Почетна Вести Конечно осветување на црквата каде се погребани двајца архиепископи
Конечно осветување на црквата каде се погребани двајца архиепископи

Конечно осветување на црквата каде се погребани двајца архиепископи

2.14K
0

Македонската православна црква утре в недела ќе го освети храмот на Свети Наум Охридски во скопската населба Радишани.

Долги години од почетокот на изградбата, црквата во која почиваат двајца поглавари на МПЦ-ОА, Архиепсикопот Михаил и Архиепископот Гаврил ќе биде осветена во рамките на одбележувањето на 50 годишнинта од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија како Македонска православна црква,

Претходно во саботата на 21 октомври 2017 година во 17.00 часот ќе биде отслужена Вечерна богослужба.

Покрај осветувањето на црквата истиот ден в недела ќе бидат осветени и обновените конаци и новата трпезарија.

Во април оваа година Архиепископот г.г. Стефан ја освети новата мабанарија и црковното ѕвоно изработено во Украина.

Инаку, храмот Свети Наум Охридски во Радишани е манастирски комплекс изграден во 1936 година, кога при ископувањето на темелите за изградба на овој храм селаните нашле остатоци од некој стар храм.

Со текот на времето и порастот на населбата Радишани таа станала главна соборна црква за целата населба и околните места, често посетувана за време на најголемите христијански празници, а во неа се извршуваат и венчавки и крштевки.  Во 1990 година, на местото на малата трошна манастирска црква, по иницијатива на тогашниот архиепископ г.г. Гаврил, почнала изградбата на новата црква.

Постарите жители се сеќаваат дека пред 25 години овде било ливада, со мала трошна црква, со стари руинирани конаци, каде што тие се собирале на верските празници.

Во монографијата посветена на манастирот „Свети Наум”, проф. д-р Ацо Гиревски протојереј открива еден интересен податок за поврзаноста на овој манастир со манастирот „Свети Јован” во скопската населба Капиштец.

Манастирот „Свети Наум” е изграден на иницијатива на Борис и Денко, лимари од Скопје по потекло од Куманово. Тие во 1937 година прво поставиле крст на локацијата, а во 1938 година изградиле манастир со скромни димензии и во форма на куќа од камен и малтер, која на исток завршува со полукруг – апсида, еднаков на поранешниот манастир „Свети Јован” во Капиштец.

– Со оглед на тоа дека од 1985 до 1992 година ја истражував историјата за манастирот „Свети Јован“ во Капиштец и за тоа напишав монографија, ми требаше само да ги споредам нештата како, на пример, времето, материјалот, луѓето, култот и фрескоживописот. Каква случајност, Господ Бог ме поттикна да ги истражувам двата манастира: „Свети Јован“ во Капиштец и „Свети Наум“ во Радишани. Сознанието е дека и двата манастира се градени во исто време, можеби од истите мајстори, со еднаква форма и ист материјал. Заеднички им бил и зографот Димитрие Андонов Папрадишки, кого го молеле во неговата длабока старост да ги зографиса и двата манастира, да ги комплетира иконостасите и да наслика неколку подвижни ликови. Она што е различно за двата манастира се двете еснафски занаетчиски групи. Тие во Капиштец се скопјани, по потекло тетовци, а тие во Радишани се скопјани, по потекло од Куманово, забележува проф. д-р Ацо Гиревски протојереј.

БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ЗА ВЕРНИЦИТЕ В НЕДЕЛА

Инаку за осветувањето на црквата в недела Скопската епархија организира и бесплатен превоз за верниците кои ќе сакаат да присуствуваат.

Ангажирани се автобуси на ЈСП кои ќе превезуваат до храмот во н. Радишани.

Првиот автобус, поаѓа во 08.00 часот од храмот ,,Св. Спас“ во населбата Драчево кон ,,Св. Илија“ и ,,Св. Јован Крстител“ кај мостот „Близнаци“ во населбата Јане Сандански и ,,Св. Архангел Михаил“ во населбата Автокоманда.

Вториот автобус, исто така поаѓа во 08.00 часот од храмот ,,Св. Петар и Павле“ во населбата Ѓорче Петров кон Соборниот храм ,,Св. Климент Охридски“ и ,,Св. Димитриј“ во Центар.

Третиот автобус, во 08.00 часот ќе тргне од храмот ,,Св. Петка“ во населбата Црниче кон ,,Св. Богородица“ во Центар и ,,Св. Георгиј“ во населбата Чаир на спојот на улиците Џон Кенеди со Цветан Димов.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *