Украинско истражување предупредува дека руската црковна мрежа во Европа не гради само верско влијание, туку и долгорочна база меѓу милиони Украинци кои во иднина можат да добијат право на глас во земјите на ЕУ
Според Него, руската православна црковна мрежа во Европа постепено гради нешто многу пошироко – систем на влијание врз украинските бегалци, кој од верските храмови и хуманитарната помош може да стигне до политиката.
Главната теза на истражувачите е дека Русија преку структурите поврзани со Московската патријаршија се обидува да задржи контакт со милионите Украинци кои по почетокот на војната се преселија во земјите на ЕУ. Денес тие се бегалци. Утре дел од нив можат да станат граѓани со право на глас.
Токму тука, според истражувањето, се наоѓа долгорочниот политички потенцијал на оваа мрежа.
Украинските истражувачи тргнуваат од бројката од околу 4,37 милиони украински бегалци во ЕУ. Не тврдат дека сите тие се или ќе станат поддржувачи на Москва, ниту дека секој човек кој оди во храм под јурисдикција на Московската патријаршија е дел од руска политичка мрежа.
Но предупредуваат на друг процес: ако со години се работи со една заедница преку црква, хуманитарна помош, образование, информации и социјални контакти, се создава доверба и мрежа која во иднина може да биде политички мобилизирана.
Во истражувањето дури се говори за потенцијал од до два милиони идни гласачи. Тоа не е измерено изборно влијание, туку проценка за потенцијалот што истражувачите го гледаат во долгорочната работа со украинската дијаспора.
И токму затоа црквата е само една алка од многу поширока приказна.
УПЦ-МП како украинскиот слој на мрежата
Особено внимание истражувачите посветуваат на Украинската православна црква поврзана со Московската патријаршија.
Тезата е дека нејзиното присуство во Европа се приспособува на новите услови: се користи украински јазик, се истакнува украинскиот идентитет, а помалку се нагласува врската со патријархот Кирил. На тој начин, според истражувањето, една структура со историска и канонска врска со Москва може пред украинските бегалци да изгледа како „украинска“ црква.
Истражувачите опишуваат и ситуации во кои бегалците продолжуваат да посетуваат вакви храмови иако знаат за нивната поврзаност со Московската патријаршија. Причините се практични и емотивни – богослужба на украински, позната литургија, познато црковно пеење, луѓе од истата средина, помош и чувство дека се „дома“.
Тоа го нарекуваат „нормализиран парадокс“ – човек знае со кого е поврзана структурата, но ја оправдува сопствената припадност затоа што таму го наоѓа познатото.
Од храмот до политичкиот простор
Токму ова е најважниот дел од истражувањето.
Според неговите автори, руското влијание не се гради само преку богослужбата. Во пошироката мрежа влегуваат цркви, хуманитарни организации, културни активности, информативни канали, социјални контакти и различни граѓански структури.
Истражувачите тврдат дека на тој начин се создава инфраструктура во која човекот прво доаѓа по помош, потоа станува дел од заедницата, стекнува доверба, а со текот на времето може да стане дел од поширока мрежа.
Според истражувањето, во 2023 година во ЕУ биле регистрирани 83 парохии на УПЦ-МП, а до 2026 година нивниот број, според авторите, надминал 120.
Пошироката мрежа поврзана со Руската православна црква, според нивните проценки, брои најмалку 560 структури, а со нерегистрираните и придружните структури бројката може да биде и значително поголема.
Истражувачите во оваа мрежа ги разгледуваат и структурите на други православни цркви и организации кои, според нив, се ориентирани кон Москва.
„Изборното поле“ е долгорочната цел?
Тука истражувањето ја поместува приказната од религијата кон европската политика.
Украинците кои денес живеат како бегалци во Германија, Полска, Италија, Франција и други земји во иднина делумно можат да добијат траен престој, државјанство и избирачко право.
Затоа, според украинските истражувачи, прашањето не е само колку луѓе денес слушаат руски црковни пораки.
Прашањето е кој денес гради доверба со нив, кој создава заедница околу нив и кој ќе има пристап до таа заедница кога таа ќе стане политички релевантна.
Тоа е причината зошто авторите го опишуваат процесот како создавање на идно „изборно поле“.
И тука „православната окупација“ од насловот не треба да се чита буквално како окупација на територија, туку како метафора за постепено заземање на општествен простор и градење влијание преку православната инфраструктура.
Дел од најсериозните тврдења во истражувањето – особено за разузнавачко собирање податоци, регрутирање или директно управувана политичка мобилизација – се наводи на украинските истражувачи и без независна потврда не треба да се претставуваат како докажани факти.
Но, токму тезата дека црковната мрежа може да биде долгорочна инфраструктура за создавање политичко влијание врз украинската дијаспора е централната порака на истражувањето.

