Монахиња на СПЦ му бакна рака на пасторот Бернс, духовен советник на Трамп

Date:

Share post:

Српскиот патријарх Порфириј, вчера вечерта заедно со пасторот Марк Бернс, советник за духовни прашања на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, ја посетиле Пеќската Патријаршија.

Во дворот на древното седиште на Српската Православна Црква, српскиот патријарх Порфириј, пасторот Бернс и нивната придружба беа пречекани од игуменијата Харитина со сестринството на светата пеќка обител.

На видеото што Порфириј го сподели на Фејсбук се гледа како монахињата на СПЦ прво му бакнува рака на својот поглавар, а потоа се ракува со протестантскиот пастор и во еден момент се поклонува и му бакнува рака и него. Според канонските толкувања бакнувањето рака означува земање благослов. Во случајов, монахињата на СПЦ зема благослов и од патријархот Порфириј и од пасторот Бернс.

Инаку, како што соопшти СПЦ, по свечениот пречек, поглаварот на Српската Православна Црква и високиот гостин од Соединетите Американски Држави се поклониле пред чудотворната икона на Пеќската Богородица и пред светите мошти на српските архиепископи и патријарси, кои со векови почиваат во манастирот, кој се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО како ремек-дело на српско-византиската архитектура.

-Со Божјата љубов пристигнавме на Косово и Метохија, во Нашата ставропигијална лавра – Пеќската Патријаршија. Со нас е и пасторот Марк Бернс, советник за духовни прашања на претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Доналд Трамп. Од древното седиште на српските патријарси го призиваме Божјиот благослов врз сите луѓе со добра волја, молејќи Му се на Господ на сите да им дарува мир, разбирање и братска љубов, изјавил Порфириј.

-Осум века манастирот Пеќска Патријаршија под своите сводови го чува свештениот Трон, на кој се воведуваат наследниците на Свети Сава и од кој српските архиепископи и патријарси управуваат со коработ на Христовата Црква во границите на својата канонска јурисдикција. По воспоставувањето на единството на Српската Православна Црква во 1920 година, обновена е и традицијата на устоличување на Пеќскиот трон како видлив доказ за духовното угледување на нашите богоносни архиепископи и патријарси, од добивањето на автокефалноста во 1219 година до денес, соопшти СПЦ.

1 COMMENT

  1. Вообичаено монахот и не се занимава многу со еклисиолошки прашања и ваков еден гест на ниеден начин не би имал никаков поширок ефект. Личен ефект на внатрешен план секако дека има, колку ќе биде траен и во која форма, зависи од мистичната ипостас и на целиваниот и на целивачот (во случајов монахињата), но може да биде амортизиран веќе со целивање на дланката на подвижник со подоминантна мистична ипостас (мислам дека во конкретната ситуација се работи за гест на љубезност од небрежност, монасите имаат развиен рефлекс на изразување понизност која е постојано барање прошка од се’ и секого, па и целивање нечија дланка, се случува да целиваат и дланка на мирјанин како искрен израз на најдлабока христијанска љубов). Сепак, има случаи кога ваквите гестови го чинат монахот малку поскапо (не во смисла на дисциплински мерки од ерархијата, туку во смисла на трпење на последиците од самата примена енергија од целиваниот од друга конфесија заради негова специфична метафизичка конфигурација; дури и кога станува збор за бесконтактна комуникација во вакви средби трагата може да биде далекусежна). Тоа и е еден од аспектите на самувањето: заштита од досегот на разни видови онтолошки влијанија заради јакнење на својата духовна (поточно кажано мистична) тврдина. Духовните отци кои раководат со монашки заедници обично и одредуваат само еден монах гостопримец, знаејќи точно кој и под какви услови би можел да се соочува со гости. Останатите монаси имаат јасно зададени начини за заштита од непотребни влијанија, кои во некои манастири се прилично екстремни (што е само по себе драгоцено). Дури и при таа прецизна селективност гостопримството е едно од најтешките (ако не и најтешко) послушание за монасите (речиси сите претрпуваат помала или поголема штета вршејќи го).
    Очигледно е дека Индијците имаат традиционално најсовршен гестикулативен кодекс на духовна комуникација во која било можна средба: ‘Намасте’ е совршен облик на комуникација меѓу луѓето за време на кратки средби исклучиво на рамниште на нивната мистична ипостас, без какво било загрозувачко влијание за чиј било личен духовен простор (без допирање, прегрнување итн.), а длабокиот поклон (познат во православната практика како ‘мала метанија’) е дури и посовршен облик на комуникација, иако во тој случај ползата е за оној кој се поклонува, не за оној кому почитта е укажана (нешто коешто Индијците совршено го разбираат, па кога не сакаат да дадат благослов некому се трудат физички да го избегнат гестот на дтугиот). За жал ние во Православието полагањето дланки врз нечија глава и уште неколку такви гестови ги имаме единствено во ретки, прецизно поставени моменти во светотаинските практики, а семантиката на говорот на телото сме ја пренебрегнале заради акцентот врз аскетскиот аспект на христијанското подвижништво. Нема зошто еден монах да целива дланки на кој било непознат човек (човек за чија мистична ипостас не знае ништо, ако веќе Бог не му открил кој и каков е тој човек, какви се неговите метафизички сили), дури и да е гостинот во монашки одежди (единствено кај православните христијани и на некои места кај римокатолиците постои практиката на целивањето дланка на свештенослужител заради почитта кон неговиот тактилен контакт со Светите Тајни).
    Кај евангелистичките цркви таа практика ја нема: тие не ги целиваат дланките на нивните пастори (пасторите не извршуваат Свети Тајни). Со други зборови, посетителот на ставропигојалната лавра на Пеќската Патријаршија, Марк Бернс, не ни очекувал некој да му ја целива дланката. Но, нека се погрижи за тоа Патријархот Порфириј или кој било духовен пастир кој практикува да ги доведува своите монаси во контакт со разни дипломати, мисионери, дејци, па и православни пастори од други Помесни Цркви, манастири итн. Општите правила не даваат општи резултати. Како што ѕвезда од ѕвезда се разликува, така и монах од монах се разликува, и влијанијата што ги трпат и начинот на кој ги канализираат не може да бидат исти.
    Затоа православните монаси и верници и не претпочитаат многу да се мешаат со друговерни (па и римокатоличките монаси кои живеат според типици на затворени манастири не го прават тоа, тие дури и построго се чуваат). Потребна е голема просветленост и мајсторска умешност за да може еден подвижник слободно да се движи во светот и да има дури и огромни добивки од средбите со различни луѓе, дури и од најразлични конфесии.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img