Црквата на Преображението Господово од 12. век во Полотск, Белорусија, е во процедура за можно вклучување на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Станува збор за еден од највредните и најдобро сочувани средновековни православни храмови во Источна Европа.
Според белоруските власти, објектот претставува исклучителен пример на црковна архитектура, зачуван речиси во оригиналната форма. Посебната вредност на храмот лежи во фактот што околу 80 проценти од фреските од 12.век се сочувани до денес, што е исклучително редок случај за објекти од тој период.
Црквата е дел од манастирскиот комплекс на Света Ефросинија во Полотск и била изградена во 1150-тите години по нејзина иницијатива. Света Ефросинија од Полотск се смета за најзначајната светителкс во белоруската духовна традиција.
Храмот е еднокуполен, со шест столбови и е најдобро сочуваниот споменик на старата полоцка архитектура. Надворешниот изглед се одликува со монументалност, единечна апсида и карактеристична слоевита композиција, со декоративни лакови и постепено заострување на формите кон врвот. И покрај одредени интервенции во подоцнежните векови, средновековната основа на објектот останала недопрена.
Во внатрешноста се зачувани оригинални фрески од 12. век, а тековните реставраторски работи имаат за цел отстранување на подоцнежните насликувања. Дополнителна вредност претставува и неодамна откриена фреска во ќелијата на Света Ефросинија, која го прикажува првобитниот изглед на храмот.
Црквата била активна и во советскиот период и долго време била единствениот функционален храм во Полоцката епархија. Во 2007 година куполата била позлатена, а две години подоцна бил поставен нов иконостас.
Белорусија во моментов има четири материјални објекти впишани на Листата на светско наследство на УНЕСКО, меѓу кои шумата Беловешка шума, замокот Мир и дворско-парковскиот комплекс во Несвиж. Црквата на Преображението и катедралата Света Софија во Полотск уште во 2004 година биле предложени како потенцијални кандидати, а актуелната иницијатива повторно го става овој исклучителен споменик во фокусот на меѓународната културна јавност.

