Мојата чудесна Русија: државата проповеда, Црквата молчи

Date:

Share post:

Неодамнешните изјави од руски државни структури, во кои Вселенскиот патријарх е опишан со поими како „антихрист“, отвораат сериозно прашање што се оддалечува од дневната политика. Дури и ако настрана се тргнат геополитичките мотиви, останува едно суштинско прашање од интерес за Црквата: што значи ваквиот говор, гледан од аспект на Светото православно предание?

Во Православната црква, Вселенскиот патријарх нема апсолутна власт, но има посебна улога. Тој е „прв меѓу еднаквите“ – личност што симболизира историски континуитет и единство меѓу помесните цркви. Нападот врз него не е само лична критика, туку допира до самиот црковен поредок. Православието познава несогласувања низ целата своја историја, но не познава јавно демонизирање како легитимна форма на црковна расправа.

Терминот „антихрист“ во православното предание има многу конкретно и тешко значење. Тоа не е навредлива етикета, туку поим поврзан со радикално отфрлање на Христос. Неговата лесна и политички обоена употреба укажува не на богословска грижа, туку на длабока духовна заблуда – состојба во која духовниот јазик се користи за понижување, а не за сведоштво за Христос.

Во православното учење, ваквата појава е препознаена како духовна прелест: уверување дека „ние сме во право“, а сите други се непријатели на верата. Ова не е нов феномен. Историјата е полна со примери каде поединци, цели заедници, па и народи биле убедени дека исклучиво тие го познаваат Бог и Неговата волја. Старозаветниот Израел често паѓал во таа замка, заменувајќи го повикот за сведоштво со чувство на избраност. Римската империја, пак, била уверена дека нејзиниот поредок е божествено загарантиран и дека отпорот кон него е отпор кон самиот светски поредок. Слични примери може да се најдат и подоцна во историјата, секогаш кога верата била врзувана за моќ, а не за смирение – и индивидуално и колективно.

Историјата јасно покажува дека токму ваквиот начин на размислување бил извор на расколи и трајни поделби, а не вистинска грижа за Црквата Христова. Кога некој колектив си присвојува монопол врз вистината, верата престанува да биде пат и станува идеологија.

Последиците од ваквиот говор не се само симболични. Се нарушува чувството за црковна мерка, се збунуваат верниците и се создава впечаток дека навредата може да се користи како алатка за „одбрана на верата“. На крај за жал, најголемата духовната штета најчесто ја носат оние што говорат со таков јазик, бидејќи Православието не се гради врз осуда, туку врз смирение и одговорност.

Останува и едно непријатно, но важно прашање: дали овде станува збор за недоволно познавање на православната традиција кај еден народ, или пак за тоа дека верниците се приморани повеќе да го слушаат гласот на државните власти, отколку гласот на Црквата? Во Православието е нормално да постои дијалог, па дури и критика меѓу помесните цркви и нивните водачи. Несогласувањата не се исклучок, туку дел од живото црковно искуство. Но во вакви случаи, тие традиционално се водат помеѓу црковни органи и со црковен јазик, а не од државни институции.

Токму затоа се наметнува дополнително прашање: што значи тоа што во овој случај Руската православна црква молчи, а наместо неа зборуваат државните власти? Дали станува збор за заменување на црковниот глас со државен, и каква порака се испраќа до верниците кога верата се артикулира преку јазикот на моќта, а не преку јазикот на Црквата? Кога државата зборува со црковен јазик, а Црквата молчи или е потисната, верата лесно може да се претвори во алатка за големи духовни последици – наместо во пат кон спасението.

Да живее Русија!

Т.А.

1 COMMENT

  1. Пред се’ поимот ‘руската држава’ како некаков гласноговорник тука е генерализиран. Кој, кога, каде и зошто го нарекол Цариградскиот Патријарх антихрист? Во каков контекст и со колкав дострел? Непотпишаните аналитичари со магливи флоскули не можеме да ги третираме на никаков начин, зар не?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img