Почетна Вести Како ќе изгледа редоследот на струшката Литија?
Како ќе изгледа редоследот на струшката Литија?

Како ќе изгледа редоследот на струшката Литија?

796
1

Посебен протокол, со вклученост на многу елементи со симболични значења ќе бидат карактеристични за годинешната седма по ред струшка Литија, што се организира на 7 мај за Ѓурѓовден. Монашкото братство од „Бигорскиот манастир“ кое е и возобновител на идејата за Литијата го објави редоследот како таа ќе изгледа.

Литијата ќе почне по вечерната богослужба во 17 часот од храмот посветен на „Св. Вмч. Георгиј Победоносец“ во Струга.

litija struga 4На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Георгиј како покровител на полициските сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста во нашата заедничка Татковина, велат од Бигорскиот манастир.

Помеѓу возилото и Литијата ќе дефилира на коњ посебен редар и најавувач на процесијата, кој ќе биде облечен во автентична трибунска облека од времето на древната Римска Империја, односно од времето кога живеел Св. Георгиј Победоносец.

На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство кој ќе го бие клепалото, носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир , оркестарот на град Скопје, чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, сестринството од манастирот во Рајчица, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф.

Оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј, покрај тоа што ќе бидат носени од страна на видни струшки граѓани, ќе бидат чувани и од посебна мијачка гарда, кои во знак на славниот и многу значаен за нашата историја крај од каде што доаѓаат моштите, односно од мијачките манастири – Бигорскиот и Рајчичкиот, ќе бидат облечени во мијачка носија.

-Со цел да се запази редот на Литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата Литија заради мноштвото народ, пожелно е да му оддадат достојна почит на Светиот, стоејќи на обете страни на улицата и поздравувајќи ги моштите со фрлање на цвеќе, бидејќи тоа е вистинскиот начин да се пречекаат моштите и така да се стекне благословот на Св. Георгиј, апелираат монасите од Бигорски.

Коментар(1)

  1. Колку што знам ниту црковните лица не смеат да се дрзнат да се допираат до ковчегот со светите мошти, ако не се облечени во црковни одејанија, а за цивилни граѓани, колку и да се видни не доаѓа во предвид.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *