Истражувањата спроведени во текот на 2025 година укажуваат на значаен пресврт во религиозниот живот во Обединетото Кралство, со растечки број луѓе кои повторно се враќаат во црквите. Ова го истакнува Фил Нокс, виш специјалист за евангелизација и мисиологија во Британската евангелска алијанса, во својата анализа „Мисионерски трендови 2026“.
Според Нокс, изминатата година донела „сеизмичка промена“ за црквата во Велика Британија. По речиси еден век континуиран пад на посетеноста, повеќе независни истражувања покажуваат дека трендот се менува. Сè поголем број луѓе се отворени за верата, активно го истражуваат христијанството, се крштеваат и стануваат дел од црковните заедници.
Во анализата се издвојуваат пет клучни очекувања за 2026 година. Првото е зголемен духовeн интерес. Нокс оценува дека наредната година би можела да биде најдуховно инклузивната во поновата историја. Според него, атеизмот продолжува да опаѓа, а интересот за верата повторно расте. Ова, сепак, не значи дека луѓето се насочуваат исклучиво кон христијанството, бидејќи дел од трагачите покажуваат интерес и за други религии, паганство и окултни практики.
Вториот тренд се однесува на необјасниви духовни искуства. Сè почесто се забележуваат сведоштва за соништа, силни внатрешни доживувања и настани кои ги поттикнуваат луѓето да го преиспитаат својот однос кон верата. Според податоците што ги наведува Нокс, речиси една третина од новите возрасни христијани започнале да ја истражуваат верата токму поради вакво духовно искуство.
Третиот аспект е поврзан со нови можности за благовестие. Социјалната криза и зголемената сиромаштија, особено преку порастот на корисници на народните кујни и банките за храна, создаваат простор за подлабока поврзаност меѓу хуманитарната помош и духовната поддршка. Нокс потсетува дека речиси секоја банка за храна во земјата е поврзана со некоја црква, но само мал дел од корисниците добиваат покана за понатамошен духовен пат. Таму каде што оваа врска се гради свесно, резултатите се видливи.
Особено значајно е и зголеменото вклучување на млади семејства. Според истражувањата, дури 74 проценти од родителите со деца под петгодишна возраст посетиле некоја црковна активност во последната година, што за Нокс претставува голем потенцијал за идниот раст на црквите.
Четвртиот тренд е растечкиот интерес за Библијата. Продажбата на библиски изданија значително се зголемила во последните години, а сè повеќе луѓе доаѓаат во црква веќе информирани и со сериозни прашања. Во свет во кој доминира недоверба и релативизам, особено помладите генерации бараат порака што е автентична, длабока и смислена.
Петтиот и последен предизвик се однесува на континуитетот. Нокс предупредува дека со доаѓањето на нови верници, често преку нетрадиционални патишта, црквите ќе мора повеќе да вложуваат во духовно оформување и создавање заедница. Истражувањата покажуваат дека многу нови верници ја напуштаат црквата ако не бидат поддржани во развивањето на духовни навики и лични односи.
Според мисионерот, 2026 година ќе биде тест за зрелоста на црковните заедници: дали ќе успеат да одговорат на новата духовна глад со трпение, длабочина и вистинска грижа за луѓето кои штотуку го започнуваат својот верски пат.

