Малолетен ученик во богословијата Р.С. (идентитетот ѝ е познат на редакцијата) во своето сведочење пред суд го обвинил владиката Алексеј Богиќевиќ, викарен епископ хвостански, за наводно сексуално злоставување кое се случило во манастирот Прохор Пчињски во 1995 година, покажува судски документ до кој дошла редакцијата на Нова.рс.
Нова.рс пишува дека станува збор за записник од сослушување на сведок означен со иницијалите Р.С., даден во 2003 година пред Општинскиот суд во Врање, во рамките на предметот Ки бр. 14/03. Според достапните податоци, истиот предмет во Општинскиот суд во Ниш е заведeн под број К 247/03. Според наводите од записникот, сведокот Р.С., кој се идентификувал како малолетно лице од Република Српска, ги опишува околностите кои му претходеле на неговото доаѓање во манастирот Прохор Пчињски во 1995 година. Наведува дека во Врање пристигнал во септември истата година, откако, со благослов на тогашниот врањски епископ Пахомиј, му било овозможено сместување во манастирот.
Во исказот, што го објави српската телевизија, се опишува и средбата со тогашниот монах Алексеј Богиќевиќ, кој во тоа време се наоѓал во манастирот. Во записникот се наведува следното:
„Кога влегов во собата и се наведнав да ја погледнам постелнината, тогаш Алексеј ме бакна во вратот.“
Сведокот понатаму наведува дека таа постапка, како што стои во записникот, го „шокирала“, по што следеле и други ситуации кои тој ги опишал како непримерно однесување. Во документот, меѓу другото, се наведува и следната реченица:
„Ми даде некакви гаќички и рече дека се мали поради неговиот полов орган.“
Според исказот, сведокот за тоа му се обратил на епископот Пахомиј, по што му било ветено, како што наведува, дека за тоа ќе се разговара и дека монахот ќе биде отстранет од манастирот.
Во вториот дел од записникот сведокот опишува настан кој, според неговите зборови, се случил во декември 1995 година во просториите на епархијата. Во документот се наведува дека во таа прилика бил изложен на сексуално напастување од страна на тогашниот врањски епископ Пахомиј.
Според наводите од записникот, по тој настан од него било побарано, како што тврди, да потпише изјава во која „на крст и Евангелие“ ќе се заколне дека ништо од наведеното не се случило и дека не бил изложен на какво било злоставување. Сведокот во исказот наведува дека тоа го одбил.
Нобва.рс наведува дека името на сведокот во овој текст не е објавено поради заштита на идентитетот на лицето кое во времето на настаните било малолетно.
Лицето кое се споменува во записникот, Алексеј Богиќевиќ, денес ја извршува функцијата претседавач на Црковниот суд на Архиепископијата белградско-карловачка, а воедно е и викарен епископ на патријархот Порфириј.
Поранешниот парох на Храмот Свети Сава, професор на Православниот богословски факултет во Белград, теолог и свештеник д-р Вукашин Милиќевиќ неодамна, покрај неоснованите обвиненија за агностицизам и атеизам од Српската православна црква, беше и екскомунициран поради „блуд“ – затоа што повторно се оженил, откако со првата сопруга се разделил спогодбено и во сосема коректни односи. Таа пресуда, како заменик на патријархот во Црковниот суд, ја потпишува и Алексеј Богиќевиќ.
Исто така ја потпишува и пресудата со која од Црквата го „исклучува“ теологот Благоје Пантелиќ поради критичкото мислење кое го изразувал кон црковната власт.
Нова.рс пишува дека во врска со записникот Ки бр. 14/03, се обратиле до Светиот архијерејски синод на Српската православна црква, како и до Канцеларијата на патријархот Порфириј, со прашања поврзани со наводите од документот. Телефонски бил контактиран и епископот Алексеј Богиќевиќ. Неговата единствена реакција била ставање „срце“ на пораката во вибер-комуникацијата, со што потврдил дека документот кој го содржи сведочењето го примил на знаење.
Редакцијата на Нова.рс не добила одговори од наведените адреси, а авторот на текстот во врска со автентичноста на документот, контактирал и со судовите во Србија.
Од Основниот суд во Врање било наведено дека предметот е проследен до Основниот суд во Ниш.
Од Основниот суд во Ниш бил доставен одговор во кој се наведува дека документацијата во меѓувреме е уништена во согласност со прописите за архивирање на судски предмети. Во тој одговор не е експлицитно наведено дека документот е фалсификат ниту е оспорена неговата автентичност, туку е соопштено дека судот повеќе не располага со предметната документација. Во одговорот што авторот го добил од Општинскиот суд во Ниш, исто така се наведува дека предметот во меѓувреме е „отпишан и излучен“, односно дека судот повеќе не располага со целосната документација согласно важечките прописи за архивска граѓа.
Случајот Пахомиј – како заврши?
Исказот на Р.С. бил дел од сведочењата во случајот што се водел против владиката Пахомиј (Томислав Гачиќ) поради обвиненија за сексуално злоставување малолетници. Сепак, постапката против Пахомиј била прекината поради „апсолутна застареност на кривичното гонење“. Тројца момчиња го обвиниле Пахомиј за сексуално злоставување во службените простории на Епархијата врањска. Во кривичната пријава и во своите сведочења, кога се дознало за скандалот, младите навеле дека „владиката ги допирал, ги галел и ги терал да се ‘дружат’, што тие решително го одбиле“. Сепак, по повеќегодишна постапка, во 2006 година Пахомиј бил ослободен поради застарување на предметот.
Поранешниот министер за правда Душан Петровиќ своевремено покренал постапка за разрешување на судијката на Општинскиот суд во Ниш, Катарина Раѓеловиќ, поради одолговлекување на постапката. Високиот персонален совет, во кој членувале судии на Врховниот суд, донел одлука судијката Раѓеловиќ да не биде разрешена од должност ниту опомената поради пропустите во судењето кои претходно ги констатирал Врховниот суд.

