МВР го подигна нивото на безбедност пред Велигден
Министерството за внатрешни работи ги зајакнува безбедносните мерки пред и за време на Велигден. МВР соопштува дека во пресрет на велигденските празници ќе преземе низа безбедносни мерки и активности, согласно сoодветните оперативни планови за работа, за нивно непречено одвивање, како и во насока на заштита на јавниот ред и мир и безбедноста на објектите и на граѓаните.
Главната причина за оваа одлука на МВР се глобалните случувања со зачестените терористички напади во европските и светските метрополи, особено по минатонеделниот напад на две цркви на православните Копти во Египет.
Со оглед на глобалните терористички закани од страна на терористичката ИСИЛ, во коишто цели се и верски објекти, како што беа неодамнешните напади во Египет, потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани, МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата, стои во соопштението.