на крајот во Скопје, каде и умрел на 12 јануари 1680 година, четири години по смртта на Цви. А уште поинтересно е што тој починал во Скопје и бил погребан на Еврејските гробишта во Црниче. Неговиот гроб со векови опстојувал, се до Втората светска војна кога бил уништен. На неговата надгробна плоча во Црниче пишувало: „Вечна куќа за вечниот живот, споменик-починка на нашиот учител, рабинот божји, од небото биди  посветен со светли зраци, нашиот учител рабинот Аврам Бењамин Натан Ашкенази, кој отишол во небеската Јешива на ден 6 (петок) на 11 шеват“.

Пристигнувањето на Натан од Газа во скопската еврејска заедница било поврзано со чудо. Постојат записи кои опишуваат како доаѓањето на Натан во Скопје е поврзано со чудесното спасување на еврејската заедница од епидемијата која тогаш ја зафатила Македонија. Имено, таа година била престапна, и ветровите на реката Вардар дувале силно носејќи многу болести. Многу луѓе се преселиле на југ заедно со своите деца. Сите се прашувале зошто Бог ги казнува? Во еврејската дијаспора низ светот, се проширила веста за месијата Шабатај Цви кој ќе дојде да ги ослободи и однесе во Израел. Луѓето го продавале својот имот, за да бидат подготвени за Неговото доаѓање. Тие чекале, но тој не се појавил, пристигнала само веста дека ја сменил својата религија. Смртта тогаш се спуштила и ги покосила сите луѓе во градот. Еден ден, кај локалниот рабин во Скопје дошол еден човек со црна густа брада, носејќи бледоцрн шешир. Скопскиот рабин бил занесен во молитвите. Веднаш воочил дека неговото присуство е необично, дека било откровение, божја порака. Човекот му рекол на рабинот: „Моите последни дни се ближат, па дојдов овде во оваа Еврејска заедница да најдам мир и спокој. Талкајќи низ патиштата, дојдов во овој град да почивам во мир на Еврејските гробишта, за да може моите коски да бидат закопани меѓу светците од твојата заедница кои тука почиваат. Кога ќе дојде сабота, ќе дојде мојот слуга, и тој исто така сака да им се придружи на своите предци, па закопај го и него во гробиштата на оваа Еврејска заедница.“ Легендата вели дека следниот ден, епидемијата се повлекла. Вардарецот и натаму засилено дувал таа зима, но ги одминал еврејските домови, што било знак дека се случило чудо. Дошол божјиот пратеник!

Веста за чудесното заздравување во Македонија било пренесено ширум целиот свет и многу луѓе почнале да доаѓаат на неговиот гроб за различни исцелувања и чудесни исполнувања на своите желби.

Еврејските гробишта постоеле некаде до педесеттите години, кога се преселени во Бутел. Сепак, денес не е лесно да се одреди нивната местоположба бидејќи подигнати се многу нови градби. Барајќи ги трагите на следбеникот на Месија во Скопје, патот ме одведе во Црниче каде повозрасните жители добро го познаваат тој крај. На улицата „Партенија Зографски“ се уште потојат куќичките во кои живеел чуварот на гробиштата. Тие  го сочувале некогашниот изглед и патината на времето. Тука се наоѓал задниот влез, а главниот бил долу под ридот. Едно многу старо маслиново стебло се уште стои пред  влезот. Наликува на симбол од старите свети книги. На каблистичкото Дрво на животот. Како во визијата на Еденската градина која Натан ја запишал во неговите книги. Сочуван е и автентичен ѕид од гробиштата, кој води во правец на Тасиното чешмиче и Клиничкиот центар. Но, на гробот, урнатини…

Кога доброто и злото конечно ќе се раздвојат, Месијата ќе дојде, рекол кабалистот Витал. Но чинам се уште не е дојдено таквото време. До тогаш, уживам да се шетам низ скопската населба Црниче…

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *