Почетна Вести Христијанство Кирил од Имврос за 360 Степени – Охридската Архиепископија, 1000 години историја, тоа сте Вие
Кирил од Имврос за 360 Степени – Охридската Архиепископија, 1000 години историја, тоа сте Вие

Кирил од Имврос за 360 Степени – Охридската Архиепископија, 1000 години историја, тоа сте Вие

3.89K
1

Митрополитот на Имврос, Кирил од Вселенската патријаршија во интервју за 360 Степени ја обелодени целокупната постапка како течел процесот на прифаќање на МПЦ-ОА во канонско единство, посочувајќи дека во ниту еден момент Вселенскиот патријарх не ја игнорирал СПЦ, напротив, токму СПЦ го игнорирала решавањето на црковното прашање во Македонија. Митрополитот Кирил, кој важи за исклучително близок до Вартоломеј и кој во моментов е задолжен за комуникацијата со МПЦ-ОА дава многу отворени одговори на прашањата и како ретко кој владика е брутално искрен. Томосот од СПЦ го оценува како срам за Црквата.

-Тоа е провокација, тоа е, дозволете да се изразам така, срам за Црквата. Додека сите стари патријаршии и стари автокефални Цркви и поновите никогаш не направиле такво нешто, сега дојде една од новите патријаршии, веројатно најмалиот според редот на патријарсите, Порфириј, српскиот, и го направи овој голем престап, да даде автокефалност. Кому? На една црква која, за жал, над 50-60 години ја држеа во изолација, ја мачеа, ја обвинуваа, ја клеветеа, ја озборуваа со најлоши зборови, основаа друга црква во рамките на оваа црква, за да можат да ги контролираат состојбите и сл. И кога видоа дека работите почнуваат да земаат еден друг замав, – со ставот на Руската црква, за жал, Србите се приклучија кон Руската црква, станаа орган на Руската црква и по налог на Руската црква – го направија овој голем престап: да ја дадат таа лажна хартија – та тоа нема суштина, тоа е лажен томос, никој го нема признаено, баш никој, освен Русија, која од конкретни причини го стори тоа, вели владиката Кирил во интервјуто за 360 Степени, кој практично е првиотр владика на Вселенската патријарпија што зборува за македонски медиум.

Тој откри детали од комуникацијата со СПЦ, откако МПЦ-ОА го поднеле барањето за апелација пред Вселенската патријаршија.

-Се разбира, тоа е една многу долга приказна, за тоа што точно се случи во текот на целиот овој период, за да стасаме до каде што стасавме, но како што ви кажав, мораме со искреност и со чесност да му кажеме на народот, за и народот да ја дознае вистината. Кога со години Вселенската патријаршија се обидуваше да најде решенија, тие што нè туркаа в ѕид беа самите Срби. Кога се склучи Преспанскиот договор и заврши прашањето со името, патријархот веќе, по консултација со владата овде, со владата на Грција, ги молеше, буквално ги молеше Србите да дојдат и да седнеме на маса, за да изнајдеме решение. Пишувавме писма до блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, за да дојдат, да разговараме за ова прашање. И тој не ни одговори. Патријархот (вселенски) не сакаше да направи нешто игнорирајќи ги Србите, од љубов и од почит. Патријархот ја почитува и сака секоја држава, секоја земја, секоја нација, секој народ; ги признава неговите права, го признава нејзиниот територијален интегритет, го признава идентитетот, националниот идентитет на една држава. Патријархот не настапува, за да се вмеша и да стане окупатор. Не. Вселенската патријаршија сака да даде решенија и да помогне помесните цркви да излезат напред, да бидат слободни, за да можат и тие да им помогнат на луѓето, на народот. Затоа што тоа е мисијата на секоја помесна црква. Пишувавме, значи, писма, не ни одговараа. Умира блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, доаѓа Порфириј. Му напишавме едно, му напишавме две (писма), не одговори. Третиот пат му подрековме: „Видете, ако не ни одговорите, ќе бидеме принудени да продолжиме самите“. Тука работите малку натежнаа. И ни пишува едно писмо, кое поскоро беше малку невкусно исмевање кон вселенскиот патријарх. Тој напиша: „Да, да се сретнеме и да разговараме, но сега не можам, затоа што одам во термални бањи на терапија. Исто така, и архиепископот Стефан, и тој ќе оди во термалните бањи на терапија“. И иако ни го напиша ова писмо, ние дознаваме – бидејќи денес сè се дознава лесно – дека тие имале тајна средба во Ниш, каде што биле договарани работи одзади грбот на Вселенската патријаршија и со укажувања од Руската црква. Тоа се нечесни работи. И тогаш, значи, Вселенската патријаршија рече: Го искористувам правото на еклитон (апелација) што го побараа јерарсите на Охрид. Им давам каноничност. Дека се канонски, немаат проблеми, ги признаваме. И тоа беше едно многу големо нешто. Помислете само, толку години луѓето живееја во раскол овде, и епископите, свештениците, монасите, монахињите, се вршеа свети таинства, венчавања, крштевања, погребенија, божествени литургии, хиротонии… под претпоставка „шизматички“. Патријаршијата постапи според икономија и рече: Го признавам сето тоа. Заради тоа што се направени во името на Света Троица и заради тоа што нема догматски проблем со конкретните клирици и јерарси, сето ова го признаваме и продолжуваме сега, за да го решиме прашањето, еклисиолошко и црковно. И тука Русите, растревожени да не ја изгубат и оваа земја – затоа што, за жал, тоа е целта, наметнувањето на Русија на оваа земја – и ги натера Србите, брзо-брзо, брзо-брзо, да го дадат тој псевдотомос, којшто сѐ друго, освен што помогна. Во стварноста ја зароби овдешната Црква на Охрид, бидејќи никој не ја призна оваа автокефалност, вели митрополитот од Вселенската патријаршија.

Она што сепак е највпечатливо од ова интервју е што конечно станува јасно дека Вселенската патријаршија ќе ја впише МПЦ-ОА во диптихот на автокефални цркви под името Охридска Архиепископија, а со тоа МПЦ-ОА ќе добие и верификација дека е наследничка на целокупната илјадагодишна историја на Охридската Архиепископија.

– Патријаршијата не доаѓа за да наметне никакво име. Но, доаѓа за да каже: внимавајте, ќе ставиме нешто што нема да биде национално, ќе биде чисто црковно. И што прави? Го дава именувањето Охридска архиепископија. Една историја од илјада години, Охридска архиепископија! Илјада години! Размислете за тоа! Доаѓа кај една црква што е оформена денес и ѝ дава историја од илјада години. Еве – вели – ова е твојата историја. Тоа сте вие. И не сакаат. Не сакаат!, вели Кирил во интервјуто за 360 Степени.

Тој псочува дека овде се шират фалсификувани лаги дека Патријаршијата доаѓа за да ја пороби Црквата.

-Воопшто, ама баш воопшто не е така. Згора на тоа, Патријаршијата, кога би имала таква цел, би можела да каже – што? „Господа, вие сте митрополија на Српската црква, ве признавам како митрополија на Српската црква“. И дотаму, доволно. Како што впрочем е и сега. Затоа што сега во стварноста Охридската црква е една митрополија на Српската црква, како што е, на пример, Архиепископијата на Америка за Патријаршијата, Архиепископијата на Австралија за Патријаршијата, автономната Црква на Крит за Патријаршијата – така таа не е автокефална црква. Со што и како делува како автокефална црква? И во што постапила Охридската црква како автокефална, без да праша или без да го направи она што ѝ го наметнуваат Русија и Србија? Доаѓа (вселенскиот) патријарх и вели: „Не, чеда! Треба да бидете слободна црква. Да бидете признати како автокефална, слободна Црква“. Затоа што секоја држава, слободна држава, секоја слободна земја има право да има своја црква. Како што се има создадено статус квото досега толку векови. Значи, слободата на една црква е дел од идентитетот на слободата на државата. И слободата на црквата ја помага слободата на државата, на нацијата, на родот, вели владиката Кирил.

„360 степени“: Дали има и кој е главен услов за томост да дојде од Вселенската патријаршија?

Г. Кирил: „Мислам дека треба да тргнеме од прашањето за признавање и сослужение со Украинската црква. Да се признае петнаесеттата црква, за да продолжиме кон шеснаесеттата.“

Коментар(1)

  1. Проблемот не е во него проблемот е во г. Г. Стефан што прима секакви квази владици на Константинополската Патријаршија кои во МПЦ не гледаат ништо друго освен проширување на нивната јурисдикција. А за Г.Г. Стефан гледајте го неговото интервју за хрватската телевизија HRT и се ќе ви биде јасно. Еднаш молат за томос и на тацна го добиваат, еднаш велат тој не е валиден, да не беше трагично ќе беше смешно, но тоа е МПЦ и резултатот од расколот од 1967, без компас за жал.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *