Почетна Коментар Со кого може да се разговара и за што
Со кого може да се разговара и за што

Со кого може да се разговара и за што

1.13K
6

Видете што интересно размислување ми кажа еден човек; ќе се обидам што поточно да го парафразирам:

Постојат некои непишани правила, со кого и за што може да се разговара. Не можам да ти објаснувам сега опширно, но зборот е сила со која треба многу внимателно да се располага. Со зборот можеш да убиеш и исцелиш; и себеси и друг.

Ќе ти откријам некои од моите правила.

Генерално, одбегнувам да разговарам за проблеми и прашања од некоја стручна област, кои лично ме засегаат, со луѓе кои не се стручњаци од конкретната стручна област. Тука нема што да научам.

Генерално, одбегнувам да разговарам за политика, тука секогаш повеќе има интерес отколку специфична стручност; освен ако е нешто битно за Црквата или за тој што слуша. Релевантна политика се случува и се разговара на друго ниво и ретко со кого.

Бизнисот е специфично искуство кое не го познавам и во кое, не знам зошто, не сум се испробал. Но, би разговарал и на таа тема, ама само со луѓе кои се успешни во бизнисот и ако од тоа има општа корист.

За спортот што го знам и ме интересира, за здравата исхрана, за природните лекарства, за живот во природа, сакам да разговарам, ама со луѓе што се разбираат. Овој вид разговори можеби се и најинтересни, лично – за мене. Многу сме оддалечени од природата, а тоа ни ја одзема слободата.

За патриотски работи, ако треба, може да разговарам, ама само со луѓе кои имаат три деца или повеќе. Со партиски определени и со традиционални христијани не би разговарал за патриотски прашања; а комбинацијата, пак, од нив, е најлоша за разговор. Не би разговарал, на таа тема, и со луѓе кои не делат со мене исти гео-политички и економски услови за живот; би сменил некој збор само од учтивост.

За патриотски работи не би разговарал со луѓе кои формално се декларираат за христијани, од проста причина што на својот национален идентитет му даваат суштинска предност во односот на својот христијански идентитет. Јасно ми е дека тој што го маргинализира својот христијански идентитет, ја губи Божјата благодат, а со тоа многу го оштетува и својот национален идентитет. Самите најчесто не се свесни за тоа, но многу лесно се препознатливи. Таквите посебно ме демотивираат за разговор. Ние сме два различни света. Значи, за таков вид разговор со мене би требало да се вистински христијани, да делиме иста „судбина“, да го исполнат и условот од три деца – па нагоре; како и да не се партиски определени.

За некој, со мене, сериозно да разговора за црковни работи, исто така, треба многу услови да исполни: христијанскиот идентитет да му е на прво место, да е венчан во црква и да има од три деца па нагоре, или да е монах, да е свештеник или да е член на Светиот Синод; и, секако, да е лојален на МПЦ – ОА. Исто така, може да е член и на друг Синод, што е релевантен за решавање на нашето црковно прашање. Сѐ и секому, никогаш не се кажува; посебно не предвреме, а на крајот, и така сѐ ќе се знае – затоа што мора и да се аминува. За оние што се умни, доволно информации и јавно се изнесуваат, затоа и си се мирни.

Некои мислат дека, за црковните работи, знаат повеќе и од Епископите; арно, нека мислат; мислењето не е забрането. Има и такви кои јавно, и верувам – со добра намера, ги предупредуваат или, тргнувајќи од одредени погрешни претпоставки, полемизираат со Епископите; и тоа може. Сѐ е слободно, иако не е сѐ од душевна полза. Можни се и други варијанти на темата. Но, сето тоа е нивен проблем; мене ме интересира само едно: дали некој исполнува услови за разговор со мене или не. Ако – не, ништо…

Тоа што е очигледно, за секој нормален, е дека, во овој период, против Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се води специјална војна чија цел е растурање на нејзиното единство. Препознатливи се експонентите на таа војна, како и оние кои со своето однесување, несвесно, ја помагаат таа војна. Таквите се игнорираат без збор. Тоа е војна однапред осудена на неуспех, но добра е за тренинг на сите нас. Проверка на зрелост пред формалната автокефалност.

Со оние што јавно ме напаѓаат по медиумите, клеветат и обвинуваат, исто така, не разговарам, не се правдам, не се објаснувам, не демантирам – ниту некој од моите. Колку им допуштил Господ, толку нека зборуваат; Му благодарам на Бог. Ние имаме знајни и незнајни гревови; така Господ нѐ чисти од незнајните гревови.

За духовни работи, ако видам дека е соговорникот отворен да слуша, може да разговарам. Но, само ако самиот се отвори и самиот почне да прашува – јас такви разговори, лично, не започнувам; и ако прашува согласно своето ниво и од желба за развој, а не од радозналост. Значи, за духовни разговори отворен сум за секој кој нема со кого за тоа да разговара; барем колку за вовед.

Е, сега, има и исклучоци од правилата. Луѓе сме. Некој ти е, просто, драг и сакаш да си поразговараш со него, па не е важно што тема ќе биде. Ама е исклучок. Вообичаено, од зафатеност, стигнувам да разговарам само со луѓе кои ме бараат.

Мислам дека се многу јасни и дека не треба да ги објаснувам моите правила. Всушност, мој живот, мои правила, мое време. Ако некому му одговара – арно. Но, моето неприфаќање на разговор секогаш е поврзано со молитва за оној кој пројавил интерес за разговор, за да не се почувствува повреден. Нормално, сѐ треба да се одвива со благ збор и смирено.

Времето поминува, тоа што останува станува сѐ поскапоцено, не е дозволиво да се губи на секаков разговор и со секаков човек; мислам – некомпетентен или, пак, деструктивен. Некои луѓе, за чудо, посебно се расположени да дебатираат за проблеми кои, најчесто несвесно, со својот живот и ги предизвикуваат.

Не сум ни јас на не знам ти каков духовен развој, па од секоја ситуација да можам да извлечам секого; и мене ми треба духовно растење, восовршување и молитва, како и време за тоа; и така молитвата е најкреативниот човечки акт.

Сѐ почесто размислувам за повлекување од овој и ваков живот, и мислам дека успешно работам на тоа. Додуша, кога би можел, веднаш би се вратил на живот во мир и анонимност. Речиси сите услови се исполнети.

Но, Господ како да чека, да си ја дозавршам работата и официјално…

Тука завршувам со прераскажувањето. Интересен некој човек.

Се надевам дека ќе ви биде од полза неговото размислување.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(6)

  1. Si ima pravo chovekot na komentar, demoktratski e.
    Treba so argumenti da se demantira ako nekoj gi ima.

  2. Најубаво му оди разговорот со Цариградскиот Патријарх. Ѓоко, ич да не се секира.

  3. Djordji da setam i da pozdravuvam bugarska amtimakedonska propaganda, epa toa ti go ptavi, a Makedonec toa ne treba., ovoj toa go pravi i ti bidi saa strana, neka ti e na zdravje, a jas ce bidam na makedonska srans.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *