Почетна Политичка теологија Истражување: Секој трет не верува во пописните резултати
Истражување: Секој трет не верува во пописните резултати

Истражување: Секој трет не верува во пописните резултати

112
0

Помалку од една третина од граѓаните веруваат во веродостојноста на пописните резултати во делот на етничката припадност, нешто помал е процентот на оние кои веруваат во официјалните бројки за религиската определба. Сомнежите за веродостојноста на пописните резултати, граѓаните ја темелат на политичките интереси, лошиот закон, коронавирусот, бојкотот за кој генерално сметаат дека бил контрапродуктивен. Верските заедници воопшто не влијаеле во изјаснувањето на граѓаните за својата верска определба. Ова се дел од генералните заклучоци од последното истражување на јавното мислење насловено „Попис 2021: Приказ на мултиетничкиот и мулти-религискиот карактер на општеството“, што го спроведоа Институтот за политички истражувања-Скопје (ИПИС) и интернет порталот Religija.mk, заедно со Фондацијата Конрад Аденауер – КАС, во рамки на проектот „Република Северна Македонија како мултиконфесионално општество“.

Бидејќи официјалните пописни резултати најмногу реакции предизвикаа во делот на верската определба на граѓаните, еден од аспектите на ова истражување е насочен во тој правец.

На прашањето „Дали попишувачите најпрво ве прашаа, дали припаѓате на некоја религија или само на која религија припаѓате?“, најмногу 35% од испитаниците одговориле дека „Не се сеќаваат“, 26,9% „директно на која религија припаѓаат“, а 26,5% прво биле прашани „дали припаѓаат на некоја религија“.

На следното прашање: „Дали ве прашаа генерално на која религија припаѓате од типот христијанска, муслиманска и слично, или ве прашаа и попрецизно (на која деноминација сте), на пример доколку сте христијанин дали сте православен, католик и сл. или доколку сте муслиман дали сте сунит, шиит и сл.?“, 27,6% одговориле дека прашањето било генерално, додека пак 19,6 % дека од попишувачите биле попрецизно прашани. Висок процент 39%, не се сеќаваат.

Дури 83 % од испитаниците во истражувањето одговориле дека немале никаква препорака од својата верска заедница како да се изјаснат на пописот. Околу 45,3% испитаници сметаат дека била потребна поголема информираност за начинот на изјаснување на верската определба при пописот.

Одлуката да се попишат или да не се попишат, најголемиот дел од граѓаните ја донеле сами, без сугестии од надворешни фактори. За поголем процент граѓани особено кај оние со православна деноминација, резултатите од пописот се контроверзни и тие не ја отсликуваат реалната состојба во однос на етничката припадност во државата. Генерално главната причина поради која испитаниците кои немаат доверба во пописните резултати е дека тие сметаат дека пописот бил наместен, а како втора причина го посочиле бојкотот на пописот кај дел од населението.

Голем дел односно 65% од испитаниците сметаат дека на пописот треба да има графа за етничка припадност, а нешто помалу 58% дека треба да има графа за верска или религиска определба.

Вкупни 56,6% анкетирани сметаат дека кампањата за бојкот на пописот била контрапродуктивна.

Истражувањето е подготвено, пред и за време на објавувањето на резултатите, а спроведено во првата половина од Април 2022, веднаш по презентацијата на резултатите од пописот од страна на Државниот завод за статистика (ДЗС) на 30 Март 2022.

Самото истражување е поделено во три дела, кои испреплетуваат прашања кои треба да ја отсликаат перцепцијата на граѓаните за пописот, резултатите, како и за влијанијата врз одлуката на оние кои учествувале, или не учествувале во пописот.

Иако примарна цел на истражувањето е религиската определба, како паралела со пописните резултати, сепак во истражувањето се вклучени прашања околу мислењата на граѓаните за целиот пописен процес, што пак го први прво вакво истражување, по објавувањето на резултатите, кое дава слика и оценка на граѓаните за пописот и нивното мислење за веродостојноста и евентуалните влијанија врз пописниот процес.

Во истражувањето беа вклучени 1114 испитаници со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование. Стратификацијата е соодветна со најновите податоци од Државниот завод за статистика. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *