Дали се раѓа нова верска опозиција во Америка – американските католици меѓу Рим и Републиканската партија

Date:

Share post:

Вториот мандат на Доналд Трамп претставува длабок пресврт за американското општество, а особено за христијанските заедници во САД. Политиките на администрацијата – од агресивното спроведување на имиграциските мерки, преку отворените напади врз трансродовите лица, до систематското ограничување на правата на жените – ја изнесоа на површина долгогодишната врска меѓу политичката моќ и она што сè почесто се нарекува реакционерно христијанство.

Оваа агенда не се појави одеднаш. Таа е резултат на повеќедецениска стратегија на религиската десница, коалиција составена од бели евангелистички протестанти, конзервативни католици, делови од источноправославни заедници и конзервативни јудејски кругови, кои од доцниот 20. век станаа еден од столбовите на Републиканската партија. Во замена за политичка поддршка на економски и државни политики што често се косат со класичните христијански социјални учења, религиските лидери добија влијание врз прашања поврзани со родот, сексуалноста и семејството.

Но токму во моментот кога оваа коалиција ја доживува својата политичка кулминација, почнуваат да се појавуваат јасни знаци на отпор однатре. Првите такви сигнали беа видливи уште на денот на инаугурацијата, кога епископката на Вашингтонската епископална црква јавно го повика новиот претседател да покаже милост кон луѓето кои живеат во страв. Таа порака беше јасен показател дека христијанството во Америка не е монолитно и дека постои длабока внатрешна разноликост во однос на политичките ставови.

Сепак, ваквиот отпор досега најчесто доаѓаше од либерални и бројно ослабени протестантски деноминации, чие политичко влијание е ограничено. Затоа вистинската промена почнува да се наѕира дури со вклучувањето на американските католици, група која брои околу една петтина од населението и има значително поголема етничка, расна и културна разновидност, за разлика од евангелистичките заедници.

Историски гледано, сојузот меѓу католиците и евангелистите бил резултат на заедничка „културна анксиозност“ во периодот на расна интеграција и општествени промени. Католиците од европско потекло, кои дотогаш биле маргинализирани, преку овој сојуз добиле целосен пристап до доминантната бела американска идентитетска рамка. Но денешната католичка реалност е поинаква. Сè поголем дел од католиците во САД се имигранти или потомци на имигранти од Латинска Америка, Азија и Африка, за кои прашањата на имиграција, социјална правда и државна одговорност се лични, а не апстрактни.

Токму тука настанува судирот со МАГА-политиката (Make America Great Again), која имиграцијата ја третира како закана, а не како човечка реалност. За многу католици, молкот или поддршката за вакви политики повеќе не е одржлива позиција, без оглед на нивните конзервативни ставови по други морални прашања. Прашањето што сè почесто се поставува е дали лојалноста кон политичката партија може да биде поважна од лојалноста кон сопствената црква и нејзините социјални учења.

Во тој контекст, особено значајна улога има Папа Лав XIV, првиот папа роден во Соединетите Американски Држави. Неговите јасни и директни изјави за обврската на христијаните да го примаат странецот и да се спротивстават на демонизацијата на имигрантите претставуваат отворен предизвик за политиките на администрацијата на Доналд Трамп. Овие зборови не останаа само на ниво на реторика, туку беа проследени и со кадровски одлуки во американската католичка хиерархија, со кои јасно се нагласува поддршката за заедниците погодени од рестриктивните имиграциски мерки.

Овој развој го нарушува долготрајниот наратив дека одредени политички ставови автоматски се „христијански“. Се отвора простор за нова, непартиска и верски мотивирана опозиција, која не се темели на идеолошка лојалност, туку на пошироко сфатена етика на човечко достоинство, солидарност и правда. Таквата трансформација сè уште е кревка и исполнета со противречности, но историјата на религиската десница покажува дека токму католиците често се клучниот фактор во редефинирањето на односот меѓу верата и политиката во Америка.

Дали ова ќе доведе до трајно престројување и до создавање нова религиозна коалиција, останува отворено прашање. Но јасно е дека вториот мандат на Трамп ја извади на виделина длабоката внатрешна борба за идентитетот на американското христијанство – борба која може суштински да ја промени и верската, и политичката сцена во САД.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img