Митрополитот Тимотеј од Ерусалимската патријаршија ги посети и Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица. Неговата поклониќка посета на македонските свети места поминува низ Скопје, Струмица, Охрид.
Од Бигорски велат дека митрополит на Востра и егзарх на Пресветиот Гроб Христов за Кипар, Тимотеј е долгогодишниот пријател на епископот. Партениј, но овој пат двајцата владици не се сретнале бидејќи Партениј и група монаси и монахињи е на поклоничко патување на Метеорите.
-Овој ценет и драг гостин, заедно со група верници од Кипар, неколку дена престојуваше на поклонение на нашите светињи. Откако претходно имаше можност да ја посети Струмичката епархија и на празникот на светите цареви Константин и Елена да сослужува со Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, тој пристигна во посета на нашите свештени Обители. Тука, во име на Старецот, со негов благослов, поради отсуството на целото братство кое беше на поклоничко патување, високиот гостин беше пречекан од сестрите монахињи, најпрвин во Бигорскиот манастир, а потоа и во светилиштето на свети Георгиј во Рајчица. Оваа средба, исполнета со срдечност во духот на Христовата љубов, во срцата на сите присутни остави неизбришлив впечаток дека во Христа сите сме едно. Тоа го истакна и самиот наш гостин, кој со голема љубов пред својата група верници ги сподели спомените и духовната блискост со нашиот сакан Старец. Митрополитот Тимотеј особено ја искажа својата благодарност кон Бога што овде, во нашите светилишта, можеше да ја посведочи „големината на духовното дело и плодовите кои произлегоа од монашката жртва на преосвештениот Антаниски Партениј, кој повеќе од три децении ревносно го твори евангелското дело.“, велат од Бигорски.

