Почетна Коментар Курбан Бајрам, 30 години подоцна
Курбан Бајрам, 30 години подоцна

Курбан Бајрам, 30 години подоцна

438
0

Првиот Бајрам кој го помнам е Курбан Бајрам од летото 1989 година.

Дедо ми и другите постари членови на семејството се подготвуваа да колат курбан во дворот рано наутро по бајрамската молитва, дури е свежо, а ние децата сè уште спиевме. Ме разбудија нивните гласови, па од љубопитност излегов на терасата скришно да гледам. На нас децата не ни беше дозволено да гледаме, но бидејќи беа зафатени со работа не се обѕираа нагоре. Баба ми, вујна ми и мајка ми подготвуваа разни јадења и слатки, па и тие не ме забележаа.

Кучето го тргнаа на страна, во визбата кај кравата, а кравата веќе беше на ливада. Го исчистија дворот и ископаа дупка. Го донесоа овенот и го легнаа со главата до дупката. Беше цврсто врзан за нозете и за роговите. Почекаа да се смири. Касапот кажа молитва: “Во името на Бога, ова е курбан од Хајрудин и неговото семејство.”

Ножот, добро наострен, помина по вратот на овенот, во еден потег, пресекувајќи ги двата крвни садови, а дупката набрзо се наполни со крв. Овенот престана да дише и возрасните се оддалечија од него. Ги спремија ченгелите и го закачија овенот со вратот надолу. Додека касапот лесно и брзо го отстрануваше руното од овенот, небаре лупи банана, друг ја затвори дупката со земја, од која крвта веќе беше впиена.

Од овенот останаа само копитата неискористени, па еден од братучедите и нив подоцна ги закопа. Практично ништо не се фрла од курбанот.

Постарите братучеди имаа должност да однесат по едно парче месо до соседите и роднините, а другиот дел беше за нас, за бајрамскиот ручек, кој вообичаено јас го поминав само со леб и сирење.

Откако се разбудија другите деца, односно братучетка ми и братучед ми, 3 години постари од мене, веќе немаше трага од овенот.

Доручкувавме од најубавата погача на баба ми и отидовме низ градот по бомбони, заедно со децата од нашето маало. Тоа беше прилика братучетка ми Сијана да нè запознае со секоја улица од малото гратче Гусиње, на северот на Црна Гора. Се чудев како братучед ми Емир од Сараево секогаш има повеќе бомбони од мене.:) Баба ми потајно ме тешеше: “Ќе ти додадам јас, па ќе имате исто.”

Потоа следеа уште 2 Бајрами, па Југославија крваво се распадна, а тие наши Бајрами со сите братучеди останаа во историјата. Се помрднаа кон пролетта, фатија зима, ја поминаа есента и еве за 30 години повторно се паѓаат во лето, кога и моите ќерки на свој начин ќе се сеќаваат на нив.

Моите баба и дедо одамна ги нема, а вујко ми е дедо на своите внуци. Во дворот повеќе нема ни куче, а ни во визбата крава. Местото е паркинг за коли, како во секоја куќа во ова време.

А ние во Скопје, според урбаните услови, на модерен начин го решаваме тоа. Парите во вредност на курбанот ги даваме во хуманитарна организација или во локалната џамија. Тие тоа го прават во кланици, далеку од очите на јавноста, како и секое богоугодно дело, а спремното месо го дистрибуираат до сиромашните семејства, а кој сака од донаторите може да си земе дел за бајрамската трпеза. Сè е чисто, со максимална корист за заедницата, со завршена обврска кон Бога.

Деновиве гледам како се крева дебата околу курбаните на Амди и масакрот среде улица. Јас не би кревал прашина околу нешто што е вон рамките на исламот, традицијата и човечкото, а е дел од сликата која соодејствува со владеењето на именуваниот и неговите.

Нека му ја мислат тие кои го гласаат сево ова време.

Мој став е дека на овој начин градовите треба да се ослободат од сточните пазари пред Бајрам, од изметот на добитокот по улиците и парковите, од овците кои блеат на балконите (иако сега по ретко) и од неискористените опашки и копита кои мачките и кучињата ги грабаат од контејнерите па ни смрдат под прозорците.

21 век сме. Исламот е религија на умереноста и на чистотијата. Да ги прифатиме современите алтернативни решенија, да направиме добро за многумина и да живееме во хармонија со соседите.

Пишува: Јасмин Реџепи

/civilmedia.mk

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *