Почетна Анализа Каде се образовал Свети Климент Охридски – науката сѐ уште трага
Каде се образовал Свети Климент Охридски – науката сѐ уште трага

Каде се образовал Свети Климент Охридски – науката сѐ уште трага

330
2

Веќе 14 години на 8 декември Македонија го чествува државниот и црковен празник Свети Климент Охридски како ден на словенскиот просветител, првиот словенски епископ и основач на Охридската книжевна школа.

Делото што Свети Климент Охридски го оставил зад себе и на кое денес се темели македонската просвета е едно од најзначајните културно- образовни наследства.

Од Епископ, преку просветител, до народен учител, Свети Климент бил двигател на процесите во тој временски период, кога голем дел од населението било неписмено и необразовано. За да може да го постигне се ова, да образова над 3.500 ученици низ неговиот Светиклиментов Универзитет, тој морал да биде човек со големо образование. Но, за науката се уште останува неодговорено прашањето каде всушност, се образовал Свети Климент Охридски. Дали како млад човек се школувал во некои високошколски центри на Балканот или во Цариград?

Професорот Ратомир Грозданоски од теолошкиот факултет во Скопје, во своите книги посветени на Свети Климент Охридски пишува дека науката се уште нема точен податок каде тој се образовал, но потенцира дека тој добро ја познавал византиската култура.

– Кога ги анализираме книжевните творби на свети Климент, доаѓаме до заклучок дека бил солидно образован теолог и дека поседувал знаења кои можеле да се здобијат само преку едно солидно систематско проучување на сите богословски дисциплини. За нас останува неодговорено прашањето, дали свети Климент како млад човек се школувал во некои високошколски центри на Балканот или во Цариград, зашто не можеме да претпоставиме дека ваквата теолошка и високообразована подготвеност, можел да ја здобие само од своите свети учители, Светите Кирил и Методиј, за време на нивното мисионерско дејствување меѓу западните Словени. Оваа наша претпоставка се темели и врз фактот што тој како македонски Словен не можел така солидно да го владее грчкиот јазик и да се оспособи да преведува, односно да учествува во преведувањето на Светото писмо – Библијата, а и други текстови од богослужбените книги, ако немал солидно високошколско образование и долго заедништво со светите браќа Кирил и Методиј – вели професорот Грозданоски.

Доказ се неговите творби

Тој објаснува дека за неговото образование може само да се создаваат претстава врз база на неговите творби, кои говорат за човек што многу добро ја познавал теолошката литература, кој имал осет за композиција и мерка за израз и сликовитост.

– Тоа е силна гаранција за неговата висока наобразба. Инаку, тешко може да се помисли дека Византија би пратила неук човек во борба против латинското свештенство. Од млади години Свети Климент го придружувал Свети Методиј. Се претпоставува дека Свети Климент можел да се образова под закрилата на Свети Методиј, уште кога овој бил управник на една словенска област, веројатно Брегалничката – вели професорот на Богословскиот факултет.

Тој смета дека Свети Климент токму поради тоа што имал солидно образование на византиската култура, ги подготвил оригинални свои планови за создавање на една таква христијанска култура во Македонија, но со чисти, народни белези и специфики, како јазик – словенско македонски, култура – народна, ерархија од истиот род, своја писменост и развој во сите сфери. Неговата реформаторска дејност била верска, просветна, образовна, културна, црковна и општествено – политичка, вели професорот Грозданоски.

Се претпоставува дека напишал околу 40 слова, но само на 14 од нив го потпишал своето име. Тој, освен со пишување, се заминавал и со преведување и го превел Цветниот триод. Постои претпоставка дека е автор и на Панонски легенди.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(2)

  1. Ako sme po poteklo Anticki makedonci, zosto slavi me slovenski prosvetiteli, zosto prisvojuva me tudja istorija, prosveta I kultura I zosto ja proklamirame kako nasa?

  2. Историската вертикала не препознава и како стари Македонци, Илири, Траки, Славјани, модерни Македонци заради земјата и верата што не сплотува одсекогаш…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *