Почетна Вести Македонски копаничар изработи резба идентична на иконостасот во Бигорски
14
13
12
6
4-4
4-4-5
4-4-5-6
4-4-5-6-7
3
1-1

Македонски копаничар изработи резба идентична на иконостасот во Бигорски

1.74K
1

Бигорскиот манастир доби резбан исконостас за иконата на Пресвета Богоордица, или популарно наречена целивална, која речиси и да не се разликува во изработката од епохалното дело на Петре Филипов Гарката, кој го изработил највеличествениот иконостас во манастирската црква.

Овој мал иконостас за иконата на Пресвета Богородица, го изработил познатиот македонски копаничар, стружанецот Новица Столески, кој на ова скапоцено дело, посвети цели седум години деноноќен труд, а како што велат од Бигорскиот манастир, за овој подвиг дури и се откажал и од своето работно место како подрачен директор на една голема компанија за мобилна телефонија.

– Слободно би можеле да кажеме дека речиси се повтори делото на великанот на црковниот дрворез, Петре Филипов Гарката, и воскресна едно најтаинствено и најпрефинето во светски рамки копаничарско предание – преданието на уникатната мијачка резбарска школа. Иконостасот за иконата „Достойно естъ“ се одликува со мошне длабока резба, идентична со онаа на главниот иконостас, така што до ситници е запазен размерот на длабочината, поставеноста на елементите, флоралната орнаментика, извесни минијатури, внатрешните спирални носачи на столбовите… Единствено во што се разликува е содржината на сценските прикази. Наместо сцени од Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет, од житијата на Мајката Божја, Свети Јован Крстител и др., на новата целивална се прикажани настани и мотиви од чудото на Пречистата, поврзано со Нејзината света икона. По идеја и во советување со нашиот старец Партениј, авторот Новица изработи вистински живопис во ореово дрво на чудесното собитие, како еден вид надополнение на приказот од самата икона. Централно место во резбата, на плочата под иконата, зазема јавувањето на Светиот Архангел Гавриил, во вид на монах, кој на „смирениот послушник на Гората Атонска“, пред иконата на премилостивата Владичица, му го пее преубавото ангелско песнопение „Достојно е навистина да Те ублажуваме, Богородице…“, и со својот прст ги запишува овие зборови на камената плоча. Околу оваа претстава неколку ангели држат во рацете свитоци на кои, на црковнословенски јазик, се напишани извадоци од Акатистот и канонот од службата за „Достойно естъ“. На столбовите лево и десно се прикажани сцените: саможртвата на пеликанот за своите рожби, смртно отруени од злобната змија (симболика за Христовата крстна жртва), и Живоносниот Источник – симболична претстава за Онаа Која ни Го роди Животодавецот и Дарителот на живата вода што тече во живот вечен. Над нив, свртени кон иконата, достоинствено стојат Светите Архангели Михаил и Гавриил. Веднаш над иконата два ангела држат свиток на кого е испишан целиот текст на песната „Достойно естъ“. Полукружниот лак го красат шест старозаветни пророци, кои во рацете држат свитоци со своите пророштва за Пресветата Богородица. Интересен детаљ, а воедно и авторска иновација во копаничарството, се предметите по кои најмногу се карактеризираат пророците. Така, на пример, крај Св. пророк Мојсеј во многу прецизна минијатура е изработена несогорливата капина; до Гедеон стои руното неоросено, Исаија држи клешта со вжарен јаглен, итн. На акротеријата е претставена Светата Троица, во облик на Тројца Ангели, слично на познатата иконата на Преподобниот Андреј Рубљов. На самиот врв е изработен крст со краци во форма на кринови, а среде него – Христограмот со буквите Α и Ω: Христос – почеток и крај, велат од Бигорскиот манастир.

Монасите од Бигорски велат дека копаничарот Столески, кој повеќе од 30 години професионално се бави со оваа умешност, долги години го проучувал делото на најпознатите мијачки резбари, многупати набљудувајќи го со часови бигорскиот иконостас.

-Неколку месеци од својот седумгодишен работен потфат, Новица ги помина во нашиот Манастир, каде непосредно се напојуваше со вдахновение од самиот извор за неговото дело. Сега, нов претстоен подвиг за него ќе биде изработката на слична целивална и за чудотворната икона на Св. Јован Крстител, која, според атонското правило за литургиско уредување на храмот, исто така ќе стои во наосот, од десната страна пред иконостасот, каде што и му е местото. Прекрасната резбана целивална за иконата „Достойно естъ“ покажува дека верата и пожртвуваноста за Бога и за Божјото дело и денес прават големи чудеса и возвишени достигнувања во црковната уметност и православно богословие прикажано во резба, велат монасите.

Инаку во овој иконостас ќе биде сместена чудотворната икона на Пресвета Богородица – „Достойно естъ“, која Бигорски ја доби прес седум години.

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *