Почетна Анализа Може ли МПЦ-ОА да го фати „украинскиот воз“ до автокефалност?
Може ли МПЦ-ОА да го фати „украинскиот воз“ до автокефалност?

Може ли МПЦ-ОА да го фати „украинскиот воз“ до автокефалност?

341
1

Вселенската патријаршија во Цариград неодамна најави дека може да ѝ даде автокефалност на Украинската православна црква, и покрај противењето од Москва. Македонските црковни аналитичари се надеваат дека и МПЦ ќе може да биде призната на истиот начин, и покрај противењето од Белград.

Не може да се постават остри паралели меѓу руско-украинскиот и македонско-српскиот црковен спор, но тоа што Цариградската патријаршија се ангажира во решавање на проблемите раѓа надеж дека МПЦ-ОА конечно ќе може да добие автокефалност.

Од Вселенската патријаршија во Цариград во последниве недели почнаа да стигнуваат најави дека таа може да ѝ даде автокефалност на Украинската православна црква, на што Руската православна црква се противи. Дел од домашните аналитичари изразија надеж дека МПЦ-ОА може да го „фати украинскиот воз“ и на сличен начин да добие автокефалност од Цариград, на што, пак, се противи Српската православна црква.

Отец Бобан Митевски од Православниот богословски факултет во Скопје вели дека Вселенската патријаршија во Цариград има право апелативно да учествува во разрешувањето на споровите. Тој посочува дека случаите со украинската и со македонската црква не се исти, но оти ова е најдобриот историски момент кога може да дојде до решавање на македонското црковно прашање.

„Киевската столица од секогаш била во јурисдикција на Вселенската патријаршија. Вселенската патријаршија ќе биде таа што ќе одлучи дали ќе ѝ даде или нема да ѝ даде автокефалност на Киевската митрополија. Тоа е она што е историски, правно итн, но ние не смееме секогаш да се заробуваме и забораваме во буквата на словото, туку некогаш треба да го послушаме и духот на словото. Мислам дека во конкретниот случај, тоа е она што го прави Цариградската патријаршија – гледа на тоа дека таму живеат милиони православни верници коишто подобро би живееле и можеби подобро би ја изразувале верата и севкупниот однос кон верата доколку би имале сопствена автокефална православна црква. Израмнувањето на македонското со украинското црковно прашање беше малку сценарио, би рекол, од североисток, но знаете, кога се отвораат политички или црковно-политички процеси, затоа што ова е чисто црковно-политички процес, тогаш во тој куп влегуваат дури и поразличните прашања и се решаваат на едно. Повторно ќе кажам, се изедначи прашањето, но нека не биде тоа толку трагично сфатено што се изедначи, ако на крајот биде донесен конечен позитивен исход“, вели отец Бобан Митевски.

Тој вели дека се надева дека сега може да се реши македонското црковно прашање, иако решавањето на ова прашање веројатно би било во фази.

„Она коешто во моментов го кажувам е дека се надевам и со оној евангелски оптимизам којшто ми го дава Христос со неговите зборови: „Тропајте и ќе ви се отвори, барајте и ќе најдете, викајте и ќе ви се отповикаат“. Тоа ние го правиме од 1958 година, еве годинава славиме 60 години од тој историски Втор црковно-народен Собор, кога беше обзнането возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и тој оптимизам не умре, никогаш не прекина и мислам дека овој момент историски е најдобриот, кога се отвори и може да се очекува најпозитивен исход на ова прашање“, вели отец Бобан Митевски.

Портпаролот на Светиот синод на МПЦ, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, неодамна за нашето радио, изјави дека процесот за признавање на МПЦ-ОА преку Цариградската патријаршија е отворен. Тој вели дека МПЦ се надева и очекува решавање на српско-македонскиот спор преку Цариград.

„Тоа ќе значи дека МПЦ ќе биде призната од најголем дел од православните цркви како рамноправна православна црква која ќе може да сослужува и ќе може да комуницира на рамноправна основа како останатите православни народи и цркви, а дали ќе биде СПЦ или некоја уште со неа согласна или не, тоа нас не треба премногу да нè вознемирува зашто ова не го решаваме ние, туку го решава Вселенската патријаршија која е прва по чест, но не само по чест туку има и некоја власт ако си прв. А тие одлучија да дадат онаму каде што подолго време тлее црковен проблем и мајката црква на канонски начин не сака да го реши тоа, а другите православни цркви кои се наоѓаат во таква состојба бараат помош од Цариград како апелација на некој начин и велат дека ние сме повикани да им помогнеме на тие цркви и на тие народи и во тој поглед одговорноста ја презема Цариградската патријаршија, а не МПЦ“, изјави владиката Тимотеј.

Остро противење од Руската и од Српската православна црква

Од друга страна, одлуката на Цариград да се вмеша во руско-украинскиот спор предизвика остри реакции од Руската православна црква, која е најголема православна црква во светот. Руската православна црква предупреди дека ќе ги прекине односите со вселенскиот патријарх Вартоломеј Први ако ѝ даде автономија на православната црква во Украина.

Српската православна црква во овој случај застана на страна на руската црква, стравувајќи дека ако тоа се случи во Украина, ќе може да се случи и во Македонија. Српскиот владика Иринеј Бачки, во неодамнешното интервју за белградска Политика, вели дека ако Цариград ѝ даде автокефалност на Украинската црква, тоа може да предизвика раскол во православниот свет, поголем дури и од расколот од 1054 година, кога христијаните се поделиле на Православни и Католици.

„Дали знаете што значи АПП? Еве што: Ако пројде, пројде. Овде важи АПП: Ако такво нешто помине во Украина(а не може да помине, освен со несогледливи последици), ќе помине и во Македонија (сега веќе веројатно „Северна“), туку и во Црна Гора, Абхазија и секаде каде што нарачателите и извршители ќе замислат, дури можеби и во Грција“, вели српскиот владика Иринеј Бачки во интервју за Политика пред две недели.

На евентуалното доделување автокефалност за МПЦ-ОА од страна на Цариград со скепса гледа и Православната охридска архиепископија на владиката Јован Вранишковски, која е под капата на СПЦ.

„Во случајот на Македонија, Вселенската патријаршија ѝ ја отстапила јурисдикцијата на териториите каде што сега се наоѓа Охридската архиепископија на Српската православна црква со томос од 1922 година. Не може некој сега тоа да го одзема, зашто тоа би создало многу големи проблеми, а би било и непринципиелно“, изјави владиката Јован пред еден месец за белградска Политика.

Отворен патот за признавање на МПЦ

Но, и покрај отпорот од Белград, домашните верски аналитичари очекуваат дека решавањето на црковното прашање на Украина ќе биде проследено со решавање и на македонското црковно прашање. Професор Цане Мојановски вели дека ставовите на српската и на руската православна црква ќе останат како дел од прашањата на несогласување кои често пати се случуваат во православната црква.

„Вселенскиот патријарх и положбата на вселенската патријаршија е единствена инстанца која другите православни цркви ги информира дека е востановена нова црква и издава томос или ги информира другите помесни цркви. Вселенскиот патријарх е единствена инстанца која другите православни цркви ги известува дека е создадена нова црква, а таа нова црква се темели обично на некоја историска црква како што е во случајот со нас Охридска архиепископија за која оваа година се славеше 1000 години“, вели Мојановски.

И покрај тоа што црковните лица се обидуваат на проблемот да му пристапуваат само од црковен, односно канонски аспект, неизбежен е впечатокот дека овие настани се случуваат во контекст на големи геополитички превирања, и на светската сцена, но и во регионот.

По потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, МПЦ-ОА лани во ноември испрати писмо до бугарската црква со кое ја признава за црква-мајка и бара признавање од неа.

Непосредно пред потпишувањето на Договорот за името со Грција, пак, пролетоска, Македонската православна црква испрати писмо со барање до Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста. Подоцна беше соопштено дека и премиерот Зоран Заев испратил писмо со молба за решавање на македонското црковно прашање до вселенскиот патријарх Вартоломеј Први. Во ист коверт со неговата молба до Вселенскиот патријарх го ставил и писмото на владиците од МПЦ–ОА.

Премиерот Зоран Заев на прашањето на Слободна Европа дали очекува дека македонското црковно прашање да се реши откако Вселенската Патријаршија одлучи самостојно да дава томоси за автокефалност, неодамна рече дека ги охрабрува црквите да гледаат низ призмата на пријателство и соработка во интерес на верниците.

„Се случува во регионот едно градење на пријателство од секој аспект. Регионот е свесен, барем политичкиот дел од регионот, дека нашата иднина и перспектива е во соработка, помагање и заедничка агенда – унапредување прво на соработката внатре во регионот, а потоа и на целиот регион со остатокот на светот. Се надевам дека и во православните цркви ќе се гради тоа пријателство. Не сакам да навлегувам во вакви прашања, но можам само да охрабрам и да испратам апел да гледаме низ призмата на пријателство, соработка и бенефитите од таа соработка“, изјави неодамна Заев.

Конфликтот во источна Украина ги засили напорите за автокефалност на Украинската православна црква

Дел од аналитичарите, пак, на целава ситуација гледаат и од аспект на геополитичкото позиционирање и засилувањето на конфликтот меѓу Русија и западниот свет, како и на борбата против зголеменото руско влијание во Европа. Токму низ таа призма во моментов се гледа и на обидите да ѝ се даде автокефалност на украинската црква.

Украинската православна црква, уште од распаѓањето на Советскиот сојуз се бори за автокефалност. Оваа битка се интензивира по руската анексија на Крим и конфликтот во источна Украина. Сега е блиску до таа цел, но тензиите се зголемуваат. Руската православна црква прави сè, тоа да го спречи.

Сепаратистичкиот конфликт во Украина ги разгоре и тензиите меѓу Руската и Украинската православна црква. Критичарите на Московската патријаршија тврдат дека таа ги подржува сепаратистите, им помага во складирањето оружје и го оправдува рускиот експанзионизам. Од друга страна, критичарите на Украинската црква на патријархот Филарет го сметаат за нелегитимен. Тоа доведе и до насилни судири на ривалските фракции за црковниот имот.

Владимир Легоида, портпарол на Московската патријаршија, изјави дека една од нивните цркви во источна Украина, била насилно преземена од, како што рече, шизматичка организација.

„Украинските политички сили, водени од политички амбиции, се обидуваат да ја сменат актуелната политичка ситуација, вклучувајќи го и нискиот рејтинг на претседателот Порошенко“, изјави Легоида.

Патријархот Филарет беше распуштен и екскомунициран од Руската православна црква, а неговите противници го обвинуваат и дека бил агент на КГБ, дека имал тајно семејство и оти проневерил пари.

Но, повеќе од 25 години, тој ја предводи битката на Украинската црква за самостојност и за одвојување од Руската, по распадот на Советскиот Сојуз. Сега е блиску до остварување на таа цел.

„Ако се борев 26 години за автокефалност на Украинската црква и верував дека тоа ќе се случи, тогаш, секако, доколку Бог ми даде сила, ќе ѝ служам на Украинската црква до крај“, изјави патријархот Филарет.

Поделбите меѓу Украинската и Руската православна црква се заострија по руската анексија на Крим во 2014-та година и избувнувањето на сепаратистичкиот бунт во источна Украина, кој е поддржан од Кремљ.

За украинскиот претседател Петро Порошенко, независноста на црквата е начин и за намалување на руското влијание во Украина.

„Москва сака и прави сè за да ескалираат религиозни судири во Украина меѓу Киевската и Московската патријаршија. А тоа, дава предтекст за влијание од надвор“, смета патријархот Филарет.

Филарет смета дека Украина е на неколку недели од својата цел и оти светиот архиерејски синод во Истанбул ќе ја одобри автокефалноста до крајот на годинава. Руската православна црква протестираше, a во минатиот месец ја прекина комуникацијата со синодот во Истанбул.

Ако се избори за автокефалност, ќе биде тоа чудно патување на патријархот Филарет, кој некогаш беше во служба на Руската православна црква, а по независноста на Украина, почна кампања за осамостојување.

За време на Портокаловата револуција, тој застана на страната на демонстрантите, а неговата црква им даде засолниште на повредените, оценувајќи дека местото на Украина е во Европа, а не во Русија.

„Путин сака да се врати во минатото, во периодот кога постоеле царства“, изјави Филарет во едно интервју.

/slobodnaevropa.mk

Коментар(1)

  1. Toa e i celta na Zapadno-MASONISTICKIOT SISTEM da nema PRAVOSLAVEN CAR posto ako ima nikoj nema da mozi da go razoruva Pravoslavieto. Kako sto go razorija vo rusija posle ubistvoto na posledniot PRAVOVEREN CAR Sv. Nikolaj i negovata familija….
    I ne e se kako sto citate, glavna i osnovna cel na sevo ova e da se raznebitit i da se oslabit vlianieto na Rusija kako najbrojna megju Pravoslavnite i najsilna , i posto mozit da gi odbranit moralnite vrednosti na Pravoslavnite od vlianieto na zapadno-rasipnickata kultura koja posledno vreme se propagira se poveke i poveke, od ednopolvni brakovi ,prostitucija,i sto ne drugo sto e sprotivno na Crkvata ….za ovaa tema koj saka moze slobodno da istrazit poveke i da svati deka sekoja edna pomos ili potkrepa od zapad za so i da bilo e protiv Pravoslavnata vera posto na tie so sakaat da go zacarat antihristot mu e polesno bez Pravoslavie ili pak so oslabeno , rasparceno,isprevrteno vo ucenjeto pravoslavie …. mozam uste mnogu da primeri da naveduvam ama sepak mislam deka sekoj sam treba malku da istrazi danprocita pa sam da si donesi zaklucok na seto ova…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *