Во рамките на проектот „Хиландарски светилник“, во кој деца од Источна Илиџа, Чачак и од Косово и Метохија престојуваа од 23 до 30 јуни 2026 година во Охрид, биле вклучени и монаси од Хиландарскиот манастир на Света Гора. Во веста што манастирот ја објави на Фејсбук пишува дека кампот под назив „Православието и духовноста нè поврзуваат под закрилата на молитвата“, е со благослов на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, а го организираше Здружението „Мир, слога, стабилност – Скопје“ од Северна Македонија.
-Добротворно-образовните здруженија на Светиот манастир Хиландар, „Теофил“ од Чачак и „Теофилос“ од Солун, собраа 45 деца, кои поминаа една седмица со своите врсници од Северна Македонија, со секојдневни интерактивни, ликовни, музички и фолклорни работилници и посети на околните знаменитости на Охрид. Овој град на брегот на Охридското Езеро е познат по богатото духовно наследство и по своите 365 православни цркви – по една црква за секој ден во годината. Денес има 40 зачувани и обновени храмови, пишува во објавата на Хиландар.
Хиландарските монаси ги посетиле учесниците на кампот на вториот ден. Меѓу нив бил првиот епитроп на Светиот манастир Хиландар, јеромонахот Арсениј, во придружба на јеромонахот Исаија, јеромонахот Нектариј и монахот Симон.
-Тие на децата, организаторите и воспитувачите им ги пренесоа благословите и поздравите од Високопреподобниот архимандрит Методиј, игумен на Светата царска српска лавра Хиландар на Света Гора, како и од целото братство. Монасите времето го поминаа во дружење и разговор со децата, а учествуваа и во нивните дневни активности, како што беше ликовната работилница, пишува во објавата.
Програмата на кампот опфатила учество во литургиски собири, како и посети на бројни светилишта, меѓу другото и на манастирот „Свети Наум“ и на црквата „Свети Климент“ на Плаошник, каде што учесниците имале можност да се поклонат на моштите на Свети Климент и Свети Наум, зачетниците на словенската писменост.

