Почетна Политичка теологија Младите религиозни, но како ја разбираат религијата
Младите религиозни, но како ја разбираат религијата

Младите религиозни, но како ја разбираат религијата

410
0

Истражување за религијата, религиозноста и перцепциите за нив

Какво влијание има, или може да има религијата врз младите? Колку се тие религиски писмени за да можат да препознаат можни пропагирања на верски недоследности, тенденциозни конфесионални толкувања или, пак, манипулации на верска основа? Дали религијата има рефлексии врз развојот на личноста кај младите? Сите овие дилеми многу често се присутни во општествената јавност, особено во ситуации кога во светот, а со тоа и во Македонија, се случува злоупотреба на религијата за радикални цели, а во крајна линија и за извршување терористички акти? Регрутацијата од страна на верските екстремисти на млада популација воопшто не е непознато и досега, но последиците на тоа сѐ почесто се чувствуваат и оставаат крвави траги во секојдневието на Стариот Континент.

Токму од тој аспект, за едно општество е важно да има слика како младата популација ја перципира религијата. Таков е и случајот со последното истражување направено од професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, кое открива доста висок процент на религиозност кај младите во Македонија.

Професорите Тања Каракамишева, Владимир Божиновски и Александар Спасеновски истражувале три аспекти на поврзаноста на младите и религиозноста, и тоа, нивото на познавање на религијата, како и нивото на нејзино практикување, нивото на информираност за обврските на институциите во однос на целосното остварување на слободата на вероисповед, како и нивото на информираност за начините на практикување на слободата на вероисповед, како и за начините на институционална заштита на ова човеково право.
– Влијанието на религијата врз однесувањето на младите луѓе е неоспорно. Последните негативни примери на верски екстремизам во кои беа вклучени млади луѓе на еден негативен начин нѐ потсетуваат уште еднаш дека верските вредности имаат значајно влијание врз нивното однесување. Оттаму, со оваа анкета, која беше поддржана од Програмата за владеење на правото на германската фондација „Конрад Аденауер“, сакавме да ги испитаме ставовите на младите луѓе за прашања од областа на слободата на вероисповед, еднаквоста, дискриминацијата и односот на институциите – вели професорот Александар Спасеновски.
Смета дека една од хипотезите пред да се спроведе истражувањето била дека декларативната религиозност кај младите луѓе ќе биде пониска од општата популација, базирано на претпоставката дека кај помладите луѓе религијата и религиозноста се помалку застапени.

Сепак, истражувањето потврдило дека во македонското општество тоа не е случај, односно декларативната религиозност кај младите е исто толку висока колку што е кај општата популација.
– На прашањето „дали за себе може да кажете дека сте религиозен/на?“, во истражувањето високи 51 отсто (кај православните 50 отсто и кај муслиманите 58 отсто) кажале дека се религиозни, додека дополнителни 34 отсто се изјасниле дека се донекаде религиозни. Како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 14 отсто од испитаниците. Кај православните граѓани овој процент е 15 отсто, додека кај муслиманските граѓани само четири отсто. Ова ја потврдува претпоставката произлезена од други слични истражувања, дека македонското општество генерално е религиозно, при што оваа констатација важи како за христијаните така и за верниците припадници на исламската религија.

Поаѓајќи од основната цел на истражувањето, генералниот заклучок е дека младите во нашата држава сметаат дека во целост се почитуваат уставно и законски загарантираните религиозни права и слободи, со одредена резерва во однос на функционирањето на институциите задолжени за нивна заштита доколку има одредени прекршувања, иако и во овој дел преовладуваат позитивните ставови – вели Спасеновски.
Истражувањето е спроведено кон крајот на август 2020 година, врз млади испитаници на возраст меѓу 18 и 35 години на национално ниво. Ова истражување имаше цел да ја испита перцепцијата на младите луѓе во однос на човековите права и слободи поврзани со религијата и нејзиното практикување.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *