
Комисијата за заштите од дискириминација бара извинување од Епископот Јаков – Јавните настапи му били дискриминаторски
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека епископот Јаков Стобиски извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Комисијата му наложи на епископот да се извини јавно, а доколку тој не го стори тоа, Комисијата ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд
Комисијата нотирала дека при јавните настапи епископот Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата кон ЛГБТИ-луѓето.
Епископот Јаков Стобиски во неколку јавни настапи деновива истакна дека ЛГБТ-лицата се „штетни за општеството“, а воедно ги нарекуваше „болни, сатанисти и посланици на ѓаволот“.
Во одлуката се вели дека иако Стобиски има право да ги искажува своите мислења и ставови јавно, не смее да охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група луѓе или, пак, јавно да се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање.
„Преку етикетирањето на трансродовите лица како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн., Јаков Стобиски сериозно го повредил нивното достоинство и создал непријателска и застрашувачка средина. Претставувајќи ја и зборувајќи за трансродовоста како за „епидемија на трансџендеризам“, „настраност“, „пореметување“ итн., тој тенденциозно, но и погрешно ја претставил трансродовоста како болест и нешто штетно и заразно. Дотолку повеќе, со ваквиот говор тој поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи, со тоа што предизвикал и охрабрил лавина реакции на социјалните мрежи во кои е содржан вознемирувачки говор кон ЛГБТИ-лицата“ – се вели во соопштението од Комисијата.
Комисијата исто така препорачува епископот во иднина да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.