Почетна Проповеди На родениот Христос да Му принесеме вера, надеж и љубов
На родениот Христос да Му принесеме вера, надеж и љубов

На родениот Христос да Му принесеме вера, надеж и љубов

417
0

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Рождество Христово, изговорено во храмот пред почетокот на сеноќното бдение

Мили мои, денес Оној Кој седи на Херувимите и почива на Серафимите, и Кој со непрестајни славословија е воспеван од Архангелите, Ангелите и од сите небесни чинови, доаѓа на земјата како смирен човек. Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Бога Отецот, денес во малиот град Витлеем се роди од Пречистата Дева Марија и стана и Син Човечки. Но, зошто беше потребно тоа сиромаштво и тоа чудесно снисходење? За да го најде и подигне изгубениот и паднат човек, возљубени мои! Да му го врати достоинството на највозвишената Негова творба! Зашто на Бог не Му беше доволно само славословењето од Ангелите на небесата; не можеше Он во полнота да се радува, слушајќи го лелекот од страданијата на возљубениот Му човек на земјата.

5И, ете, затоа во Божествениот Домострој на Троичниот Бог беше промислено Второто Лице од Светата Троица, Ангелот на Великиот Совет, со крајно смирение и неизмерно послушание кон Бога Отецот и кон Светиот Дух, да се овоплоти и да стане како еден од нас. Затоа, сите земнородни денес треба во духот неизмерно да се радуваме. Бог доаѓа за сите нас! Ете, во Витлеем е! Ете, на земјата е! Во изминатиов период, Црквата Божја, преку рождественската катавасија постојано нè повикаше: „Христос се раѓа – славете Го; Христос доаѓа од небото – пресретнете Го; Христос е на земјата – возносете Го!“ Бог едноставно сака со смирение да Го пречекаме во нашите срца; и откако ќе се всели во нас, да ја обнови нашата првобитна убавина, да го обожи нашето битие, избавувајќи нè од најстрашното зло – смртта, која беше влегла во нашата падната природа преку гревот и непослушанието.

6Оттука Христос ги одбра смирението и послушноста како против отров за гордоста на непријателот на човечкото спасение. Сега новиот свет во Христа се гради токму преку тие боготкриени добродетели. Во длабоките по значење химни за овој празник, кои, всушност, ги пренесуваат и најпрефинетите нишки на неговото богословие, на вечерната, меѓу другото, слушнавме: „Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјата? Секое Твое создание Ти принесува благодарење: Ангелите – песна; небесата – ѕвезда; мудреците – дарови; пастирите – чудење; земјата – пештера; пустината – јасли, а ние Мајката Дева…“ Колку е сето тоа така прекрасно изразено! И навистина, што друго подостојно и повозвишено би можеле ние луѓето да Му принесеме како дар на Бога, ако не Пречистата Богородица!? Преку Неа, Која стана земска палата на Царот небесен, се исправи целото човештво. Мудреците, пак, од Исток, тројцата просветлени мажи, Му принесоа на Христа материјални дарови: злато, ливан и смирна.

7Златото Светите Отци го толкуваат како симбол за царската служба што требало да ја изврши Христос како Цар на вековите; ливанот како на Бог на вселената и врховен Првосвештеник; а смирната, во согласност со тогашните погребни обичаи, како на „бесмртен тридневен мртовец“, Кој, помажан со смирна и положен во гробот, на третиот ден ќе засветли победоносно оттаму и ќе му даде на човекот живот вечен. Исто така, според толкувањето на некои свети учители и егзегети на Црквата Божја, даровите на тројцата Мудреци можеме симболично да ги сфатиме и како изобразби на трите главни христијански добродетели: верата, надежта и љубовта, за кои Божествениот Павле вели: А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта (1. Кор. 13,13) Токму овие три највозвишени добродетели ги однеле Мудреците до Витлеемскиот Богомладенец.

Со вера тие го примиле Божјото знамение преку сјајната ѕвезда, и со надеж и љубов тргнале по неа, на непознат пат, за да Му се поклонат на вочовечениот Бог. Очигледно е од Евангелието дека оваа ѕвезда не била обична, како и сите други, туку поскоро некоја Божја светлина. Гледаме дека таа се движела пониско и светела посјајно од другите ѕвезди; кога застанувале Мудреците застанувала и таа, и кога било потребно се појавувала, а кога не – се сокривала… Така, кога Мудреците стигнале кај цар Ирод, ѕвездата веќе ја немало, но, штом тие си заминале од царската палата, таа повторно им се појавила за да им го осветлува патот.

8Накрај ѕвездата силно заблескала, испуштајќи ги своите последни зраци токму над местото каде што се роди Спасителот Христос. Според Св. Јован Златоуст оваа ѕвезда била, всушност, Ангел Господов. Познато е дека Ангелите светат со неизмерен блесок. Тие ја носат во себе Божествената нетварна светлина, истата онаа што кога ја виделе Апостолите на гората Тавор, посакале вечно да останат со Бога. Токму таква светлина се удостоиле да видат и овие тројца Мудреци и, водени од неа, најпосле да Му се поклонат и на Самиот Спасителот, изворот и дарителот на нетварната светлина преку која се обожуваме.

9Светите Отци на нашата Црква нè учат дека целта на добродетелниот христијански живот и на молитвата, а особено Исусовата, е обожување на нашето битие преку созерцание и причестување со оваа Божествена светлина. Затоа толку настојчиво и нè повикуваат да се трудиме да ја изговараме Исусовата молитва непрестајно, од утро до вечер, а како што вели Св. Јован Златоуст, ако е можно и преку целата ноќ. Се разбира, во смирение и покајание, поткрепена со делата на милосрдието и љубовта. Исто така, и на Светата Литургија, кога, после неопходната подготовка со пост, покајание и исповед, се причестуваме со страшните Христови Тајни, ние особено се исполнуваме со Божествената светлина, несоздадена енергија, која нè обожува и соединува со Бога.

13Но, за да се соединиме со Бога, што е крајната цел на нашето суштествување, е потребен, рековме, подвигот на верата, надежта и љубовта. Што направиле мудреците пред да Му се поклонат на новородениот Цар? Најнапред го поднеле подвигот на верата и надежта во Божјото ветување и знамението со необичната ѕвезда. Тие постапиле слично како праотецот Авраам во Стариот Завет, чиишто чеда сме сите ние според верата, кога Господ му рече: Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата што ќе ти ја покажам Јас (Битие 12,1). Авраам не знаел каде е и каква ќе биде таа земја, но тој покажал огромна вера, надеж и послушание кон Бога и се упатил на каде што го водел Господ.

12И поради тоа послушание, поради неговата голема и силна вера и смирение, Авраам се нарече пријател Божји, и се удостои да разговара и да Го види Триединиот Бог во вид на Тројцата Ангели кај дабот Мамре, и да го прими од Нив ветување за раѓањето на својот син Исак, иако бил во длабока старост (Битие 18,1-16). Така, добро е оваа вечер да се наоружаме со трите врховни добродетели: верата, надежта и љубовта, а, се разбира, особено со љубовта, која ќе продолжи и во вечноста. Љубовта и мирот денес му се од насушна потреба на човештвото. Иако веќе две илјади години насекаде во храмовите Божји се возгласува ангелската песна: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“, сепак, гледаме дека мирот е во голема криза, во опасност, го снемува… Тоа е така затоа што луѓето не го носат во себе и не го бараат, пред сè, Божјиот мир, без кого не е можно да има ни општествен мир. Тука е големата одговорност на нас, Христијаните, кои сме должни да го стекнеме тој вишен мир и да го пренесуваме околу нас. Затоа, да го последуваме примерот на смирените и кротки витлеемски пастири и на просветлените источни Мудреци и, поклонувајќи се вечерва мисловно пред во јасли родениот Христос, да побараме од Него благодат за сите луѓе да Го спознаат. Оти нема ништо поубаво од тоа кога човекот ќе се соедини со својот Татко и Создател; како што нема и ништо посрамно  од тоа човекот да не се труди да се соедини со Бога, Кој заради нас стана дури и човек! Да ги загрееме срцата со огнена љубов за Христа и да Му дозволиме да се роди и во нас! Да не бидеме како заспаниот Витлеем во Божикната ноќ. Зашто таа вечер многу витлеемци и дојденци од други места ја виделе Преблагословената Мајка како бара потслон да Го роди долгоочекуваниот Месија, но никој од нив не ја препознал пребожествената благодат што ги посетила, ниту пак насетил дека во нивниот град ќе се случи толку голем настан, што засекогаш ќе го смени текот на историјата. Туку кој се удостоил да ја слушне ангелската песна и да се поклони на родениот Син Божји? Едноставните и простосрдечни пастири, со срца кротки и полни со љубов.

11И ете Ангел Господов застана меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А Ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ (Лука 2,9-11). Колку е убаво: на смирените срца им се открива смирениот Господ! А, замислите, оние кои требало најмногу да се интересираат и да се радуваат за новородениот Цар Израилев, првосвештениците и книжниците, токму тие, помрачени од гордост и жестокосрдечност, не се ни потрудиле да видат што се случува во нивна близина, иако добро ги знаеле сите пророштва. На прашањето од цар Ирод каде треба да се роди Христос, тие дури и му навеле извадок од Светото Писмо: Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: „И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу владетелствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач кој ќе го пасе Мојот народ – Израил“ (Матеј 2,5-6) Просто зачудува како е можно оние кои биле избрани да го поучуваат и подготвуваат народот за доаѓањето на Месијата, да не сакаат ни да појдат и видат што станува во Витлеем и да разберат зошто Ирод толку настојчиво се распрашува за Христа. И мислам дека поголема навреда за Господ беше тоа како се однесуваа првосвештениците и книжниците – служителите Божји, отколку злоделата што го направи безбожниот и развратен Ирод, за кого целиот Израил и пошироко знаеле дека е човек развратник и неверник.

10Бог да не сочува од таквото лицемерие! Зашто нема ништо погнасно во очите на Господа од лицемерието. Да бегаме од него, а да го следиме примерот на едноставните и кротки пастири и на прекрасните просветлени мудреци, кои со вера, надеж и љубов Му принесоа на Христа злато, ливан и смирна. Да Му ги принесеме и ние на преблагиот Спасител нашата вера, надеж и љубов! Ве молам оваа вечер предадете ги потполно срцата ваши во молитва и созерцание и немојте во себеси да говорите: „Што можам да направам јас самиот? Така што и да бидам малку немарен, ништо не значи тоа; и онака не можам да сменам ништо во овој развратен свет“. Не! Молитвата може и тоа како да го смени светот. Еден човек со својата искрена и пламена молитва може да направи многу.

Да си спомнеме молитвено и за сите луѓе што страдаат и за кои Христос тагува. Бидејќи Он не дојде да нè казни, туку да нè прибере во Неговите татковски прегратки. Он сочувствува со нас и плачи поради нашите гревови; Татко е со неизмерна љубов што нè милува сите. Он и сега доаѓа од висината, од небото до секого од нас! Не дојде само пред две илјади години во Витлеем, туку е присутен и на секоја Литургија, присутен е и во нас.

Да сте благословени! Ви посакувам добра молитва и радост во Рождеството Христово! Господ да ни ја чува Татковината и да ни дарува мир на сите!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *