Се прават напори за непречено одржување на церемонијата на Светиот Оган во Ерусалим за претстојната Пасха, но израелските власти поставуваат конкретни услови за нејзино одржување, поврзани со безбедноста и тековната состојба во градот.
Според достапните информации, три клучни предуслови мора да бидат исполнети: завршување на реставраторските зафати во храмот, обезбедување засолниште во случај на можен напад и гарантирање целосна безбедност за сите учесници.
Поради тековните работи, бројот на лица кои ќе можат да присуствуваат во Црквата „Светиот Гроб“ ќе биде строго ограничен на 50. Присуството на верници во околината ќе биде дозволено само доколку постои обезбедено засолниште за итни случаи, а пристапот ќе се одвива со специјални дозволи.
Израелската полиција паралелно се подготвува за церемонијата и за пошироките пасхални богослужби во градот, но се наведува дека сите настани можат да бидат изменети или откажани во зависност од безбедносната состојба.
Конечната одлука за одржувањето на церемонијата се очекува на 1. април, при што властите нагласуваат дека неопходно е целосно да се завршат подготовките и да се гарантирантираат услови за апсолутна безбедност.
Во меѓувреме, се појави и инцидент поврзан со богослужбите во Ерусалим. Израелската полиција го спречила Латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пицабала, како и претставник на Францисканците во Светата Земја, да влезат во Црквата „Светиот Гроб“ за да ја служат литургијата на Цветници.
Според заедничко соопштение на Латинската патријаршија и Кустодијата на Светата Земја, станува збор за преседан, при што за првпат по многу векови на црковните поглавари им било оневозможено да служат на овој празник во храмот.
Во реакцијата се оценува дека мерката е непропорционална и спротивна на принципите на верска слобода и почитување на воспоставениот статус на светите места, при што е изразена длабока жал што молитвата на еден од најзначајните христијански денови била спречена.
Откако започна воениот конфликт, Црквата „Светиот Гроб“, заедно со други свети места во Ерусалим, останува затворена за јавноста од крајот на февруари 2026 година.
Црквата „Светиот Гроб“ е едно од најзначајните светилишта на христијанството, со заедничко управување од страна на Католичката, Православна и Ерменската апостолска црква.

