
МПЦ-ОА и подари мошти на Антиохиската Патријаршија
Архимандритот Гаврил и новиот свештеник на црквата Света Петка, Владо Недески ја претставувале Македонската Православна црква – ОА, на интронизацијата на новиот митрополит во Австралија од Антиохиската Патријаршија.
Архимандритот Гаврил од името на МПЦ – ОА, на новиот антиохиски Митрополит г. Василиос му подарил свети мошти од свети Василиј Велики донесени од Македонија.
По интронизирањето, македонската делегација имала средба и со Антиохискиот патријарх Јован X, кој е во посета на Австралија и кој го извршил чинот на усоличување на новиот митрополит.
-Архимандритот Гаврил од свое име, од име на делегацијата, како и од името на сите верни чеда на МПЦ-ОА на нововостоличениот Митрополит г. Василиос му го честита од Бога даденото Митрополитско достоинство. На Митрополитот г. Василиос уште еднаш му посакуваме многу успеси на нивата Господова и успешна соработка со МПЦ-ОА, велат од Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ-ОА.
Митрополит г. Василиос е избран за наследник на починатиот Митрополит Павле (Салиба), на тронот на Австралиско-новозеландско-филипинската епархија на Антиохиската Патријаршија. На интронизацијата присутвуваа преставници од Помесните православни цркви, кои битисуваат на Австралиско тло.